Промени

27.05.2011 11:23
Промени

Познато е дека многу често во политиката се влегува како човек, а се излегува како ѕвер. Таму идеалите многу лесно се конвертираат во пари. А кога говори парата, молчат устите, се затворат очите, умира совеста. Принципите се неважни. Пред некој ден се одржа еден регионален форум посветен на соработката и интегрирањето на земјите од регионот наречен „Balkan Networking“, каде што учествувале поранешни лидери на Словенија, Хрватска и Црна Гора – Кучан, Месиќ и Ѓукановиќ. Се дискутираше за состојбите и проблемите на релации минато – иднина. Кучан зборуваше за тоа како зајакнала словенечката економија до ниво за да биде конкурентна на европскиот пазар. Месиќ говореше колку се штетни национализмите за самите држави и регионот како целина. Зборуваше за силните директни странски инвестиции во Хрватска. За користењето огромни финансиски средства од европски фондови. Ѓукановиќ се осврна на напорите поврзани за формирањето и развојот на црногорската држава, која од квазидржава без економија се претвори во земја каде што нема невработени и каде што животниот стандард двојно е зголемен. Дури бројни граѓани од соседни држави бараат работа таму. А каде е тука Македонија? За жал, таа е надвор од развојниот процес што го зафатил регионот. Таа изгоре пред да се стопли во огинот запален од нејзините политички пиромани, кои создадоа атмосфера на лажен патриотизам за полесно да им објаснат на луѓето колку се среќни отколку зошто се гладни. Власта во последниве пет години го зголеми долгот за плус фантастични три милјарди евра.

И, што е парадоксално, парите се потрошени без да се реализира ниту еден развоен проект. И тој кич од „Скопје 2014“ ефективно нè чини повеќе од 80 милиона евра, а е пресметано многу повеќе. Каде ли завршија толку многу пари? Изгледа сме изабрале власт која цело време постоела само поради себеси. И тука била најуспешна. Исто така, треба да се каже дека власта овие години црпеше и околу четри милјарди евра од стопанството, со што задуши голем број претпријатија.

Ѓукановиќ се осврна и на Македонија и не пропушти да каже: „Загрижува стагнацијата на Македонија оти тоа може да биде опасно не само за нејзе туку и за регионот како целина“. И дека (според него) во балканскиот регион не бил опасен само српскиот големодржавнен национализам, туку имало и други опасни популизми во соседството кои нивните земји ги изолирале и уназадувеле (асоцирајќи на нашето актуелно водство).

А ние грешевме што од болна власт очекувавме здрави идеи. Цело време си молчевме, оти две години нè учеле да говориме, а потоа 50 години нè учеле како да молчиме. Молчевме и пред пет години кога премиерот штом ја презеде власта самоуверено нè убедуваше дека ќе сме можеле економски да се развиеме надвор од НАТО и ЕУ. И дека многу брзо ќе ни се случувал инвестициски бум. Но, наместо тоа ни се случи социјален бум и сега бројот на социјалците опасно се приближува кон бројот на жителите. Сега сакаат да нè убедуваат дека не се тие винови за таквата катастрофа, туку светската криза, меѓународната заедница, Грција, опозицијата, невладините организации, медиумите, продадените интелектуалци и кој уште не. Е, тука веќе се работи за ментална криза. Изгледа полесно може вистината да ја удрите по лицето отколку да ја гледате во лице. И тука не се работи за незнаење. Водачите точно знаеле кај одат, но ние не знаевме. А ако не знаете кај одите, сите патишта водат кон таму.

На предизборен митинг во Струмица премиерот Груевски се осврна и на проблемот со името. Рече дека би бил прифатлив некаков „пристоен компромис“ со што државата би се интегрирала во НАТО и ЕУ и би се отвориле нови развојни перспективи. Ако е така, тогаш зошто воопшто мораше да провоцира со антиквизацијата, со што загубивме скапоцено време и пропуштивме колосални регионални проекти во висина од десетина милјарди евра. Пред да дојде Груевски на власт, меѓу Република Македонија и Грција постоеше договор државата да се интегрира во евроатлантските структури под времената референца која, рака на срце, тогаш сè помалку официјално се користеше и во самите органи на ЕУ. Грците ја имаа загубено битката со името, ама Груевски ги спаси. Можеби провокациите со антиквизацијата се правеле свесно со цел да се создаде густа магла која ќе го маскира и сокрие галопирачкиот финансиски криминал во државата. Се глумеше жестока борба против ситниот криминал за да се сокрие крупниот криминал. На малите криминалци власта им ја симнуваше главата а на големите криминалци им ја симнуваше капата. И сега сиромаштијата ни е претворено во наше најголемо богатство, оти некому му беше потребно да испере многу пари дигајќи споменици и уривајќи луѓе.

Оттука, залудно е да очекуваме јавен дуел меѓу релевантни политички претенденти за тоа што нудат и како сакаат тоа да го остваруваат. Дуелот не е само морална и политичка обврска, туку и директен показател за демократскиот капацитет во државата. Одбивањето да се соочите со политичкиот ривал, по секоја логика се толкува како немоќ и слабост, но и потценување на елементарните демократски принципи. Таквото одбивање во потсвеста на луѓето праќа порака дека – криете нешто од јавноста; дека немате одржливи аргументи; дека не сте чесни; дека сте сториле нешто лошо и се плашите тоа да не се дознае; дека немате капацитет; дека лажете и манипулирате итн. Политичар кој бега од дуели се идентификува со карактер кој е подложен на голем страв од несигурност. Ако имате страв од само еден човек, како ќе водите држава за кое е потребно многу храброст за да се справите со тешки државнички одлуки? Фобијата на Груевски да се соочи директно пред камерите со неговите политички опоненти ни дава до знаење дека со години сме биле водени од човек полн со стравувања, тајни и мистерии. Не може да очекуваме ништо од човек кој самиот се сомнева во сопствените квалитети. Политичката опоненција е вид натпревар на визии, идеи, зборови и дела, кои перманентно се сервираат во политичкиот пазар.

Сега кога маглата е расчистена, мора да се освестиме дека не постои таква возвишена цел која ги оправдува колективните страдања. Луѓето треба да се ослободат од стравот, оти Ман ќе рече дека најголемите грешки се направени од стравот да не се греши. Треба да престанеме да се колнеме на лидери со кои нормалниот свет се срами. Потребни се големи промени, а тоа зависи од нас самите. Од нашата волја, сила, моќ, совест и морал. Гудериан ќе каже – не постојат очајни ситуации, туку очајни луѓе кои избираат очајни водачи. Време е да докажеме дека психички сме подготвени да живееме нормално.

Илустрации: Monki

ОкоБоли главаВицФото