1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Тешко на земјите во кои најбогати фирми се партиите на власт. Без оглед на боите, паролите, програмите, манифестите и заклетвите на тие партии. Фирмите си се фирми. Тие бркаат профит. Дел од тој профит фирмите треба да ѝ го даваат на државата преку разни давачки. Има фирми кои успеваат да прикријат дел од профитот и на државата да не ѝ го дадат она што ѝ следува. Има и фирми кои повеќе земаат од државата, а помалку ѝ даваат. А има и фирми кои само земаат од неа. Во времето на колонијализмот и првобитната акумулација на капиталот такви биле трговските компании кои ги експлоатирале колониите во Индискиот океан и Карибите. Нивните флоти биле посилни не само од пиратските флоти, туку и од флотите на државите во кои биле регистрирани, кралствата Холандија и Англија. Тие фирми биле држави во држави. Во постомунистичката транзиција, позната како „втора акумулација на капиталот“, увозно-извозните претпријатија основани од тајните воени и полициски служби, речиси без исклучок се претворија во фирми со големи и опасни апетити да бидат држави во држави.
Денес во Македонија најбогата фирма е партијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ. Таа не е држава во државата, таа е држава над државата. Нејзината моќ ја надмина моќта на сите фирми на „новите богаташи“ заедно. Партијата на власт е единствената која не се плаши од законите и судовите. Над неа не виси мечот на „ревизија на приватизацијата“. Тој меч е во рацете на партијата-фирма и таа мавта со него и се заканува дека колку утре тој меч ќе падне врз главите на некооперативните и оние кои не плаќаат рекет со пари или со гласови. Партијата на власт е единствената која е далеку од стечај, единствената која нема страв од банкрот. Барем од оној финансискиот. А оној другиот, политичкиот банкрот, помалку боли. Партиската номенклатура, врхушката груевистичка е обезбедена. Кога ќе падне, ќе падне на мека постела што си ја распослаа од Чешка до Панама.
Фирмата-партија не се плаши ни од обвиненија за монополизирањето на политичкиот и јавниот простор во државата Македонија. Денес човек треба да си го шине вратот за да избегне да ги гледа големите билборди, малите „ситилајти“ и плакатите на фирмата-партија.
Колку е сиромашна дури и кока-кола во споредба со богатата ВМРО-ДПМНЕ! Колку што е малечок Бранко во споредба со сеприсутниот Никола! Големиот брат на Орвел може да му носи вода на нашиот Никола, кој од ден на ден се размножува по автопатите, крстопатите, улиците и сокаците наши. Го има Никола сè повеќе, обратно пропорционално од граѓаните, кои ги има сé помалку на митинзите на партијата-фирма со која управува. Не помагаат ни полупразните автобуси со кои ги шетаат по државата платените „викачи“. Зарипнале, кутрите. Занемеле како построените билборди, единствените што не можат да избегаат од челичната прегратка на фирмата-партија која има заграбено доволно власт и исцедено доволно пари за да организира и еднопартиски избори. Но, раката на фирмата-партија не е само долга, туку и широка! На главната скопска улица, „пошумена“ од црвено-жолтата фирма– партија, можат да се видат и билборди на една друга партија, извесна сино-црвено-бела Социјал-демократска унија! Од каде ѝ се парите на партијата-фирма веќе не претставува енигма за мнозинството граѓани, но од каде ѝ се парите на анонимната СДУ, тоа претставува енигма дури и за мене. Освен доколку партијата-фирма ВМРО-ДПМНЕ не ја „поткрепила“ СДУ како своја експозитура која треба да внесе смут, слично на смутот што го внесуваше двојничката на Шекеринска.
Партијата-фирма не зема кредити за кампањата. Нема потреба од пари. Државата зема кредити за нејзините потреби. Зашто партијата-фирма е држава над државата, таа и кантите за отпадоците што ги дели за време на кампањата ги купила со пари од заемот земен од Светска банка. Но најголемата опозициска партија нема пари. И зема хипотекарен кредит. И, наеднаш, партијата-фирма почнува да лее крокодилски солзи за опстанокот на СДСМ, кој по „неизбежниот пораз на изборите ќе паднел во стечај“. Груевски и неговите го „бранат“ СДСМ од „потрошениот“ Бранко, од чија сенка Груевски бега како ѓаволот од крст. А весничето познато како „уста на власта“ на хармоникашот ДаЛаПе изнатрескало дека хипотеката на СДСМ ќе нé одведела до тајните фондови и тајните спонзори на партијата! Мајката! А тамам се израдувавме дека најпосле дочекавме да знаеме од каде си ја финансира кампањата една од големите партии. И порано или подоцна, другата партија, фирмата на власт, ќе треба да објасни од каде си ја финансира кампањата. Ако зела кредит, што заложила како хипотека? Ако не зела кредит, дали партијата-фирма има тајни фондови и тајни спонзори? Или нè заложила сите нас, заедно со неколку поколенија?
Овој обид за извртување смрди на безобразие какво можат да излачат само потните жлезди на луѓе на кои гаќите им се тресат од страв дека од ден на ден се топи бројот на граѓаните кои до вчера им се плашеа. Залуден им беше есапот дека СДСМ е толку сиромашна партија што ни кампања не ќе може да истера.
Ова безобразие не е помало од она со кое партијата-фирма, во која и телохранителите станаа милионери, бара од Шекеринска да се откаже од стандардот кој не е ни близу до луксузот и кичот типичен за новокомпонираните богаташи од партијата-фирма. Груевски не признава друга боја освен бојата на златото, а нам топло ни препорачува аскетизам. А за бедата и сиромаштијата е глув и слеп. Тој е просто нетука, освен кога гостува кај Миленко, кој од лош новинар се „унапреди“ во уште полош монтажер. Барем во мојот случај.
И така, дојдовме до крајот. До политичкиот банкрот на фирмата која уште малку ќе биде држава над државата. Тој банкрот нема да го спречи куршумот на автомобилот на Жерновски. Нема да го спречат ни безбројните билборди со „мајкин Никола“ пред кои би занемел и Јосип Броз. Челичната прегратка во која беше заробена Македонија попушта со фуриозно темпо. Ослободувањето на Македонија наближува како што наближува паѓањето на фирмата на власт.
Илустрации: Rob Jones
се надевам ќе имате некаква
Испратено на 26 мај 2011 од Kalсе надевам ќе имате некаква реакција и за навредата на Бранко, што за мене, е апсолутно дно.
Moj drag gospodine
Испратено на 26 мај 2011 од Kiril MihailovskiMoj drag gospodine X!!!!!.Dokolku smetate od protivnickiot tgabor se mediokriteti se lazete.Nema glatko da vi projde bilo sto i da kazete.Zatoa pisuvajte i kritikuvajte od vasaiot domen-fela...Sakam da procitam nesto za toa.Zatoa sum vas PRIJATEL....
ало се...на више не сте ни
Испратено на 27 мај 2011 од По ѓаволитеало се...на више не сте ни забавни, едноставно никој не ви ни пишува, Падот на Сорос - прекрасно, продолжете така и останете така
Дури и бројот на коментари е
Испратено на 31 мај 2011 од 949494949Дури и бројот на коментари е паднат, јбг. :) Некој изглеа е растрчан по кампањи... Ех зајко зајко... :D