Старата машина нема да издржи нова година

07.06.2011 10:59
Старата машина нема да издржи нова година

Победата на ВМРО ДПМНЕ, односно веројатноста дека оваа партија ја составува идната Владата на РМ, ја става земјата во позиција на голем губитник во наредните месеци, гледано и од чисто економско-социјална страна. Новата постава, соочена со проблемите кои само се натрупаа и во периодот кога оваа власт имаше удобно двотретинско мнозинство во Парламентот, практично влегува во истата „машина“ која ја возеше земјава и до сега: зарибана, без масло во моторот, со издишани гуми, соочена со силна и сè поевидентна надворешна изолација на секој план.

Евентуално „машината“ може да добие нова фарба, но тоа, како што предвидовме во претходинот број на „Глобус“, нема да го импресионира „шумарот“ и тој ќе ја стави ВМРО ДПМНЕ на ѕидот.

Рок на траење

Новата постава, со една или друга албанска „додавка“ во власта, не би издржала ниту до Нова година. Ова е една од констатацијата на трибината на нашите колеги за тоа „што ќе биде ако биде“ одржана на Алфа телевизијата, непосредно пред прогласувањето на изборниот молк. Во тие часови, кога на малите екрани се случуваа чуда во форма на исклучување на програми за да се гледа лидерот на ВМРО ДПМНЕ на „Сител“ (да нема конкуренција!) или кога се исклучуваа цели емисии од програмата („Во центар“), нашите колеги, кои ја следат македонската стварност, констатираа дека екипата на „пастирот“ едноставно не може да смета на државниот буџет како на своевиден „патриотски перпетуум мобиле“, односно дека тој одамна ги помина границите на подносливост, гледано во однос на тоа како се „крчми“ она што од граѓаните и стопанството се прибира по пат на даноци, царини и – сè почесто – преку казнената политика.

Имено, Владата на ВМРО-ДПМНЕ во својот петгодишен мандат располагаше со државен буџет од 11,4 милијарди евра. Владата на СДСМ во својот мандат за пет години потроши 7,3 милијарди евра. Што стана со таа разлика од 4,1 милијарди евра?! Што доби државата, помалите заедници (општините) а што граѓаните?

„Бидејќи екипата на ММФ ќе дојде непосредно после изборите, таа својата тактика ќе ја постави во зависност од тоа кој ќе ги добие изборите“, размислува еден од најискусните политичари кај нас Стојан Андов (дел од тој разговор објавивме во минатиот број). „Имено, ако победи ВМРО ДПМНЕ – што и се случи – меѓународните финансиери ќе бараат да видат зошто и како се трошеле нивните пари, кои, се разбира, се ’крчмеа’ ненаменски. Тие тоа ќе умеат да го кажат на најасен начин и сигурно дека како земја ќе влеземе во подлабока финансиска изолација, без можност на единствен начин, со влез на пари однадвор да се извлечеме од катастрофалната ситуација.“

„Победата на Шеќеринска ќе значеше дека ќе се смалеше притисокот врз ’калондонтот’, односно врз буџетот, па можеше да се очекува односот Влада-буџет да биде во рамките на традиционалната претпазливост на СДСМ. Ова за меѓународните финансисери ќе беше јасно уште во авионот, пред тој да слета на скопскиот аеродром. Оттаму, единствена шанса за спас за нас како земја беше од ММФ или од другите, алтернативни и слични извори да добиеме подршка во форма на одложување на некои достасани обврски или да добиеме нови поволни кредити, со кои како-така би испливале од социјалното цунами кое се заканува и кое е на самиот агол. Но таа шанса ја пропуштивме со последните избори и од тој факт нема бегање. До следните, веројатно, многу брзи избори. Практиката на владеење на Груевски не е можно да се менува, бидејќи таа веќе е влезена во колосекот на бесмислената и засилена непродуктивна потрошувачка! Таа може да продолжи со една или друга брзина, додека ’машината’ едноставно не застане сама од себе, што не е прашање само на механиката на владеење, туку на недостатокот на буџетско гориво!“

Доволно е да се погледне само структурата на буџетската потрошувачка: пресметките покажуваат дека Владата на Груевски во последните пет години потроши двојно повеќе пари за набавка на стоки и услуги – дури 1,3 милијарди евра, што е 800 милиони евра повеќе од претходната влада на СДСМ. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во својот мандат потрошила вкупно 350 милиони евра за субвенции за земјоделците, а СДСМ во периодот 2002-2006 година за субвенции исплатила 80 милиони евра. Ставката за плати на јавната администација за пет години само благо е зголемена за 130 милиони евра, а за капитални инвестиции, заклучно со парите предвидени во Буџетот за годинава, ВМРО-ДПМНЕ има на располагање вкупно 1,4 милијарди евра, за разлика од СДСМ, која во својот мандат во капитални објекти инвестирала дури 700 милиони евра.

Сепак, откако ќе се елиминираат зголемените трошоци на последната Влада за субвенции, плати и надоместоци, набавка на стоки и услуги и за изградба на капитални објекти, останува енигма како се потрошени 2,3 милијарди евра во последните пет години, пари собрани од даноци и придонеси?

Во весникот „Капитал“ беше предочено дека ако се претвореле овие пари во патишта, Владата можела со нив да изгради над 1.000 километри нови патишта или да реконструира околу 4.000 километри веќе изградени патишта. Со толку пари можеше да ги изгради клучните енергетски капацитети, како хидроцентралите Чебрен, Галиште и Бошков мост, да го реализира проектот Вардарска Долина, целосно да ја гасифицира земјата или финансиски да помогне отворање на околу 200 000 нови работни места. Но наместо сето тоа добивме – лавови, споменици, музеи и други градби кои во иднина ќе бидат исто така само потрошувачи, односно „јадачи“ на буџетскиот колач, колкав и да е тој. Да не говориме дека веројатно поголем дел од градбите ќе останат во фаза на изградба, бидејќи, за нив нема да има доволно пари или – ќе се јават други приоритети. Оваа ситуација може да се илустрира со изградбата на еден грандиозен, практично фараонски објект од времето на социјализмот.

Имено, Македонската радио и телевизија, сместена во првобитните бараки во Долно Нерези, се одлучи да изгради монументална зграда на сегашната локација. Имаше тогаш многу добронамерни советници, дури и од Би-Би-Си, кои предлагаа на старата локација објектите само да се доградат (да се направат пофункционални) односно бараките и да се претворат во бројни студија - павилјони, во кои би можело да се снима сè, од вести до спектакли. Но, тогашната структура на чие чело беше таткото на сегашниот министер за земјоделие, не слушаше никого и изгради облакодер со студија кои денес, во најголем дел, се и сосема туѓа корисничка привилегија. Ги користи Владата на РМ! Беше констатирано по пуштањето на објектот во употреба дека зградата не може да се издржува ниту самата себе си - имаше светилки колку еден град како Велес! Иднината на МТВ беше насочена кон преживување на градежниот мастодонт, место да биде насочена кон продукцијата, која стануваше сè потенка. На име на нараснати долгови цели спратови и беа давани на државата сè додека вработените од МТВ не остана на џуџеста површина, можеби и помала од онаа со која располагаше во објектите во Нерези!

За тоа дека вработените не можеа да земаат ниту плати (говориме секако за добата кога со претплатата немаше проблеми) не треба ни да се споменува, таа неволја се подразбира.Слично е и со позицијата на екипата на Груевски денес. Доцното доаѓање на премиерот во изборниот штаб претставуваше очевиден начин да се одложи славењето на победата. Просто да не знае човек дали да се радува или да тажи! Владата веќе потроши огромен буџет, но во целосно нерационални цели, што не се во позиција да ја супституираат иднината на земјава! Имено, таа потрошувачка создаде толкав долг на земјава што според кажувањето на почесниот претседател на ВМРО НП, Љубчо Георгиевски, ние за некоја година ќе мораме да враќаме по 500 милиони евра годишно, што ги надминува и најцрните прогнози и најоптимистичките гледања за моќта на нашата општествена продукција! Ова секако произлегува од фактот дека ниту денар од огромните буџетски парични „контингенти“ не е инвестиран во изградба на клучните инфраструктурни објекти, кои со години остануваат само дел од партиските програми пред изборите.

Економистите коментираат дека последната влада имаше можност многу повеќе пари да инвестира во развојот на земјата, бидејќи, буџетот од 1,16 милијарди евра во 2002 година достигна 2,6 милијарди годинава.

Економските аналитичари постојано повторуваат дека во последните пет години, освен во спомениците од проектот „Скопје 2014“ и во изградба на спортски игралишта и сали, немаше поголеми инвестиции во развој на патната, железничката и енергетската инфраструктура на земјата. Клучните делници од автопатиштата останаа неизградени, нема инвестиции во Коридорот 8 од железничката пруга, нема изградени енергетски капацитети... А тоа се инвестиции кои можат од денар да создадат два!

Оттаму, црните прогнози за новата власт се лесно објасниви. Тие се впрочем дел од нашето секојдневие и сега. Во наредните недели и месеци само ќе го зголемат хоророт!

Извор: Глобус, 07.06.11.

Цртежи: Лори Липтон

ОкоБоли главаВицФото