Создавањето историја по 5 јуни

31.05.2011 15:23
Создавањето историја по 5 јуни

Дали 5 јуни ќе биде историски датум за Македонија? Дали се оправдани очекувањата дека ова ќе бидат едни од најзначајните избори во поновата историја на државава? Обично, пред избори се трошат силни зборови и многумина не можат да се ослободат од патосот, кој делумно е резултат на тешкото минато, а делумно и на големите очекувања дека Македонија заслужува подобра иднина. Се разбира, по историското се посега кога стравот е голем, кога емоциите и страстите се зовриени и се чека или се навестува дека ќе се случи нешто крупно, невидено, грандиозно...

Историското, нормално, се доведува во најтесна врска со падот на Груевски. Тоа би значело дека Македонија може да се справи со еден лош, поточно, со еден катастрофален систем што ја ослабна државава на внатрешен план, а ја загрози и нејзината надворешна позиција. Поразот на Груевски ќе означи и крај на сите оние политики кои ја изместија Македонија од тежиштето на нормална демократска држава со тенденција таа да прерасне во тврд, недемократски режим.

Падот на оваа власт ќе доведе и до уривање на трите столба на која таа почиваше: прво, ќе се ослободиме од политиката на апсолутен дисконтинуитет, со која неодоговорно и манипулативно се изгнаси целото наше минато, сите вредности и достигања на една млада нација; второ, тоа ќе биде крај на политиката на цврста рака и на перење мозоци со која беше убиена идејата за развој на Македонија како европска и како демократска држава и, трето, ќе заврши ерата на криминалното трошење на скромните ресурси на државава со што новата политичка елита сакаше да изгради авторитарен и клиентилистички систем во кој нема место ниту за плурализам, ниту за пазарна економија, ниту за слобода на поединецот.

Груевски на врвот на својата моќ, некаде во 2008 година, помисли дека политиката во Македонија ќе се преточи во идентификација помеѓу партиското и државното, дека сите другости – политички, економски, општествени, културни итн., толку многу ќе девастираат што ќе ја претворат Македонија во политичка пустина во која постои само една оаза со вмровска вегетација.

Во еден таков систем, изборите требаше да бидат некој вид плебисцит за власта, бидејќи популистите сакаат токму таква поддршка. Тоа им е во крвта – од Наполеон Бонапарта Трети до Никола Груевски Први. Според нивниот резон, граѓаните требаат да одат на гласање само за да ја потврдат програмата што им ја понудил водачот. Сè друго е споредно и сите други учесници се ефемерни. Врската меѓу водачот и народот е програмата што тој им ја нуди, а таа врска се зацврснува кога граѓаните ќе ја прифатат со полно срце.

Во главата на Груевски е создадена претстава за изборите какви што ги имале татковците на нацијата од типот на Насер или на Мубарак, кои, од време на време или во исклучителни ситуации – ќе го прашаа народот дали се согласува со некоја нивна одлука. Во таквите референдумски изјаснувања немаше промашувања – поддршката не беше никогаш пониска од 95 отсто. Груевски е поскромен. Тој би се задоволил со 62 пратенички места. Тоа му е нормата.

Зошто Насер и Мубарак освојуваа над 90 отсто од гласовите, а Груевски, по нивниот пример, е задоволен со просто мнозинство? Па, прво, во времето на Насер, Садат, па и на Мубарак, немаше опозиција или, пак, она што се нарекуваше опозиција беше само владин декор. Второ, во времето на Насер и на Садат, сите чинителите на системот – војската, полицијата, администрацијата, владините медиуми, итн., беа ставени целосно во функција да обезбедат висока излезност и уште повисока поддршка. Ништо не беше оставено на случајот.

Се разбира, врската помеѓу Груевски и Насер е симболична или, само до нивото на разбирањето на плебицитарноста. Разликата е сепак евидентна – Египет во времето на Насер важеше за диктаторски режим, Македонија во времето на Груевски е сè уште е третирана од ЕУ и од САД како демократија.

Тоа што останавме во некаков европски контекст е единствената причина зашто Груевски не стана Насер или Мубарак. Второ, на Балканот новите митски фигури не траат долго, бидејќи не можат се справат со вистинските проблеми и противречности и, нормално, не можат да ги оддржуваат подолго време како реални и како остварливи големите ветувања. Груевски го почувствува тоа на сопствената кожа и тој ќе биде запаметен како уште еден нереализиран популист.

Да се победи еден популист на избори не е мала работа. Таа ќе биде една од најслатките победи, бидејќи, изборите што ги организира Груевски, според сите критериуми и стандарди, нема да бидат ниту фер, а ниту демократски. Оттука, да се победи Груевски, само по себе, е голем историски настан. Втората работа која веќе отсега може да се прогласи за историска е постоењето на широк консензус кај речиси сите партии од опозицискиот блок дека Македонија треба да се развива како демократска држава и да го забрза своето интегрирање во евроатланстките структури. Веројатно, постои уште некоја причина зашто 5 јуни заслужува да биде запаметен. Сепак, свеста за историското ќе натежне, откако по поразот на Груевски ќе си го поставиме едноставното прашање: Што потоа?

Прво што ќе треба да разбереме е дека историја не се прави само со избори, со еднократниот чин на гласање со кои се изразува волјата за поправедно и за понормално општество. Историјата, меѓу другото, треба да симболизира дека сме станале свесни каде и зошто сме грешеле. Еве, и Србија пред речиси 11 години доби свој култен датум – 5 октомври. Српското искуство ни кажува дека и по големиот пресврт, што изразуваше една национална катарза, следуваа години на лутање, на конфузии и на погрешни политики.

Кога Груевски ќе биде поразен, започнува она вистинското – треба да се рестартира системот – и на политички и на морален план. Но, тоа нема да биде доволно, поточно нема да биде гаранција дека трајно сме се решиле од опасноста некој нов политички монструм да завладее со оваа држава. За да се оправда поимот историски ќе треба да помине време за да се види дали ќе дојдат до израз трите атрибути на историското – зрелост, упорност и постојаност. Во Македонија нема да се создава историја ако продолжиме со политиките на тргни-застани, со цик-цак политиките и со политиките на бегање од проблемите.

Оттука, како што треба да се биде решителен и храбар на 5 јуни, така и подоцна, тој дух на конструктивност и на созреаност треба да ни биде водилка во наредните децении, кои нема да бидат лесни, но ќе бидат некоја временска рамка за Македонија да се пронајде себеси и да се реализира како европска држава.

Извор: globusmagazin.com.mk

ОкоБоли главаВицФото