Груевски прифаќа дуел

30.05.2011 12:46
Никола Груевски

Скопје, Македонија - Откако премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, доби повеќе понуди за ТВ-дуел од опозицијата, но ниту една од нив не ја прифати, сега, на неколку дена до крајот на кампањата, тој вели дека без проблем и без какви било услови ќе прифати да учествува на телевизиски дуел. Досегашното одолжување и неприфаќање било тактика која во себе го содржела елементот на изненадување, вели тој.

„Ако прифатев уште во почетокот на кампањата немаше да биде интересно. Вака, со прифаќање во последен момент, давам еден посебен шмек на крајот на кампањата кој би требало уште повеќе да ги мотивира граѓаните на 5 јуни да излезат и да го дадат својот глас. И со оглед на тоа што неколку пати ги одбив понудите, сега кога прифаќам, интересот и гледаноста на дуелот ќе бидат далеку поголеми. Секогаш е така. Колку повеќе ги одбиваш, толку повеќе те посакуваат“, ги објаснува Груевски причините за ваквата одлука.

Сепак, освен во овој дел, изненадувањата се присутни и во слободата која Груевски ја остава за противниците кои би седеле од другата страна. Како што вели тој, изборот за противници целосно му го остава на Бранко Црвенковски.

„Да не испадне дека се плашам од некого и дека немам храброст да се соочам пред целата македонска јавност, еве, јавно истакнувам дека СДСМ и Бранко Црвенковски можат најслободно да изберат со кого би се соочил на дуелот. Дали тоа ќе биде Зоран Ставрески, или пак Никола Тодоров, или Гордана Јанкуловска, или Влатко Ѓорчев, или можеби Антонио Милошоски, или кој било друг од луѓето кои се наоѓаат на нашите изборни листи, одлуката е во рацете на Бранко Црвенковски“, одлучно и отсечно рече премиерот Груевски.

И се разбира, изненадувањата не престануваат тука. Освен слободата која ја остава во изборот на политичар со кого би се соочил, Груевски остава и целосна слобода во изборот на телевизија и водител-домаќин.

„Дали тоа ќе биде Сител на едниот коалиционен партнер каде што разговорот би го водел Латас, или Канал 5 на другиот коалиционен партнер каде што водителската палка ќе му биде доделена на Миленко, или на МТВ каде што како глас на народот ќе се обрати Томиќ, и тоа нека го избере Црвенковски“, со големо ниво на самодоверба и одлучност пресече Груевски.

На понудата веднаш одговори Гордана Јанкуловска, која е среќна што е дел од понудените опции за дуел со Груевски.

„Радмила Шеќеринска на претходните парламентарни избори го обвинуваше Груевски дека бега од женска сукња, но со самото тоа што и јас како претставник на женската популација сум дел од понудените кандидати за дуел од страна на премиерот, овие обвинувања паѓаат во вода и губат секаква смисла. Исто така, би сакала да напоменам дека јас сум целосно спремна во кое било време да седнам на дуел со Груевски и да му ги поставам прашањата кои сите нас нè интересираат, како тие за реформите кои се планираат во следните четири години“, вели Јанкуловска.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е убеден дека со овој негов потег конечно ќе ги замолчи злобниците кои секојдневно го критикуваат.

„Со денови и денови упорно бараа дуел, ме провоцираа, ме исмеваа, велеа дека сум страшливец, но со оваа понуда сето тоа ќе се заборави. Ќе остане само сеќавањето на мојата храбра понуда и уште похрабар настап на малите екрани. Кого и да го изберат од понудените опции, сигурен сум дека ќе го победам и ќе ги освојам симпатиите на гледачите. Бранко, сега ти си на потег! Избери го противникот, јас сум тука, го чекам“, триумфално извика премиерот Груевски.

Очекувано е дуелот да се одржи во последните часови од изборната кампања, односно веќе во петок, во вечерните часови, пред да почне изборниот молк.

Извор: plusinfo.mk

ОкоБоли главаВицФото