Историјата ја пишуваат победниците: неомакедонизам

18.06.2009 11:57
claude-verlinde-14.jpg

“Оној кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото. Оној кој го контролира минатото, ја контролира иднината.” - Орвел, 1984

Минатава недела се случи промоцијата на новото издание на „Историјата на македонскиот народ”, со коешто тезата за античките корени на Македонците доби печат и потпис од врховниот Институт за Национална Историја. Самото тоа по себе отвори многу дебати – дали се Македонците Антички или Словени, дали се повеќе едното или другото, Паско против Љубчо, Блаже против Митко (кој би рекол дека Блаже и Љубчо ќе бидат еден ден на иста страна?), и така натаму.

Во овој текст, сепак, го земам објавувањето на новата „Историја на македонскиот народ” како настан кој е само уште еден дел од процесот кој некои го нарекуваат „антиквизација”, некои „груевизам”, некои „хунзологија”. Во овој текст го предлагам терминот „неомакедонизам”; и предлагам негово разгледување во континуитет со претходните два доминантни пристапи кон македонското национално прашање: македонистичкиот и анти-македонистичкиот.

Македонизам е „старата” југословенска про-македонска националистичка реторика. Основните нејзини карактеристики се: во склад е со останатите југословенски национал-романтични приказни и со комунистичката идеологија; ја проектира територијата на Република Македонија како јадро на една поширока нација, чии сегменти живеат во Бугарија и Грција (т.н. „Голема Македонија”); го прифаќа наративот на словенскиот континуитет; на античкото минато гледа повеќе како на езотерија отколку како на „корен”; ја претпочита реториката на „национално движење” пред реториката на историска нација и корените на македонската нација ги трасира во анти-отоманското бунтовништво; негативното дефинирање на македонскиот карактер го насочува најмногу кон Бугарија (т.н. бугарофобија), иако во исто време е спротиставен на грчкиот и албанскиот национализам, а малку и на радикалниот српски национализам. Историски првенци на македонизмот се Блаже Конески и плејадата историчари од СФРЈ-школата (пример Блаже Ристовски). Во независна Македонија политиката на македонизмот е рефлектирана во платформата на СДСМ и Киро Глигоров. Најсликовит пример за тоа што е македонизам е збирката „Pro et Contra Македонизми” од Атанас Вангелов, издадена во 1998.

Анти-македонизам (или анти-македонистички македонски национализам – колку и чудно да звучи) е одговорот на македонистичката идеја и политика. Поаѓа од претпоставката дека југословенскиот федеративен проект е продолжение на српскиот национализам од пред 1941 и е првенствено асоциран со предизвикување на анти-бугарските ставови на македонизмот (погрден израз за анти-македонизмот е можеби бугарофилија). Негови карактеристики се: релативизирање на разликите помеѓу Македонците и Бугарите; амбивалентен однос кон античкото минато, иако во поголема мера коренот го трасира во словенското доселување; освен силната анти-српска ориентација, спротиставен е и на албанскиот и грчкиот национализам подрастично од македонизмот. Трансационалното македонско единство (Вардар, Егеј, Пирин) во анти-македонистичката перспектива има многу поголемо значење отколку во македонистичката. Поради тоа што е инхерентно спротиставен на југословенската владејачка реторика, анти-македонизмот има и силна анти-комунистичка компонента. Во исто време многу е прифатлив за иселениците и протераните поради отсуството на филтерот на комунистичката партија и негативната улога на комунизмот во иселеничката имагинација. Најилустративен пример за анти-македонизам се раното ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Љубчо Георгиевски.

Анти-македонизмот, како и да е, никогаш нема добиено своја прифатлива академска верификација, барем во Македонија. Најголемиот придонес за анти-македонизмот доаѓа од бугарската историографија, на прво место од Божидар Димитров. Во Македонија оние кои се обиделе да ја промовираат оваа идеја секогаш завршувале остракирани – скорешни примери се Младен Србиновски, Димитар Димитров и самиот Љубчо Георгиевски, некогашен “војвода” и херој.

Македонизмот, од друга страна, е мејнстримот на македонската историографија. Самиот Институт за национална историја е една монополистичка институција формирана со декрет, која во својата неколку-децениска дејност се занимава најмногу со Македонија и со националното прашање, многу малку посветувајќи се на компаративни истражувања, притоа користејќи најмногу локални извори. Тука секако се и останатите академски институции (УКИМ, МАНУ итн.) кои дополнително ја рационализираа македонистичката перспектива.

Логистичката поддршка и институционалната моќ зад македонизмот, на локално ниво (на ниво на Република Македонија), значеа негова апсолутна доминација во конкуренција на различни национални наративи. Анти-македонизмот беше изолиран и никогаш не фати сериозен корен. На регионално ниво, пак, во ниту еден момент не се усклади со бугарскиот или грчкиот наратив. Споровите кои во голема мера се интензивирани со расколот во Коминтерната, останаа да тежат како пречки за регионалната соработка.

Што се однесува до критиките, анти-македонизмот ретко има наидено на издржана критика зашто првенствено е некритички делегитимиран од страна на дискутантите („пушти го овој, бугараш” или „остај го, Татар” и дискусијата завршува). Македонизмот, пак, освен од спротиставените локални национализми, е критикуван од многу страни, првенствено поради силната компонента на ревизионизам. Највпечатливи примери се германските историчари Улф Брунбауер и Штефан Троебст. Првиот вели дека карактеристика на македонската историографија е нејзината македоноцентричност, затвореност, и особено опседнатоста и репродукцијата на митови; вториот поексплицитно во еден есеј вели дека македонската историографија се одликува со продукција на историографски „ремек-дела” (во пежоративна смисла).

Македонизмот и анти-македонизмот долго беа третирани во рамки на еден дуализам на добро и лошо. За едни, југословенскиот наратив беше вистинскиот, за други условно кажано „про-бугарскиот”. Меѓусебно се обвинуваа за „србоманија” и „бугарофилство” и за служба во функција на нечиј туѓ интерес.

Сепак, она што е заедничко и за македонизмот и за анти-македонизмот е дека инсистираат на неавтентичноста на Македонците и на релативната “младост” на нацијата. Двете учења се базираат на словенскиот наратив и на релативно доцното издвојување на македонскиот од соседните народи – за македонизмот тоа е органски, а за анти-македонизмот вештачки процес.

Но, внатренационалните дебати не се никогаш претставени меѓу строго определени групи. Напротив, покрај „официјалната” реторика (поддржана од државниот апарат), меѓу граѓаните тлеат различни толкувања и вистини. Во македонскиот случај најзначаен од езотеричните наративи кои скоро добија на значење е наративот на континуитет на денешните Македонија и Македонци со античкото кралство Македон и со античките Македонци. Тој наратив го има потенцијалот што му фали и на македонизмот и на анти-македонизмот: да го понуди „златното доба” на македонската нација и да го воздигне моралот на нејзините припадници.

Тој наратив, како што реков, бил инкорпориран и во македонистичкиот дискурс, но и во анти-македонистичкиот. Причините се разновидни и не би навлегувал сега во таа дебата, но едно е сигурно – во првото издание на „Историјата на македонскиот народ” од 1969, посветени се дваесетина страници на таа материја, а во изданијата по независноста десет пати повеќе – 200. Тоа сведочи дека македонизмот бил толерантен и делумно го користел митот за античката националност на Македонците. Инкорпорирањето на античките симболи како национални, за што клучна улога има раното ВМРО-ДПМНЕ (иако наводно од инструментални побуди) е доказ дека тој мит не им бил туѓ ниту на анти-македонистите.

Сепак, полниот потенцијал на митот на античката македонска националност се чини почна да се користи од 2006 наваму, со таканаречениот процес на „антиквизација”. Деновиве, тој процес беше крунисан и со отпечатувањето на новото издание на „Историјата на македонскиот народ”, или како што авторите ќе речат: „историјата во од” во која е изнесена нова теза за етногенезата на Македонците – дека тие се првенствено потомци на античките Македонци, а не на словенските доселеници. Имајќи предвид дека, иако за кусо време, овој наратив успеа околу себе да ги обедини државните институции, добар дел од академијата, и огромен дел од населението, би се осмелил да кажам дека станува збор за една нова трансформирана македонска националистичка реторика или за т.н. неомакедонизам кој ги трансцендира претходните два концепта. Во исто време, неомакедонизмот е пропорционален одговор на соседните експанзионистички националистички наративи. Додека македонизмот и анти-македонизмот беа ориентирани помалку или повеќе кон надвор (Југославија или Бугарија), неомакедонизмот е интровертен и интроспективен.

Не навлегувајќи во дебата околу супстанцијалните карактеристики на неомакедонизмот, би се задржал само на одредувањето на неговата физиономија и неговата врска со македонизмот и со анти-македонизмот. Прво, тој за разлика од пристапот на „национално движење”, го фаворизира пристапот на етногенеза и органска нација, и од таму централноста на античкото минато, па дури и праисторијата – пр. „македонскиот неолит” (колку поодамна, толку подобро). Тоа е неговата главна разлика од претходните два концепта. Што се однесува до сличностите, со македонизмот најблиски му се интеракцијата со институциите на системот и ревизионизмот. Владата е таа што гради споменици, а ИНИ е тој што научно аргументира, исто како во СФРЈ. Во поглед на анти-македонизмот, блиски му се конспиролошките наративи („комунистите ве лажат”). Слично како и македонизмот, неомакедонизмот негува анти-бугарски сентименти. Слично како и анти-македонизмот, негува анти-југословенство. Негови типични претставници се доцното пост-Љубчовско ВМРО-ДПМНЕ, како и една цела плејада историчари и археолози како, на пример, Паско Кузман, Митко Панов, Александар Донски итн.

Она што неомакедонизмот всушност претставува е една „напредна” верзија на македонскиот национализам. За прв пат тој го воведува наративот на автентичност и историски континуитет од неколку милениуми. Тој е македоноцентричен, непризнаен од соседството и од светот (и од многумина во Македонија), и езотеричен. Во секој случај, во услови на нестабилна економија, криза на лидерството и легитимитетот, се создава плодна почва за романтичен национализам.

Она што е можеби најзначајно е дека, за разлика од сите националистички пристапи досега, неомакедонистичкиот е најконфликтен, и во самата земја (фокусирајќи се исклучиво на етничките Македонци), но и кон соседите (антибугаризам, антисрпство и антигрцизам). Негов траен белег е иредентизмот (неодделив дел од иконографијата е картата на голема Македонија). Друг негов белег е иновацијата, сè уште заглавена помеѓу митовите и фактите (целата наука околу јазикот на античките Македонци, на пример, која е на границата помеѓу револуционерно откритие и академски дебакл). Негова недделива карактеристика е анахроноста – во Европа денес корени бараат само радикалните десничари од типот на Штрахе, БНП и Јобик, но не и прогресивните сили.

Новата „Историја на македонскиот народ” е дефинитивно „историја во од”. Меѓутоа, нејасно е каде тој од е насочен. Минатото, особено митот, ако за елитата претставува средство за манипулација, во исто време е и голем товар за „обичниот националист”. Колку тој е подлабок и покомплексен, толку е потежок. Целата таа измислена традиција од илјадници години има за задача да го определи патот од минатото до сегашноста. Ригидно одредувајќи ги сите подробности од историскиот развој, врамувајќи ги во националната матрица, патот е прилично јасен и концизен. Новата „Историја на македонскиот народ”, евангелието на неомакедонизмот, нуди прилично детализирана приказна за една необична етногенеза, давајќи го точното решение на загатката како Македонците се развивале од праисторијата до денес. Тоа е импресивна приказна во која учествуваат владетели, војски, поробувачи, спасители итн. Но, во исто време, тоа е приказна која строго го одредува патот кој треба да се трасира во иднина – сега тој мит мора да се запази; да се негува и надоградува исклучителноста на македонската нација, да се чествува во името на предците и да се исполнат должностите наложени од славното минато. Во превод, тоа значи потенцирање на границите (кои и онака се јасно исцртани со Шенген-маркерот), потенцирање на македонското (на сметка на запоставување на албанското, ромското, српското, влашкото, бошњачкото, турското и сл.), и во омилениот органицистички манир кажано - потенцирање на корените, наместо потенцирање на листовите и плодовите.

Слики: Claude Verlinde

Sloveni

Не е дилема дали сме Словени или Македони... Сите Словенски племиња се Македонци! Сите Словени потекнуваат од Античките Македонци: Едноставно, (нелиии) :-), затоа што сите зборуваат во основа ист јазик кој е старо македонски, а тоа го докажуваат научно и математички прецизно академик Т.Бошевски и проф. А.Тентов!

Тешко на таа држава со вакви

Тешко на таа држава со вакви академици.

Атмосферава која ја создава

Атмосферава која ја создава овој текст дефинитивно може да се нарече конспираторска и на моменти се граничи со псевнонаучна кич анализа. Дистинкција, одредбите и називите во овој текст не му се познати на никој друг освен на авторот, очигледно дека и самиот ги има измислено со цел да поентира на ефтин начин.
 
А што се однесува до т.н. „неомакедонизам“ (веројатно се насетува пежоративната смисла на оваа бесмислена кованица), нека наброи авторот барем три национали истории кои не се интровертни и интроспективни, а кои се космопилитски и „космолошки“...

ОкоБоли главаВицФото