Страв од нашето НЕ

31.05.2011 10:19
Страв од нашето НЕ

Секое бегање од дијалогот е тажно во еден систем кој сака да се нарекува демократски. Секој монолог кој трае бесконечно, кој нема паузи, кој постои бесцелно и само за себе е деструктивен, манипулативен и е стерилен. Власта навидум ни нуди една контрапозиција - ДА и НЕ. Тие биле ДА, опозицијата била НЕ.

Мене ми е јасно што власта сака да манифестира. Со своите бесконечни серијали на ДА, власта сака да ја маскира капитулацијата на својата програма. На тој начин мисли дека ќе ја сокрие неуспешноста на преродбата и изгубениот легитимитет и кредибилитет кај граѓаните. Од друга страна, серијалот НЕ служи за да ја претстави опозицијата како деструктивна, интелектуално стерилна и неспособна во праксата на владеење, или како тие си ја разбираат власта, во праксата на градење. Воедно, со залепување на етикетата „опозицијата е за НЕ“, власта сака да ѝ атрибуира еден вид на општоприфатено нерасположение, една емотивна негативност. Според ВМРО, опозицијата е симбол на умртвеност, додека власта е симбол на нескротлив активизам и непресушна енергија. Мртва тежина од една страна, перпетум мобиле од другата.

Но, власта, всушност, прави една голема измама. Не може некој да наметне контрапозиција кога не постои вистинска дебата, кога не се зборува за конкретни позиции и за предлози, кога не се зборува за проблемите, за последиците и за одговорноста. Кога во суштина наместо про и контра дебата, слушаме како некој хегемонистички ни кажува што е ДА, а што е НЕ. Тука е и грешката на Груевски, што во оваа комична поделба на улогите, толку очигледно ја избегнува суштината на нештата. Не е доволно што не постои дебата, туку тој недостаток треба да се надгради со дефокусирање и со бегање од реалните теми и проблеми. Груевски мравката и опозицијата скакулец треба да биде темата, а не владините одговорности за сиромаштијата, за изолацијата, за нарушената демократија во нејзиното петгодишно владеење.
Притоа, власта не разбира дека едно НЕ извадено од контекст, едно изолирано НЕ, испразнето од своето значење, нема никаква логика. Едно НЕ, исто како и едно ДА, може да биде точно или погрешно, да биде мотивирано или претенциозно, глупаво или интелигентно, само во однос или во рамките на настанот, на предметот, на причината која го произвела. Да се тврди дека нешто е НЕ, затоа што некој произволно тврди дека тој е за ДА, во најмала рака е инфантилно и глупаво. Затоа, ставот на власта дека „опозицијата е за НЕ“ е еднакво на вадење од контекст на секоја идеја, на секој збор и нивно прикривање зад една пропагандистичка завеса. Единствено нешто што стои пред таа завеса и што ние треба да го гледаме е големиот работник и херој на македонската нација, Никола Груевски.

Но, мислам дека на повеќето одамна им е јасно дека губењето на реалната и конкретна димензија за проблемите и состојбите, не е само една лоша и ограничена карактеристика на македонското општество. Тоа е основниот елемент во технологијата на владеење на Груевски. На тој начин, рационалната дискусија, одговорноста и отчетноста, се заменуваат со психолошки и емотивни аспекти на една телевизирана, пропагандистичка и популистичка или, со еден збор, спектакуларна политика. Погледнете ја таа перфидна насмевка на Груевски додека исфрла едни исти исфабрикувани и простопроширени фрази. Погледнете колку е ист методот кога тој човек зборува дека ништо не знае, кога треба да наметне некоја искривена теза или кога мавта со некакви манифести. Нормално, тоа е надополнето со бескрајно повторување на истите фрази во вестите, на договорените емисии кај Јанко, Латас или кај Миленко, на насловите на владините весници. Секаде владее истата симплификација на проблемите, истата површност, истиот лик кој се смешка и кој глуми дека народот му е важен и дека е во мисија да го спаси од транзициската опозиција.

И кога веќе сме кај едноставноста: ќе ви кажам уште едно објаснување зошто Груевски да-да-ка како недоквакан. Зошто толку очајно моли за вашето ДА, прашува дали сте ДА за ова или ДА за она. Зошто човекот, наместо да се однесува како што му доликува на еден премиер, всушност звучи како евтин продавач на медицински препарат кој никој повеќе нема намера да го купи? Груевски нема избор, тој мора да да-да-ка.
Страв му е од нашето НЕ. Постои момент, за волја на вистината, многу краток момент, во кој зборот НЕ е многу моќен, во кој нашето НЕ е исклучително моќно. Тој обичен и прост збор што има исто значење на секој јазик, кој е така прецизен, недвосмислен, е најдоброто оружје против моќникот навикнат постојано да му одговараме со ДА. И верувајте нашето граѓанско НЕ е кристално јасно. Тоа НЕ, не е ниту ДА, ниту можеби, ниту камоли. Кога е во прашање Груевски, нашето НЕ е НЕ и точка. Нашето НЕ, не е само политичко или економско НЕ. Груевски сакаше да владее со нашите чувства и емоции, од него да ни зависат човечките односи, од него да ни зависи животот. Е па, токму затоа, нашето НЕ е непроменливо, зацементирано, точка од која нема помрднување. Тоа што е важно, е тоа НЕ да му се соопшти во вистинско време и на вистинско место.

Местото е таму каде што ќе гласате, времето е 5 јуни, од седум наутро, до седум навечер.
Морам да објаснам зошто сум толку убеден дека најголемиот дел од граѓани на Македонија на овие избори ќе му одговори на Груевски со НЕ.

Моќта во сите свои форми и видови има проблем со прифаќањето на негативен одговор. Човек како Груевски не е способен да ја прифати својата импотентност во овој момент. Затоа тој игра валкано, затоа е подготвен врз луѓето да изврши секаков притисок, да го прегази сечие достоинство. И, нормално е, луѓето кои се свесни за неговата моќ да подлегнат на неговите притисоци. Секој во таа ситуација помислува дека е подобро да свитка опаш, да премолчи, да ја прифати наметната игра. Но, луѓето денес, по подолго време стануваат свесни и за нешто друго. Дека пред нив стои можноста да му вратат, да го казнат моќникот за сите гревови, а тој да биде неспособен да им се одмазди. Ниту еден негов притисок не вреди, кога народот е свесен дека може да го порази. Човек кога е ослободен од последиците на оној што му се заканува, кога не стравува за себе, тогаш најмногу се почитува себеси.

И затоа мислам дека скандалот со списоците е фаталната грешка на Груевски што ја прелеа чашата. Во својата фатална опсесија за моќ и контрола Груевски ги наби луѓето до ѕид, сите станаа свесни за огромните злоупотреби и притисоци, но, воедно тие се свесни дека можат да се ослободат без да ги стигне казната. Луѓето чувствуваат дека промената е можна, дека победата е на дофат и тоа дополнително ќе ги окуражи да му се спротивстават на Груевски. Груевски сега може да прави списоци, да се заканува, да крши, да тепа и да малтретира, сè додека неговиот делириум не се судри со судбинското НЕ на народот.

Како Коцкарот на Достоевски, Груевски е фатен во својата пајажина. Неговиот ризик, неговата зависност да си игра со сè и сешто, ќе биде неговиот крај. Медицината ја нарекува зависност без супстанци. Груевски не игра само со својата политичка кариера, тој игра со животите на луѓето. Достоевски го објаснува овој вид на зависност: неговиот Играч се преправа дека му се важни успесите, но неговата крајна желба е поинаква, тој обожува да ги шокира гледачите со своите ризични потези. Никогаш не успева да се надмине себеси и страста повторно да добие, во нашиот случај, да добие власт. Груевски помеѓу рулетот и шахот, го одбра рулетот. Но, тркалото се врти и неговата игра е завршена. Играта е завршена. Le jeux sont faits, rien ne va plus. Наместо крупието, овој пат вели народот.

Правилото на шахистот гласи: прифати ги сите последици на твојот пад. Груевски за тоа не е способен, тој најмногу би сакал сите да потонеме заедно со него. Груевски е коцкар кој толку многу е изгубен што нема претстава за потезите што ги повлекол. Како што вели Борхес: „Но и коцкарот е заробеник на една друга табла од темни ноќи и бели дни...Бог го движи играчот, а овој фигурите. Кој Бог зад Бога ја плете мрежата од време и прашина, соништа и агонија?“

Илустрации: Ким Даехјун

ОкоБоли главаВицФото