Исечената глава

30.05.2011 12:05
Исечената глава

Космичките луњи понекогаш предизвикуваат магнетни луњи на земјата. Човекот нема орган со којшто би ги регистрирал, па затоа често на морепловците одеднаш им полудува компасот, а тие тоа не го ни забележуваат. Ние живеевме токму во средиштето на една таква магнетна луња, но пропуштивме навреме да ги препознаеме нејзините знаци. Не бевме виделе дека нашите слогани одамна ја загубиле секоја смисла и дека нè водат во погрешна насока.
Артур Кеслер, „Цигли за кулата Вавилонска“

Како анимиран лик кој сè уште чекори низ воздухот, во цртан филм, иако веќе го пречекорил работ на провалијата - на тоа наликува груевизмот деновиве. На тоа, всушност, груевизмот наликува најмалку три години, после шлаканицата во Букурешт. Изгубени се сите насоки, намагнетизирани се компасите, скршени жироскопите, затрупани патоказите и реперите. Груевизмот го одржуваат (го погонат, патем опоганувајќи го целиот контекст, оти ем горивото е ѓубриво - базди и прска од срцето на машината - ем моторот работи килаво) - инерцијата, стравот, алчноста, насилството и лудилото („не, не сме ја пречекориле провалијата, ние сè уште летаме, како магарето од приказната, аха, сосе самарите, над владата, баш ко инвестицискиот балон, погодивте!, кон посветлата иднина“).

Само што има еден ситен проблем во сликава: не само груевистите, таму сме сите ние, чекор во провалијата. Овој режим нè научи дека нема разлика меѓу халуцинациите и стварноста, помеѓу пропагандата и реалноста. Згора на сè, како што пропаѓа груевистичката халуцинација, така работите дополнително се раштимани; реалноста како океан продира во пробушениот брод и предизвикува панично мешање на фантазмагориите за пловидбата со откинататите штици и тонењето.

Артур Кеслер во својата последна книга, автобиографијата „Цигли за кулата Вавилонска“, раскажува една морбидна шега која кружела низ берлинските новинарски редакции во почетокот на 1930 година, симболично отсликувајќи ја атмосферата на Вајмарската република во текот на последните месеци пред конечниот крај:

Одамна, во времето на вториот цар од династијата Минг, живеел некој џелат по име Ванг Лун. Бил вистински мајстор на својот занает и гласот за неговата вештина се проширил низ царството. Во тоа време погубувањата не биле реткост; имало денови кога требало да се отсече главата на петнаест или дваесет луѓе по ред. Ванг Лун бил познат по тоа што стоел во подножјето на губилиштето, со љубезна насмевка на лицето, потпевнувајќи некоја весела песничка и држејќи ја скриена зад грбот големата закривена сабја; потоа со еден снажен замав тој ја сечел главата на несреќната жртва уште додека оваа се качувала по скалите.
Истиот тој Ванг во животот имал и една неостварена желба, за која му биле потребни педесет години макотрпно усовршување. Таа желба, имено, била да се отсече главата на жртвата со еден единствен удар, но со таква сила што главата, согласно законот на инерцијата, би останала врз рамењата на човекот, слично како кога некоја чинија останува на масата и кога нагло ќе го извадиме чаршафот под неа.

Големиот момент на Ванг Лун дошол во неговата седумдесет и осма година од животот. Тој значаен ден на него чекале шеснаесет клиенти кои од овој несигурен свет на сенките требало да бидат испратени кон своите предци. Џелатот, по обичај, си стоел во подножјето на губилиштето, а единаесет отсечени глави, по неговиот неповторлив удар, веќе биле затркалани низ прашината. Моментот на големиот триумф дошол со дванаесеттиот човек. Како што тој тргнал да се качува низ скалите, така сабјата на Ванг Лун брзо како молња се спуштила врз неговиот врат; но главата на човекот сè уште си стоела на рамењата, а тој продолжил да се качува како ништо да не се случило. Доаѓајќи на самиот врв на губилиштето, човекот му се обратил на Ванг Лун со следните зборови:

„О, суров Луну, зошто не ми ги скратиш маките туку ме мачиш пуштајќи и понатаму вака да чекам, додека на другите им укажа милост брзо завршувајќи со нив?“ Тие зборови биле доволни за Ванг Лун конечно да разбере дека животната желба најпосле му е исполнета. Возвишено мирна насмевка се појавила на неговото лице и тој со најљубезен глас му се обратил на човекот што чекал:

„Би те замолил само да ја поднаведнаш главата.“

Сакам да во соопштам, почитувани читатели: и покрај тоа што груевизмот го сметам за најголемото зло што ја стрефило Македонија од 1945 навака, сосема спокојно заминувам на гласање во недела. Главата на груевизмот е скината, иако тој тоа не го гледа (вистина, и главата на нашата држава, поистоветена со груевизмот, е поприлично расклатена). Длабоко сум убеден, токму заради неговата неповратна забеганост: груевизмот губи во сите варијанти. Дури, ми се чини, дека релативно тесниот изборен пораз во историска смисла може да биде најдобрата варијанта за сегашниот режим. Да, ќе има одмазди, многумина од најголемите пљачкаши и злотвори ќе ги стигне заслужената казна, но сето тоа, мој е впечаток, ќе биде блага шега доколку и по петти јуни Груевски продолжи да владее; во тој случај, народниот бес толку многу ќе нарасне, како во експрес лонец, што следната промена на власта ќе наликува на револуција, а здивеаната правда ќе коси и лево и десно, и шуто и рогато, без да ги разликува обичните колаборанти и опортунисти од груевистичките злосторници. И, велам, иако не го сакам тој револуционерен расплет и се трудам (и низ пишувањето и низ граѓанскиот активизам) политичките работи да се решаваат мирољубиво и демократски, можно е да ни се случи некаква подраматична историска катарза, доколку работите продолжат да се одвиваат како досега. Груевистите се во паника дека ќе го загубат опљачканото, но стотици илјади луѓе во земјава се во паника зашто груевизмот им ги зема и лебот и слободата. Таквите судири не завршуваат мирно и на општо задоволство. Наша граѓанска (ако сакате, и патриотска) обврска е колку-толку да го намалиме притисокот под којшто сите живееме и да излеземе на гласање во недела.

Слики: Conrad Haberland

Извор: Глобус, 31.05.11.

Коља ситно! Ке им ја

Коља ситно! Ке им ја стркаламе главата низ тоалет!

купете си апчиња за

купете си апчиња за смирување, колку само тешко ќе го прифатите поразот ни самите не сте свесни

Никогаш повеќе нема да помине

Никогаш повеќе нема да помине овој арамиски светоглед. Ја изгуби силата и се разобличи. Кога лагата ќе се скрши не може да се залепи. Може да има пимплање, натегање, ама 63 пратеници + Претседател + Судство + Локал + Медиуми е невозможно да се повторат. Веќе нема да има кредити, меници, обврзници и консензус. Скап излет на македонскиот народ во бајковитиот свет на сирените што примамливо се огласуваа.

Се разбира очекуваме изборна

Се разбира очекуваме изборна измама, со оглед на составот на избирачките одбори и на неодамнешното кадровско ’екипирање’ на управните судови. Ама ако народот излезе во доволен број...

Измама очигледно имало,

Измама очигледно имало, измамени сте биле вие цело време.... толку запињање, толку глупости и зелени истресовте...и? Сега...апчињата, нема друго.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото