Светот на сништата

03.06.2011 22:42
Морс Светот на сништата

Доколку револуцијата е „илузија на политиката“ (Маркс), тогаш таа илузија на политиката делува реално благодарение на илузијата на историјата. Се разбира, дневните фантазирања се здрави, без нив не можеме да живееме. Но, кога нивната логика, во обидот да биде компензација за разочарувањата на денешниот ден, стане "план" кој во себе идното значење го носи затворено како во самица, тогаш неодреденоста и отвореноста на времето се колонизирани, а утопискиот сон станува реалност на репресијата.

Во периодот пред непосредно да се урне советскиот режим, дисидентските уметници на Советскиот сојуз историјата на својата земја ја претставуваа како свет од сништата – крајот на советската ера го насликаа пред тој навистина да се случи. За таа генерација, одредувачкото феноменолошко искуство не беше револуционерниот рез, туку токму моментот на будење. Одличен пример е сликата „Манифест“ на Александар Косолапов од 1983 година: на позадината на крваво црвеното небо, среде урнатини меѓу кои е и бистата на Ленин, три ангели се обидуваат да го дешифрираат текстот на единствениот сочуван примерок на Марксовиот „Комунистички манифест“. Сонувачот, кој сè уште го сонува сонот за историјата, ја прифаќе логиката на историјата како неумитност. Но, во моментот на будење, кога кохерентноста на сонот се губи, остануваат само искинати и расфрлани слики. Сосема е уништена поврзаноста која ги правеше привлечни.
Исклучително е важно да се согледа дека крајот на советската ера просторно не е ограничен на територијата само на Советскиот Сојуз. Болшевичкиот експеримент, без оглед на мноштвото специфично руски особини кои го красат, витално беше врзан за западниот, модернизирачки проект, од којшто не може да се одвои без притоа самиот тој проект – вклучувајќи го и култот на историски прогрес – да не се распадне во парампарче. Оние кои се обидуваат на политички начин да ја интерпретираат таа фаза на будење, не би требале себеси да се споредуваат со револуционерни пророци. Подобро е на фрагментите на сонот да им пријдат како врачеви кои пред битката ги толкуваат трагите на животните – но притоа да не се трудат да предвидат која страна ќе победи, туку да ги дешифрираат оние сили на колективната фантазија кои ќе можат да му се спротистават на насилството на обете војски, и на тие сили да им помогнат со тоа што ќе ги разобличат погрешните претстави, оние од кои зависи секоја војска.

„Историјата” нè изневери. Ниедна нова хронологија нема да го избрише тој факт. Предавството на историјата е толку длабоко што не можеме да и’ простиме така што ќе и’ го прилепиме префиксот “пост-“ (пост-модернизам, пост-марксизам). Уништувањето на сништата на модерната – социјалната утопија, историскиот прогрес и материјалното изобилие за сите – навистина е права трагедија. Но, препуштајќи и’ се на меланхолијата, ние во минатото сместуваме една целина која никогаш не ни постоела и ја мешаме загубата на сништата со недостигот од остварени сништа. Алтернативата, политичкиот цинизам, исто толку е проблематична, и тоа зашто со негирањето на можноста од промени ние промените ги оневозможуваме: антиципирањето на пораз доведува до пораз. Ние – на кои можеби единственото заедничко им е само делењето на ова време – не би требале да и’ се предадеме на самоиронијата и да останеме на дистанца спрема историското промашување, туку треба да им се приближиме на урнатините, да се пробиеме низ шутот и да ги спасиме утописките надежи родени од модерната: не смееме да дозволиме тие да исчезнат. Нема причина да се верува дека утописките надежи довеле до тоа историјата да тргне по погрешен пат, а сите причини, засновани врз сведоштвото за злоупотребата на моќта којашто историјата ја движи напред, наведуваат дека треба да се верува во спротивното.

Кога на една ера ќе ѝ дојде крајот, “историјата се распаѓа на слики, а не во приказни”. Без нарацијата на континуираниот прогрес, сликите на минатото личат на ноќни сништа чиешто прво “обележје”, како што ни рече Фројд, е еманципација од “спацијалниот и темпоралниот поредок на настани”. Таквите слики, како слики на сништа, се сложени мрежи од сеќавања и желби во кои се спасува, а можеби и искупува минатото искуство. Можни се само делумни толкувања на тие слики, и тоа во критичка светлина. Но, тие можат да бидат од помош ако ги осветлат делчињата од минатото кои, како што се чини, имаат некој енергетски набој, токму зашто ни во доминантната нарација не можат сосема глатко да се поврзат со сегашноста. Историските поединости тогаш слободно можат да влезат во различни констелации од значења. Јукстапозиционирањето на тие фрагменти на минатото со нашите моментни проблеми можеби има моќ да ја доведе во прашање самодопадливоста на нашето време во кое “историјата”, велат нејзините победници, дошла на крајот од својот пат, а новата глобална капиталистичка хегемонија наводно ја истерала конкуренцијата од бојното поле.

Да се работи на историската задача која значи изненадување а не објаснување на сегашноста – која е повеќе уметнички отколку политички авангардна во својата темпоралност – на крајот на векот може да се покаже како политички има вредна работа.

Слики: Александар Косолапов

Фрагмент од книгата: Susan Buck-Morss, Dreamworld and Catastrophe: The Passing of Mass Utopia in East and West