1021 hPa
87 %
7 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 03:59
Автобус
Автобусот застана на постојката, а од предната врата се качија неколку постари луѓе. Срамеж ливо ја свртев главата кон прозорецот, додека бавно поминуваа покрај мене. На крајот остана еден, исто постар човек, но тој беше видливо различен, така што веќе не се срамев од тоа што не ми се стануваше. Човекот се фати за еден држач, оддалечен оттука, со страв да не им пречи на луѓето од најблиските седишта. Не се обѕираше наоколу во очекување некој да стане, беше концентриран на себеси, свесен дека го гледаат. Дури и некој да му понудеше да седне, тој би се засрамил и би се стуткал, очигледно дека не беше навикнат да биде почитуван. Во животот најверојатно не успеал многу, тоа се гледаше и по неговата облека, згора на сè, под палтото носеше и јакна од некое јавно скопско претпријатие. Можеби порано бил и дрзок, но со текот на годините спласнал, и се смалил. Немал енергија да се опира на сè. Можеби нема
ни семејство, па е навикнат сè да прави сам, без да има кого да повела за топол чај или за кафе. Да учел, можел да стане професор, во најмала рака уредник или директор, тогаш намуртено ќе очекувал од другите да станат, оти неговата телесна тежина несомнено ќе беше поголема.
Ѕидови
За мене секој човек е како ѕид кој не можам да го прескокнам, па најдобро е да го заобиколам. Но, како по правило, секогаш после него има и друг, па, оти сум од оние на кои полесно им е да ја свртат главата отколку да се соочат, излегувањето пред трето лице само ја истакнува мојата ништожност, оти невозможно ми е да ја кренам главата толку високо до каде моите очи се издигаат, а за кои другите велат дека и не се така големи.
Продавачката на бурек
Секогаш кога влегувам во бурекџилница се насмевнувам, продавачката се нервира (таа не сака да го работи тоа, а носи и мантил). Брзо ме опслужува и се повлекува, толку е раздразнета што може да се расплаче. Еднаш дотерана влезе во барот каде што пијам кафе, седна на масата до мене и откако нарача, ме забележа, но се направи како да не ме препозна. Тогаш ја викнав келнерката и ѝ кажав дека таа е продавачката на бурек, „само е дотерана“,ѝ реков. Келнерката зачудено ми рече „па што“, иако некни го избрка продавачот на весници да не продава внатре. Додека јас ѝ шепотев на келнерката, продавачката почувствува дека станува збор за неа. Сепак, кога ја послужуваше, келнерката не беше веќе така љубезна како порано, во секој случај келнерките се барем едно скалило погоре. Не носат мантил и се облекуваат како што знаат и умеат. Обично шетаат слободно. Еве, келнерката помина и, откако ја праша, седна со продавачката и двете почнаа да разговараат речиси интимно. Станав и си отидов. Следниот ден гледам дека продавачката работеше како келнерка. Сега не ми беше до насмевнување, седнав тивко на масата и чекав.
МКЦ
Луѓе се симнуваа од автомобилите, други стигнуваа пеш, беше ладно, магливо, па забрзано пристапуваа и купуваа карти на шалтерот, тупкајќи со нозете. Со наместен израз, девојките со мали чантички чекаа да влезат, распрашувајќи се меѓу себе за филмот. На ближниот тротоар проститутки шетаа и си дофрлаа наведнувајќи се на прозорците од застанатите автомобили... Светлата над нив, поради магливоста, како да светеа помалку, но тоа повеќе како да се однесуваше на луѓето од филмот, а помалку на проститутките. Сите влегоа а надвор пред киното не остана никој. Вратите се затворија и додека внатре филмот почнуваше, проститутките останаа надвор; беше тоа приказна за напуштено девојче кое мораше да се проституира; за скитник кој го изгубил богатството; за професор кој полудел, па не е веќе естаблишмент; беа тоа приказни за љубов, омраза и нивните последици, а луѓето ги гледаа со отворена уста и со доза на сомнеж.
Жителите на едно село
Жителите на едно село речиси сто години се смееја на еден виц. Секако дека не смеат да се занемарат неговите безбројни верзии, разните интерпретации и неспорната способност за изведување на артистичко-кловновски расположените селани.
Нивната рецитирачка, гестикулативна, акробатска изведба на која можеше да им позавиди и најдобриот театар, а што повремено прераснуваше во спектакл на десетици мажи и жени околу огнот кој искреше сретсело, на Василица или на друг празник, не успеа да насмее еден странец.
Тоа беше почетокот на крајот.
Сотир Ристо (1974, Леска, Мала Преспа) е писател и поет од Република Албанија. Пишува на македонски и албански. Расказите што можевте да ги прочитате овде се земени од неговата книга „Продолжено образование“ во издание на Антолог од Скопје.
„Продавачката на бурек“ и
Испратено на 20 мај 2011 од Иван„Продавачката на бурек“ и „МКЦ“ се одлични раскази. А „Жителите на едно село“ е извонреден!
Жителите на едно село е едно
Испратено на 20 мај 2011 од marijana2Жителите на едно село е едно мало ремек-дело.