Чудовиштата и Полубратот

24.05.2011 15:49
Чудовиштата и Полубратот

Неодамна светските новински агенции ја пренесоа веста дека во едно гратче во Јужноафриканската република се појавило чудовиште кое има моќ да се преобразува. Гратчето се вика Стејтлервил и се наоѓа околу двесте километри далеку од Порт Елизабет, еден од поголемите градови во Јужноафриканската Република. Пред околу шест недели во Стејтлервил почнале да се случуваат необични работи, кои започнале на еден погреб: повеќемина сведоци и’ пријавиле на полицијата дека со свои очи виделе чудовиште. Човекот носел костум, кошула и кравата. И тогаш, одеднаш, се претворил во свиња! А потоа во лилјак! Тажната поворка брзо се разбегала, оставајќи го мртовецот сам. Многумина врескале и се колнеле во веродостојноста на она што го виделе. Во почетокот, чудовиштето што ја менува формата се појавувало исклучиво во околината на црквите. Во една пригода верниците го здогледале како ѕирка низ прозорецот и ги гледа луѓето како се молат. Верниците брзо истрчале надвор, за да го фатат, но таму веќе немало никого. Набрзо чудовиштето толку се охрабрило што почнало да шета низ гратчето. Во една пригода двајца пријатели чекореле по тротоар кога виделе дека им се приближува човек во црно сако и со кравата. Чекор по чекор, и тие сфатиле дека пред нив се наоѓа личност без глава! Само неколку минути подоцна обезглавениот човек се претворил во куче! Не баш пријателски расположено. Еден човек што се обидел да го фотографира чудовиштето додека дремело под дрво, кога ги погледнал фотографиите сфатил дека регистрирал само некое непознато животно. Заедничко за сите приказни за појавувањето на чудовиштето е дека тоа го менува обликот тогаш кога некој човек ќе го погледне в очи. Граѓаните на Стејтлервил му дале и име на суштеството. Тоа гласи - Полубрат.

Приказнава од Стејтлервил ми изгледа како згодна метафора за изборите што ни наближуваат. Редно е нашето чудовиште конечно да го погледнеме в очи. Редно е да се соочиме со стварноста. Редно е најпосле, после пет години подмижување и халуцинирање, да го препознаеме овдешниот Полубрат, под маската на костумосаноста, слаткоречивоста и добрите намери.
Оти, нашиот Полубрат не е само збунка за сетилата, потенцијална туристичка атракција или масовна хипноза; нашето чудовиште е невиден штетник. Овдешниот Полубрат како јато скакулци опустошува полиња, како чопор здивеани стаорци ги празни амбарите, хара по подруми и фрижидери како здивеано племе бубашваби, а виден е, богами, и како под костумите и чиновничките маски на големо ги пљачка банките и одеднаш пропаѓа во земја. Стотици рекламни агенции се обидуваат да го насликаат фотороботот на нашиот Полубрат, а народот низ стотици споменици се обидува во бронза и мермер да ја овековечи нестварната преобразувачка природа на локалното чудовиште. Залудно. Понекој залутан странец вели дека не можеме да го снимиме и во камен да го овековечиме Полубратот - оти тој е ние. Стварно не знаете кој ги опустошува нивите, амбарите и банките?!, реторички прашуваат залутаните странци и не’ оставаат да си кршиме глава пред формите на Големиот брат, пардон Полубрат.

Чудовиштето од Стејтлервил потсеќа на античкиот крал Протеј, којшто на почетоците на керамичкото сликарство бил прикажуван со рибја опашка, лав, елен и змија отровница која му се појавува од телото. Интересна е, во светлината на нашите актуелни културно-политички борби, и приказната за Протеј и Менелај. Братот на Агамненон, Менелај, со години не успевал да се врати дома, зашто божицата Атена на ветровите не им дозволувала поволен правец за бродовите на Менелај (спој меѓу двете денешни приказни: Порт Елизабет, големиот град блиску до Стејтлервил, го викаат „Град на ветровите“). Нимфата Ејдотеја го поучила Менелај дека само ако го зароби нејзиниот татко, морскиот крал Протеј, Менелај ќе може да се ослободи од зачараноста и да се врати дома, во Грција. Поради тоа, за да го разбијат волшебството околу себе, Менелај и тројца негови другари се вовлекле во смрдливи кожи на морски фоки и лежеле така на брегот се’ додека не им се придружиле стотиците фоки од крдото на Протеј. Најпосле се појавил и самиот морски крал и легнал да спие меѓу фоките. Менелај со другарите го фатиле Протеј и иако овој наизменично се претворал во лав, змија, пантер, дива свиња, вода и дрво, тие цврсто го држеле и така го натерале да им ја предаде тајната на нивното враќање.

Една од работите што Менелај ги дознал од Протеј е дека неговиот брат Агамненон е мртов. Која е тајната што ќе треба да ни ја соопшти нашиот Менелај, откако ќе ги совладаме приказите на овдешниот фантазмагоричен крал-бог, нашиот Протеј-Полубрат?! Или само ќе ни биде принесено огледалото, како најголема тајна на магијата-општеството-политиката?! Оти, има и други приказни: оној што го погледнува чудовиштето Медуза в очи - тој се скаменува. Затоа на Медузата и’ се приоаѓа со светнат штит-огледало и без директно гледање.

Во секој случај, се гледа крајот на омајаноста на Македонецот. Но, добро ќе биде разобличувањето на чудовиштата што владеат со нас да биде проследено и со попродорни погледи кон себе самите. Слободата, одговорноста и колку-толку реалниот свет ќе треба да си ги нагрбачиме и самите, а не постојано да им ги доделуваме на чудовиштата, на малите и големи браќа или на фамозниот Полубрат.

слики: Conrad Haberland
„Глобус“, 24.05.11.

еј човече

еј човече црниот-златниот-сребрениот-зелениот Николае Гријабе човече златниот-црниот човече фамилијата кумството човече еј човече криминал корупција владата човече црниот-златниот Никола Никола нешто чудно се случува човече

еј чоече стварно бе види бе

еј чоече стварно бе види бе човече црниот-златниот-сребрениот-зелениот Николае Гријабе човече златниот-црниот човече фамилијата кумството човече еј човече криминал корупција владата човече црниот-златниот Никола Никола нешто чудно се случува човече лее као вака чоече грујоленд

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото