Крај на паневропската унија?

25.05.2011 10:17
Крај на паневропската унија

Несолвентноста на перифериските земји на ЕУ – Ирска, Грција и Португалија – сега веќе добива митски размери. Ако ја земеме само Грција за пример, ќе видиме дека минатата година од ММФ позајми 110 милијарди евра, и дека не успева да го сервисира тој долг (а и како би го сервисирала, кога само во јули ќе ѝ стигнат 17 милијарди евра за наплата од камати) и дека грчките социјалистички челници во паника побараа нов кредит за да ја закрпат буџетската дупка, со што само уште повеќе ќе се продлабочи должничката криза. Аналитичарите велат дека шефот на ММФ – Доминик Строс-Кан, наводно социјалист по убедување – сакал да им излезе во пресрет, но скандалот со њујоршката собарка го спречил во тоа.

Како и да е, немилосрдните кредитори од своја страна го бараат невозможното: да се скратат и онака сè помалите социјални права (Грција се наоѓа пред ултимативното барање за намалување на платите за 15% и пензиите за 10%), да се распродадат добрата (минатата година се споменуваше, да се надеваме само анегдотално, дури и продажба на островите) и задолжително да се санира банкарскиот систем, истиот оној кој ја уништи претходната влада на Костас Караманлис.

Барањето за нов приватизациски бран и за дополнително кратење на социјалните права ги поттикна двата најголеми синдикални центри пред десетина дена да изведат 30 000 луѓе на атинските улици во нов генерален штрајк. На повикот на главните синдикати се одзва јавниот сектор, новинарите и дел од полицијата, заедно со невработените и студентите; сите тие промаршираа по улиците, не толку бројни како пред една година, но подеднакво одлучни да им кажат „не“ на меѓународните каматари и домашната олигархија.

Меѓутоа, од преговорите на грчкиот премиер Папандреу и министерот за финансии Папаконстантин со еврофинансиерите, поинтересно ни е тоа што незавидната економска ситуација во Грција создава една сосем нова политичка клима и открива нови или подзаборавени облици на отпор. Еден од нив е и враќањето кон размената на стоки.

Ново-стариот економски модел се појавил во градот Аигион, како што пишува Cromalternativemoney.org: „До основните намирници сега се доаѓа со размена. Стока за стока, стоковна размена, надомест или бартер; како и да го наречете овој најстар облик на тргување, тој се одвива на главниот градски плоштад. Оние кои сакаат да учествуваат во неа, првин мораат да се запишат во организацијата Φιλική Oικονομία – Пријателска економија. Ова здружение ја презеде грижата за праведна трговија, надгледување на вршењето размена на производи и услуги и интервенирање во случај да избијат спорови. Моментално заедницата брои околу 3000 членови. Замислата е многу едноставна: обично во саботите и неделите, луѓето носат храна, вишок призводи или предмети кои повеќе не им се потребни за да ги разменат за храна или други нешта кои им требаат“. Всушност, експериментот вклучува и воведување нова валута наместо еврото, која се нарекува еликион.

Инаку, отпорот во Грција е присутен во речиси сите области: на факултетите (заземање одредени училишта), меѓу еколошки освестените граѓани, во борбата против антидоселеничките закони, во борбата за правата на политичките затвореници итн. На пример, веќе неколку месеци трае отпорот на граѓаните на Керати за изградба на ѓубриште врз археолошко значајно подрачје. Меѓу другото, граѓаните на ова гратче со 16 000 жители, кое е околу 40 км оддалечено до Атина, ископаа два метри длабок ров на автопатот за да ги спречат работите за изградба на депонијата. Полицијата ја затрупа дупката, ама граѓаните не се откажуваат.

Пред неколку месеци се побунија и возачите од јавниот превоз поради височината на наплатата на патарините и поради самото постоење на патарините. Сметаат дека патиштата се јавно добро и дека никако не би смееле да се сметаат за приватна сопственост. Грчките автопатишта се во рацете на приватни концесионери, а ова антикартелно движење на својата интернет страница го вели следново: „Патиштата се градени од средствата на даночните обврзници и никој нема право да наплаќа патарина, а уште помалку да го прави тоа во име на своите приватни интереси“.

Напредните сили застануваат и во одбрана на големиот број доселеници. Неодамна беше завршен 44-дневниот штрајк на 300 работници од други земји (250 во Атина и 50 во Солун) кои бараа нивните права да се изедначат со правата на домашните работници. Дел од барањата беше прифатен, а за останатиот дел борбата ќе мора да продолжи.

Инаку, во последните настани околу генералниот штрајк настрадаа неколку доселеници, меѓу кои животот го изгуби еден од Бангладеш, во близина на Вила Амалија во Атина, а двајца Албанци на Крит беа ранети, што повторно го придвижи бранот антидоселеничка клима во Грција. Споменатата Вила Амалија е еден од најдолготрајните сквотови во Грција и честа мета на нападите од полицијата или фашистичките групи. Токму тоа и се случи за време на последниот генерален штрајк, кога група наци-симпатизери цели три дена го напаѓаше познатиот сквот.

Во секој случај, ситуацијата во Грција и останатите земји во криза, најавата на враќање на граничните контроли во рамки на ЕУ и подемот на десничарските партии, заклучно со Финска, под знак прашање ги ставаат идеите кои пред 60 години ги поставија основачите на Европската унија, Роберт Шуман, Жан Моне и Пол-Хенри Спаак. Европските аналитичари се прашуваат дали сето тоа е најава за крајот на паневропската утопија. Дури 15 земји во овој миг размислуваат за повторно воведување на граничните контроли, а Франција веќе го стори тоа на својот југоисток, кон Италија, а и Данска ја врати полициската проверка на пасошите на своите граници, поради наводниот невозможен огромен притисок на доселеници од северна Африка.

Подемот на европскиот национализам може да се спореди со југословенската ситуација од крајот на 1980-те, кога овдешните националистички елити, под изговорот дека не планираат да ги плаќаат божемните економски лудости на посиромашните федерални единици, успеаја да ги мобилизираат масите за идеја на државна дисолуција. Отприлика со иста реторика кон своето гласачко тело сега се обраќаат и Саркози и приврзаниците на Ле Пен, како и челниците на италијанската Северна лига и австриските хајдеровски политички сили.

Извор: novossti.com

ОкоБоли главаВицФото