Фудбалот не го менува светот

19.05.2011 14:44
Сајмон Купер

Неодамна CNN ја објави листата со десетте најважни спортски настани кои го смениле светот. Неодржаниот натпревар меѓу Динамо и Црвена ѕвезда на загребскиот стадион Максимир во 1990 г. се најде на петтото место според важноста.

Ако тогаш не забележувавме, тогаш сега треба да се прашаме какви се тајните врски меѓу политиката и спортот, со посебен нагласок на фудбалот.

За тој натпревар, за садистичките игри на Фрањо Туѓман со Динамо, како за бројни други ривалитети со политичко-мафијашка заднина во средината на 1990-те пишуваше Сајмон Купер, новинар на Financial Times, во својата книга „Football Against The Enemy“. За жал, или за негова среќа, таму некаде и престана да ги следи случувањата на нашите полиња.

Книгата е завршена 1996 г. Дали планирате некое ново издание кое би го опфатило и новото соперништво меѓу Хрватска и Србија?

Има доста нови работи за пишување, посебно за новото ривалство, ама не планирам ново издание. Тоа го работев додека бев многу млад и патував една година со малку пари и запишував. Тоа сега е зад мене, а дополнувањето би им го оставил на други луѓе, кои се млади.

Која приказна ви беше најинтересна? Конкуренцијата е жестока: од источноевропските до јужноамериканските, а пишувавте и за ривалиствата меѓу Rangers и Celtic во Шкотска, како и оние во Холандија и Германија.

Приказната за Динамо од Киев ми беше доста шокантна. Тие извезуваа делови за нуклеарни ракети. Иако, кога малку ќе размислам за сè, сега главно се сеќавам на местата во кои бев и луѓето со кои се среќавав, не толку на приказните.

Неодиграниот натпревар меѓу Динамо и Црвена ѕвезда CNN го прогласи за еден од најважните натпревари кои го сменија светот. Ги менува ли спортот политичките прилики?

Значењето на тој натпревар го споменувам во книгата, ама не мислам дека фудбалот го менува светот; тој не ги менува нештата. Мислам дека фудбалот сепак им кажува на луѓето што се случува во земјата и мислам дека конкретно таа средба, пред сè, на луѓето им велеше дека земјата се распаѓа и дека нештата ќе тргнат на лошо. Тоа им помага на луѓето да сфатат што се случува, но не мислам дека играта може да ја промени историјата. Не верувам ни дека тој меч ја промени историјата.

Тогашниот селектор на југословенската репрезентација Ивица Осим се прашуваше дали победата на југословенскиот тим на Светското првенство во Италија би ги променила понатамошните случувања во земјата, дали би ја одржала Југославија, или барем би била избегната војната?

Тоа не би ги сменило нештата. Луѓето од светот на фудбалот не сфаќаат многу работи во политиката. Сигурен сум дека грешел, тоа било романтична идеја.

Идејата за фудбалот е романтична, но се загубила некаде?

Фудбалот не е вистинскиот свет, таму сè е вештачко, сите се преправаат. Не смееме да мислиме дека фудбалот е повеќе од тоа, не смееме да мислиме дека може да промени нешто. Фудбалот е забавен и не значи ништо. Во вистинскиот свет имаме војни, се случуваат ужасни работи, и најдобрата работа во фудбалот е тоа што ве прави среќни. Тој не е толку важен. Само придонесува за миг или за некој ден да заборавите на проблемите.

Пораснавте во Холандија, па во книгата опишувате на кој начин Холанѓаните ја славеа победата на Европското првенство во 1988 г., а посебно победата над Германците, која е сфатена како одмазда за окупацијата и злото кое Германија ѝ го нанесе на Холандија за време на Втората светска војна. Колку се изменија нештата?

Доста работи се променија. Германците и Холанѓаните сега се пријателски настроени и навивачите се поддржуваат меѓусебно. Непријателството речиси исчезна во целост, а сè беше доста поврзано со Втората светска војна. Сега, 65 години по војната, Холанѓаните не го чувствуваат истото кон Германија.

Дали таа 1988 г. и победата на Холандија над Германија на ЕП беа клучни конечно да се заборави војната?

Мислам дека тоа беше година кога нивното ривалство беше најголемо. Холандија излечи бројни фрустрации и по тој меч беше многу поопуштено и помалку битно да се победи Германија.

Постојат примери на спој меѓу политиката и клубовите или репрезентациите, како онаа на Северна Кореја, чии играчи не си поминаа најдобро по враќањето од СП, иако самиот пласман им беше голем успех?

Се вратија понижени, и тоа беше неуспех. Слушнав дека играчите биле казнети, и тоа е типично за диктаторските режими кои веруваат дека играта на националниот тим може да ја разубави сликата за земјата од која доаѓаат. Тоа беше заедничко и за сите источноевропски држави кои, сепак, се сменија. Тоа што се случи во Северна Кореја е многу слично со она што Сталин им го правел на своите спортисти.

Според вас, кои се најголемите ривалства во фудбалот?

Зависи како се мери. Rangers и Celtic, Ajax и Feyenoord... Ривалството не мора да биде насилно. Да речеме, соперништвото меѓу Manchester United и Liverpool повеќе не е насилно, но емоциите се силни. Најсилни емоции има меѓу Rangers и Celtic. Зад сето тоа повеќе стоеја верските односи, но денес малку луѓе веруваат во господ, а ривалството и понатаму е силно.

А меѓу репрезентациите?

Сега тие соперништва се далеку послаби во Европа, бидејќи горе-долу сите имаа силни чувства против Германија. Тоа е посебно случај со Англија. Денес тоа веќе не е толку битно.

Тоа е добро за фудбалот?

Го прави пријателски, ама и помалку интересен.

Африканскиот фудбал е сè позначаен. Мислите ли дека наскоро некој африкански тим ќе победи на СП?

Се плашам дека нема. Во мојата последна книга „Soccernomics“, која ја напишав во соработка со спортскиот економист Стефан Шимански, покажавме дека богатите земји подобро поминуваат во меѓународниот фудбал. Тоа се гледа и според исходот од последното СП. Дури и на СП на нивниот континент сите тимови, освен Гана, излегоа во првата рунда.

Верувате ли дека некој вид балканска лига би можела да биде обединувачки фактор, чекор пред политиката?

Би било одлично кога би се основала балканска фудбалска лига. Како што веќе реков, не мислам дека фудбалот го менува светот. Ако се основа балканска лига, тоа само ќе значи дека поранешна Југославија оздравува. И тоа би било прекрасно.

Извор: Novossti.com

ОкоБоли главаВицФото