Македонија на 5 јуни избира меѓу Европа и антиката

31.05.2011 12:50
Македонија на 5 јуни избира меѓу Европа и антиката

Изборите се клучни за Македонија, бидејќи ќе одреди во кој правец ќе се движи Македонија, дали ќе оди кон Европа или ќе се врати во антиката, се вели во анализата под наслов „Македонија: Избор меѓу Европа и антиката“ што угледниот меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана ја изработи по повод предвремените парламентарни избори во Македонија на 5 јуни. ИФИМЕС редовно ги анализира случувањата на Блискиот Исток и на Балканот.

Во анализата, ИФИМЕС забележува дека во последните пет години од доаѓањето на Никола Груевски на чело на македонската влада немало позитивни придвижувања во евроинтеграциите.

Поддршката за влез во ЕУ и НАТО и понатаму е на високо ниво кај граѓаните во Македонија и изнесува дури над 90 отсто. Граѓаните очекуваат дека новата влада да го забрза процесот на интеграции кои се клучни за иднината на земјата.

Меѓународниот институт ИФИМЕС смета дека новата влада на Македонија ќе биде составена од повеќе македонски и албански партии без учество на ВМРО-ДПМНЕ во таа влада.

ИФИМЕС се осврнува и на проектот Скопје 2014 при што забележува дека Македонија и Скопје во последните три години станаа препознатливи во најпознатите светски медиуми, не поради забрзаниот развој на стопанството, туку поради изградбата на проектот „Скопје 2014“ на кој владеачката ВМРО-ДПМНЕ троши милиони евра за изградба на споменици, музеи и триумфална капија во центарот на Скопје.

„Македонија и Скопје во последните три години станаа препознатливи во најпознатите светски медиуми не поради забрзаниот развој на стопанството, туку поради изградбата на проектот „Скопје 2014“ на кој владеачката ВМРО-ДПМНЕ троши милиони евра за изградба на споменици, музеи и триумфална капија во центарот на Скопје. Значителен број на граѓани во Македонија се спротивставува на овие проекти, кои трошат милиони евра од буџетот на државата, но владата го игнорира тој факт. ВМРО-ДПМНЕ дури и текот на изборната кампања се фали со овие проекти, кои непотребно ги трошат парите на даночните обврзници во ситуација кога голем број од граѓаните живеат на работ на сиромаштијата.“

Со поднасловот „ВМРО-ДПМНЕ фатена во офсајд“, институтот пишува дека во првите десет дена од кампањата видливо е дека само владеачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат пари за кампања и дека милиони државни пари трошат за своја промоција. За разлика од владеачките, опозициските партии, изборната кампања ја минимизираа поради недостиг од пари. Голем дел од граѓаните и аналитичарите во Македонија оправдано го поставуваат прашањето дали е оправдано да се трошат толку пари на билборди, спотови и политички маркетинг, кога во државата има 35 отсто сиромаштија и висок процент на невработеност.

Дека владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ веќе не е сигурна во својата победа покажува и големиот скандал кој го откри независната А1 Телевизија која на 9 мај објави прилог од 15 минути во кој беа прикажани разговори со луѓето на високи позиции во државната администрација кои имаат за задача да обезбедат по 15 гласови , односно по 30 гласови за ВМРО-ДПМНЕ.

Според расположението на граѓаните и јавното мислење, владеачката ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во тешка ситуација и мала е веројатноста дека ќе биде во состојба да формира влада по 5 јуни. Нервозата кај Груевски е видлива поради големиот негативен арсенал кој го упатува кон СДСМ, но истата нервоза и агресивност ја покажува и кон другите десничарски партии на неговиот поранешен партиски шеф Георгиевски и лидер на ОМ Бошкоски. Според проценките на ИФИМЕС, колку и да е голем стравот на Груевски од Црвенковски, уште поголема закана се Георгиевски и Бошкоски кои можат, според проценките на институот да преземат дел од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и со тоа претставуваат важен фактор во формирање на новата влада.

Меѓу албанските партии јасно е дека ДПА не сака да биде во владата на Груевски, нејасна е позицијата на Али Ахмети, како и на Руфи Османи, кои според информациите на ИФИМЕС кокетираат и со Груевски што за ВМРО-ДПМНЕ не е погубно имајќи предвид дека 80 отсто од Албанците имаат негативен став кон Груевски.

Аналитичарите оценуваат дека сегашната македонска влада е уверливо најслабата влада од прогласувањето независност. Општо уверување е дека новата влада може успешно да го продолжи патот кон полноправното членство во ЕУ започнат на 17.12.2005 г., кога Македонија официјално стана кандидат за членство во ЕУ и да ја зачлени Македонија во НАТО. Значи, Македонија овојпат бира меѓу својот пат во Европа или враќањето во античкото минато на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: plusinfo.mk

Тоа сигурно е некој

Тоа сигурно е некој комуњарски институт, а СДСМ ги користи југословенски врски, или можеби Љубе хрватските за да влијаат на него, повеќе од јасно е дека Груевски победува, сите се за да!