Јубилејно издание на OFFEST

02.06.2011 12:13
Јубилејно издание на OFFEST

Денеска започнува, јубилејното, десето издание на OFFEST.

Фестивалот ќе го отвори светски познатиот полифониски вокален ансамбл „А Филета“ од Франција и бразилскиот виртуоз на гитарата Јаманду Коста.

Втората вечер на Оф-фест е резервирана за музиката на Мали - ќе настапи најпопуларното африканско име денес, слепата двојка Амаду и Мариам со својот седумчлен состав, како и автентичните пустински Туарези вооружени со електрични гитари Теракафт.

На 4 јуни публиката ќе има прилика да присуствува на концертната промоција на најновиот проект на македонската група „Баклава“ - „Ме Манкас Мучо“, како и на исклучително моќниот и атрактивен перформанс на познатата шпанска пејачка и мулти-инструменталистка Мерседес Пеон.

На 7 јуни ќе настапат Јужнокорејците „Нореум Мачи“, кои со спектакуларни перкусивни дијалози, шамански рефрени и акробатски танци ќе ја претстават специфичната култура на својата земја. Во истата вечер Зоран Маџиров премиерно ќе го изведе во живо својот најоригинален и најитимен проект до сега, албумот „Roots on a roof: Balcano nuevo“.

Сите концерти на Оф-фест ќе се одржат во Салонот на Македонската опера и балет, со почеток во 20 часот.

Цената на влезницата за концертите на A Filetta и Јаманду Коста кои ќе го отворат фестивалот изнесува 500 денари. Билетот за настапите на двете групи од Мали е 700 денари. За концертот на Баклава и Мерцедес Пеон, посетителите ќе плаќаат по 400 денари како и за Јужнокорејанците Noreum Machi и Зоран Маџиров.
Комплетот за сите вечери се продава по цена од 1600 денари.

Билетите за годинешниот Оф-Фест можат да се набават во: Југотон, МОБ и на www.karti.com.mk.

ОкоБоли главаВицФото