Црните зрна

23.05.2011 14:50
Црните зрна

Црни зрна

Попладне во рацете земам книга
попладне ја оставам книгата
попладне си спомнувам дека некаде е војна
попладне ја заборавам секоја војна
попладне мелам кафе
попладне одново го составувам меленото кафе
ги составувам убавите
црни зрна
попладне се облекувам
прво се шминкам па се мијам
пеам нема.


***

Воздухот веќе мириса на снег, мојот мил
Долга коса има, ах, зима, зима, што
тесно нè збива веќе е на прагот, доаѓа со
Кучешка запрега. Ледени цветови
Сипа врз прозорецот, јаглен се жари во печката, а
Ти најубав Снешко главата в скут ми ја спушташ
Велам тоа се
Санки кои веќе нема да застанат, снегот ни паѓа
Право в срце, се жари
Врз кофата за пепел во дворот Darling шепоти косот.

Сакав да го убијам својот крал

Сакав да го убијам својот крал
За пак да бидам слободна. Нараквицата
Што ми ја даде, убавото име
се ослободив од нив и ги отфрлив зборовите
Што ги составив: споредбите
за неговите очи глас јазик
Ги наредив шишињата до дно испиени
Сипав во нив експлозив - тоа требаше
Засекогаш да го избрка. За
Побуната да биде целосна
Ја заклучав вратата, заминав
Меѓу луѓето, се збратимив
Во разни куќи - а сепак
Слободата не сакаше да порасне
Душата таа буржујска творба

Тврдоглаво се противеше

Стануваше помека дури
Играше кога со главата
Налетав на ѕид. Ги следев
Гласините низ земјата што
Зборуваа против него, собрав
Три тома промашувања полна торба
Неправедности, дури и лаги
Наведов. Сосема на крајот
Сакав едноставно да го предадам
Го барав за да го довршам планот
Љубев друг за на мојот
Крал ништо да не му се случи.

Сара Кирш (Sarah Kirsch), родена е 1935 како Ингрид Бернштајн во Лимлингероде, во пруска Саксонија. Го променила името во Сара, во знак на протест против антисемитизмот. Во 1965 се мажи со писателот Рајнер Кирш. Пред да запише студии по биологија во Хале работела како работничка во фабрика за шеќер. Од 1963 до 1967 студирала книжевност во Лајпциг. Во 1977 преминала во Сојузна Република Германија. Пишува и проза и преведува детски книги.

Превод: П. Вулкански

Слики: Marion Peck

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото