Реакции по филмот за чеченската војна

17.06.2009 14:55
Владимир Макањин

Уметничката вредност на романот на Макањин „Асан“, како и неговите раскази по кои е снимен овој филм не се спорни, но им се негира веродостојноста: дали пушката (во филмот) се носи вака, дали во првата војна се користеле мобилни телефони, дали писателот видел дека руските војници навистина им продавале бензин на Чеченците...

Кога минатата година угледната книжевна награда „Баљшаја книга“ (Голема книга) му беше доделена на Владимир макањин за романот „Асан“, тоа предизвика огромна збунетост во културната јавност - од една страна, ништо не е спорно, Макањин навистина е еден од најдобрите руски писатели денес, наградуван со бројни книжевни награди, преведуван на многу светски јазици, а од друга страна, неговиот роман дојде „прерано“.

Ситуацијата деновиве се влоши по прикажувањето на филмот „Заробеник“, кој беше снимен врз основа на еден од неговите раскази, „Кавкаски заробеник“, од познатиот руски режисер Алексеј Учитељ. Во филмот руската војска во Чеченија го заробива младиот чеченски бунтовник и двајца војници го водат низ кавкаските планини за да им го покаже засолништето на чеченските бандити. Законот на човечноста (младиот Чеченец му е многу симпатичен на рускиот војник кој му ги преврзува раните на босите нозе, му дозволува да оди без лисици на рацете) се бори со законот на војната кој, сепак, победува на крајот. Во овој филм се гледа и како рускиот офицер им продава бензин на чеченските бунтовници кои убиваат руски војници, а тоа за него, едноставно, е бизнис...

Темата Чеченија за руската јавност и денес, кога контратерористичката операција во таа република е завршена, а нејзиниот претседател изјавува дека Грозни ќе биде најубавиот град на светот, е многу болна. По распадот на СССР таму се водеа две крвави војни. Во двете загинаа многу млади војници, многу невини цивили, а Грозни, главниот град на републиката, речиси беше срамнет со земја.

Иако трагите од војната веќе речиси и да не се гледаат, чеченската рана во свеста на луѓето сè уште не е зарасната, а таа тема уште одамна навлезе во уметноста и задолжително предизвикува контроверзни коментари. Најчесто - дека сè уште е рано и дека секое споменување претставува „сипување сол на раната“.

Кога ќе исчезнат аргументите, бидејќи ретко кој ја негира уметничката вредност на филмот и романот, во оптек се става прашањето на веродостојност - дали пушката (во филмот) се носи вака, дали во првата војна се користеле мобилни телефони, дали писателот видел дека руските војници навистина им продавале бензин на Чеченците...

Владимир Макањин вели дека не сака да учествува во таквите дискусии бидејќи се бесмислени - расказот по кој е снимен филмот е напишан во 1994 г., пред војната и дејствието сосем случајно се одвива во Чеченија - може да се смести во која било друга земја.

Како доказ го наведува податокот дека Американците ги бараат правата за да снимат римејк на филмот во кој настаните ќе се одвиваат во Ирак. А „Асан“ не е роман за војната, туку драма за еден човек кој се труди да остане човек во воени услови.

„За мене најважно е верно да ја опишам драмата на човекот во секоја војна. Често ме прашуваат од каде ми се податоците за чеченската војна кога не сум бил таму. Мојот одговор е дека не пишувам за војните стручњаци туку за оние на кои евентуално би им текнало да ја започнат следната војна. А прашањето дали нешто се случило или не, едноставно, е смешно. Меѓу градовите Ханкала и Грозни тече реката Сунжа која тече од запад кон исток. Да беше потребно за романот, таа ќе течеше од исток кон запад. Тоа не игра никаква улога во романот. И прашањето дали Сунжа тече како што е напишано или не не е прашање за уметникот. И не е важно за успехот кој секогаш претставува малку таинствена и тешко предвидлива работа. Мислам дека успехот на „Асан“ би бил невозможен без ризичните сцени на границата на можното, без гротеска и хипербола, без тие безобразни војнички задници кои се покажуваат од камионите“, додава Макањин.

Главниот јунак на „Асан“ се презива Жилин, исто како и Толстоевиот јунак од „Кавкаскиот заробеник“. На Тослтој алудира и расказот по кој е снимен споменатиот филм.

„Се разбира, аналогијата со Толстој постои. Презимето Жилин во кавкаската војна служи да покаже континуитет. Впрочем, ми беше потребно нешто поради кое ќе ме наречат модернист„, се шегува писателот.

Книгите на Владимир Макањин доста добро се продаваат и во Русија и во светот, па сепак, тој смета дека филмот ја уби книгата и дека книжевноста во споредба со филмот е беспомошна. Писателот е приморан да пишува во слики, а читателот после филмот, евентуално да ја прочита книгата.

„Романот со слики од филмот е идеално четиво. Писмото го изгуби своето значење, писателите имаат чувство дека работата нешто помалку вредно. И затоа решението претставува враќање на прозата која постоела пред романот. Оној што нема да го стори тоа, осуден е да остане во второкласниот жанр кој на читателот му нуди лесно и забавно четиво. Прозата пред романот, тоа е прозата без сцена, грачката или римската литература - Рабле, монтењ, Библијата, на крајот на краиштата. Тоа било книжевност која мислела со зборови, што ја прави феномен. И токму тоа сега предизвикува интерес. Се разбира, денес е тешко да се лита таква книжевност. Но на почетокот беше зборот, и ние треба да му се вратиме нему.“

Руската книжевност, смета Макањин, е иста како и сите. Кога се појавиле Дикенс, Текери, Балзак, романот како жанр станал главен во книжевноста. Тоа била победа која е тешко да се замисли.

„Што е романот? Тоа е рушење ѕидови. Што го привлекувало читателот? Тоа што кога го читал романот, тој гледал. И тоа траело два века. А потоа доаѓа филмот. Филмското мислење се состои од сцени, ништо повеќе не е потребно. Тоа чудовиште му ја исцица душата на романот. Битно стана како твојот филм ќе изгледа на екранот, а самиот збор значи многу малку. Се случи несвесно писателите да режираат кадар по кадар. Мислењето на денешните деца го обликува филмот, а не зборот“, заклучува Макањин.

Извор: Политика


Слични содржини

Европа / Балкан / Став / Култура / Историја
Општество / Европа / Култура
Општество / Европа / Култура
Општество / Активизам / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото