1015 hPa
68 %
19 °C
Скопје - Саб, 06.06.2026 00:59

Глобалната војна против сидата и ХИВ вирусот е осудена на неуспех доколку не се постигне драматичен успех во обезбедување права на жените во земјите во развој, се наведува во извештајот на ОН објавен во Лондон.
Пандемија, епидемија на глобално ниво, сè повеќе добива женски лик бидејќи отсуството на рамноправност на жените, од сиромаштија и неписменост до силување и ускратување на правата за наследство и имот, претставуваат најголема пречка во победата над вирусот ХИВ кој опасно се шири низ светот - се нагласува во најновиот извештај за Глобалниот статус на инфекцијата.
Насилството над жените претставува една од причините за ширење на епидемијата во земјите во развој во кои жените и девојките најчесто немаат ни право, ни смелост да одбијат сексуален однос или барем да побараат партнерот да користи заштита. За милиони жени, се вели во извештајот, „сексот претставува единствен извор на приходи“.
„Факт е дека рамнотежата на силите и правата во многу врски претежнува на страната на мажите и често добива димензии на живот или смрт. Овие фактори не можат лесно да се отстранат ниту заобиколат, но додека постојат, мораме да продолжиме со напорите ако сакаме да му се застане на патот на епидемијата на сидата и да се постигнат барем минимални резултати“, се вели во извештајот.
Близу 50% од 40 милиони луѓе заразени со ХИВ вирусот се жени. Во областите во кои епидемијата е присутна има повеќе заразени жени од мажи, а во земјите во кои епидемијата допрва започнува, бројот на инфицирани жени го надминува бројот на мажи, а тој јаз меѓу нив сè повеќе се продлабочува.
Источна Азија во изминатите две години доживеа најголем пораст на бројот на жени заразени со ХИВ - 56%. По бројот на заразени во овој период следат источна Европа и централна Азија со 48% заразени жени. Во областа на Карибите, кои според погоденоста се на второ место, веднаш по државите од подсахарска Африка, заболуваат двојно повеќе жени од нивните врсници мажи.
Една од причините за брзото ширење на инфекцијата лежи во фактот дека, анатомски гледано, жените полесно ја префаќаат болеста преку сексуален однос од мажите. Сепак, во многу делови од светот, посебно во Азија, заболуваат повеќе жени отколку мажи бидејќи вирусот се прошири од јавните куќи. Пред само 12 години, околу 90% од пренесувањето на ХИВ вирусот во Тајланд беше поврзано со проститутките и нивните клиенти. Меѓутоа, сега околу половина од инфекциите се јавуваат кај жените чии сопрузи или партнери ги посетувале јавните куќи.
Во многу делови од светот, принудните бракови како долгорочни моногамни врси не ја штитат жената од сида бидејќи тие сè уште не можат да контролираат кога ќе имаат сексуален однос.
Едно истражување извршено во неколку области во Кенија и Замбија покажа дека меѓу мажените тинејџерки степенот на инфекции со ХИВ вирусот е 10% поголем отколку меѓу нивните немажени, но сексуално активни врснички. Слични резултати се добиени и по истражувањето во Уганда. Мажените жени во некои африкански земји се позагрозени од немажените бидејќи младите жени често се мажат за многу постари мажи за да бидат материјално згрижени, но сосем е познато дека тие мажи имаат и други сексуални партнерки со што се изложени на ХИВ вирусот, се наведува во извештајот.
Сидата станува катализатор за правата на жените во земјите од развој, сметаат стручњаците од Програмата UNAIDS. „Посотеја доволно причини за загриженост поради положбата на жените во земјите во развој и пред сидата, но сега станаа подиректни. Ако сидата не е доволна причина за веднаш да се поправи драматично тешката положба на жените, тогаш не знам што би можело да биде побитно“, предупредува директоратот на Програмата.
Според мислењето на епидемиолозите, дојде моментот кога движењатаза правата на жените и за борба против сидата конечно треба да се сретнат, бидејќи досега тоа не било случај. „Сè додека положбата на жените не се стави во средиштето на борбата против сидата, не гледаме можност за контролирање на епидемијата“, се заклучува во извештајот на Програмата UNAIDS.