Европа како непријател

06.06.2011 11:24
Европа како непријател

Се чини дека токму сега стануваме сведоци на историска цензура во Европа. Ја доживуваме втората етапа на популизмот.

Во текот на првата етапа популизмот се развиваше како радикална опозиција. Се формулираше како малцинска позиција и се позиционираше како сила кон која етаблираната политика и нејзините медиуми се однесуваат непријателски. Во втората етапа ги шири своите кругови. Се поврзува со граѓански добро ситуираната средина. Во многу европски земји се наоѓаме среде оваа фаза.

Во Данска и Холандија десно-популистичките партии сосем официјално ги поддржуваат тамошните конзервативни влади. Во Франција е можно новата шефица на Националниот фронт, Мари ле Пен, исто како што пред десет години нејзиниот татко, Жан-Мари ле Пен, да влезе во вториот круг од претседателските избори. Во Австрија десно-радикалната Слободарска партија на Хајнц-Кристијан Штрахе, според испитувањето на јавното мислење, веќе се наоѓа на првото место со 29% поддршка од граѓаните.

Десниот популизам својот подем го постигнува благодарение на едноставното непријателство кон странците. Од самиот почеток таа ксенофобија се поставува на одреден начин: „Ние сме овде долу, вие сте таму горе!“, „Ние имаме проблеми со странците, ние живееме со нив. Нашите деца одат во градинки каде што сите се викаат Ахмед или Ајша. А оние другите живеат во поубави градски населби!“.

Со ваквата реторика популистичките политичари и булеварските весници се однесуваат како адвокати на „обичните луѓе“. Битно е тоа што популизмот успеа „непријателството кон странците“ да го преобрази во „непријателство кон исламот“.

Последниве недели и месеци се случи уште нешто што работата ја прави навистина опасна: во врска со спасувањето на јужноевропските земји и Ирска дојде до потпалување на антиевропските страсти.

Популистите ѕвечкаат: „Ние мораме да плаќаме да грчките, шпанските и португалските мрзеливци“. Има причина да се верува дека поголемиот дел од граѓаните го делат ова мислење на популистите.

Би требало веднаш да се смисли нешто против тоа, инаку „проектот на мирот“ на Европската унија ќе пропадне во зловолна заедница, во која секој ќе лае на секого. Популистите поставуваат по некое добро прашање, но, како и обично, на нив даваат погрешни одговори.

Извор: taz

ОкоБоли главаВицФото