Груевски не може да собере доволно гласови за списокот

23.05.2011 14:37
Груевски не може да собере доволно гласови за списокот

Скопје, Македонија - А1 телевизија уште пред две недели ја откри аферата со списоците и шемата според која секој вработен во државната администрација има обврска да обезбеди по 15, а секој раководител по 30 гласови. Но, тогаш А1 не откри и дека директорите треба да обезбедат по 50, пратениците по 60, министрите по 80, а премиерот 100 гласови за ВМРО-ДПМНЕ на 5 јуни.

И се разбира, освен тоа што А1 целата операција ја окарактеризира како скандалозна, застрашувачка и недозволива за едно демократско општество, не чувствуваше за потреба да навлезе подлабоко и да истражи колку е мачен и трнлив патот до пополнување на списоците со гласачи. Но, се разбира, затоа сме ние тука.

Во обид да го откриеме и овој дел од приказната, исконтактиравме со повеќемина вклучени во шемата, но најповикан да одговори на прашањата, се разбира, е премиерот Никола Груевски. Го исконтактиравме и, наспроти шпекулациите од лошите медиуми, веднаш прифати да ни ги разјасни сите детали. Разговорот го водевме во неговата канцеларија во владата, во попладневните часови.

Сепак, отпрвин не можевме ни да поверуваме на тоа што ни го кажуваше. Според неговите искази, нему му било најтешко во целата шема бидејќи тој требало да пополни најголема листа, односно листа со 100 гласачи, кои на денот на изборите својот глас ќе го дадат за партијата што тој ја раководи, или во спротивно му се заканувал отказ од работната позиција лидер.

- Сите мислат - на Грујо му е лесно, си ја има премиерската фотелја, раководи со државава, илјадници луѓе ги спроведуваат неговите наредби и му се плашат, но верувајте ми, воопшто не е така. Освен тоа што секојдневно спроведувам по еден куп реформи, фрлам по неколку лопати и сечам по неколку црвени ленти, се расправам со ненормални новинари и нивните луди прашања, сега го имам и овој список за пополнување. Да, знам дека сите што имаат некакви позиции во сегашнава власт имаат и список за пополнување, но погодете чиј е најдолг. Се разбира, мојот список. Треба да обезбедам 100 луѓе кои сигурно на 5 јуни ќе излезат до 12 часот и ќе го дадат својот глас за нашата партија - ни се пожали премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Токму во моментот кога ни го кажуваше ова, се слушна музиката од најавната шпица на вестите на А1 па премиерот престана да зборува на темата и почна внимателно да слуша, за, како што рече, да види што ново ќе излажат и како поинаку ќе го наклеветат. Откако завршија вестите, видно потресен и вознемирен, продолжи да зборува на темата „списоци“.

- Еве, дали видовте... пак зборуваа за списоците и како јас сум знаел за нив, а не прашуваат дали и јас треба да соберам гласови на список, не им е гајле дали и јас сум под притисок. Веќе неколку недели се трудам да ги соберам потребните сто гласови, ама, верувајте ми, навистина не е лесно. Успеав да соберам десетина гласови од мојата фамилија, ама и од таму не ми прифатија сите, дел од роднините веќе биле запишани на некои други списоци, а некои од нив не можеа да ги дадат своите податоци на мојот список бидејќи и самите се вработени и имаат списоци за пополнување. Тоа е веројатно благодарноста која ја добивам од нив. А кој ги стави на тие работни места?!? Ама ако... ќе се видиме ние по петти - вели сега веќе налутениот Груевски.

Додека ни го кажуваше ова, се слушна музиката од серијата „Кога лисјата паѓаат“, па премиерот ни се извини и рече дека ќе мора да ја изгледа епизодата и да дознае каква нова трагедија ја чека фамилијата на Али Риза. Откако заедно многу солзи исплакавме над нивните тажни судбини, повторно се вративме на судбината на премиерот кој има список за пополнување.

- Цела среќа што деновиве одржуваме митинзи и патуваме низ градовите и селата низ Македонија, па сум во постојан контакт со граѓаните. Средбите, освен за претставување на програмата, ги користам и за молба до граѓаните за гласови, за да ги ставам на списокот. Можете да замислите колку ми е незгодно да барам такво нешто од луѓе што воопшто не ги познавам. Не заслужувам јас ваков третман, посебно не по се што направив за партијата - со тажен тон ни објаснуваше премиерот Груевски.

Пред да си заминеме, дури и од нас побара да нè стави на списокот, но моравме да го одбиеме. Единствено му посакавме среќа во потрагата.

Извор: plusinfo.mk

ОкоБоли главаВицФото