1030 hPa
74 %
![облачно облачно](/sites/all/modules/weather/images/night-overcast.png)
0 °C
Скопје - Чет, 16.01.2025 02:59
Датум: 9-12 јуни, 2011 година
Место: Различни локации на отворено, Скопје
Организатор: НВО Контрапункт
http://ngo-kontrapunkt.blogspot.com
Отворање со прошетка: 9 јуни, 19:00 часот пред просториите на Поранешен Културен Центар Точка (зад Соборниот храм Св. Климент Охридски)
Од 9 до 12 јуни на различни локации низ Скопје ќе се реализира проектот ПРИВАТНО | ЈАВНО заземање простор -- > правење простор. Отворањето на настанот е закажано за 9 јуни 2011 година, со почеток во 19:00 часот пред просториите на поранешен Културен Центар Точка, зад Соборниот храм Св. Климент Охридски.
Овој четиридневен проект се состои од 3 поголеми целини:
- 9 уметнички интервенции во урбаната средина во делот со уметнички интервенции,
- 2 предавања и 2 дискусии за Градот преку серијата предавања и дискусии,
- 5 прошетки низ Скопје со водичи кои се истовремено и жители на овој град и го додаваат својот личен поглед на градот.
Приватно | Јавно покренува прашања за критичкото присвојување на Градот преку културни дејства. Во програмата се вклучени уметници, предавачи и актери на културните сцени од Македонија, Србија, Хрватска, Косово и Германија. Во текот на четиридневната програма на настанот ќе учествуваат над 40 лица, културни работници со различни профили на работа: визуелни уметници, музичари, теоретичари, куратори...
Приватно | Јавно е реализиран со поддршка на Гете Институтот, Скопје и Роберт Бош фондацијата.
Би сакале да ви посочиме дека сите уметници и предавачи ќе бидат присутни пред и за време на настаните. Слободно обратете ни се доколку сакате да стапите во контакт со некој од нив.
Извадок од текстот од каталогот на Елена Вељановска и Вибке Штадлер:
Оди и истражи го градот! Во рамки на четиридневниот проект со културни интервенции во приватниот и јавниот простор, ги покануваме граѓаните на прошетка низ места во Скопје кои се неочекувани и невообичаени секојдневни одредници. Убава прилика да се собереме, да го истражуваме и пресоздаваме градскиот простор.
Во последно време различните градежни проекти го сменија лицето на Скопје. Новите згради и статуи поттикнаа дискусии за идентитетот и урбаноста.
Пред себе си ги поставивме прашањата: Кои се просторот и одговорноста на уметноста и на културата во ваквата структура? Каков потенцијал има културата за аналитички и критички коментари? Културата го создава идентитетот на градот и е важен критериум за вклученост и учество. Како може културата да придонесе во креирањето на јавниот простор, предлагајќи нови идеи за тоа како да се искористат приватниот и јавниот простор? Каков живот би можело да постои во градот ако не се исполнат овие предуслови?
Приватно | Јавно сака да овозможи културна платформа за нови идеи и концепти, во однос на тоа како да се користи и преобликува градот. Фокус е индивидуалната перцепција на урбаната средина и поврзаноста со официјалната политика на претставување. Овој проект е отворен за активности и акции кои се критички, аналитички и кои поставуваат прашања за актуелните политики на градот Скопје, но кои, исто така, ја анализираат и приватноста на граѓаните: Дали поединецот е само потрошувач или, пак, активен и зрел граѓанин кој го создава просторот во градот? Нашите начини на истражување и изразување во градската средина се реализираат преку настани и уметнички интервенции, разговори за градот преку серија предавања и дискусии и прошетки низ Скопје, под водство на жителите, кои придонесуваат за создавањето на урбаната слика со својот личен поглед.
Приватно | Јавно го обликува јавниот простор преку нови визии, промовира соработка помеѓу неговите жители и гостите, наоѓа нови, креативни модели на живеење во еден град и отвора нови можности за негово осознавање. Овој настан се обидува да ни даде време да застанеме, да размислиме и подобро да го запознаеме градот.
////////////////////////////////////
Приватно | Јавно интервенции во јавен простор:
Син ѕид црвена врата, Албан Муја и Ил Читаку (Косово)
Утописки институт, Кристофер Циглер (Германија)
9 Ментални мапи Скопје 2011, Ивана Сиџимовска (Македонија/Германија)
Дупка во целината, Боба Мирјана Стојадиновиќ (Србија/Бугарија)
Приватна забава, Ѓорѓе Јовановиќ (Македонија)
Концерт од 2 секунди, Дисфилхармонија (Македонија)
FUTUREPAST, Божидар Катиќ (Хрватска)
С.О.С. за маалските симболи и приказни, Славица Јанешлиева (Mакедонија)
Распеани скопјани (Македонија)
ПРОГРАМА
Четврток, 9 јуни
19:00 ч. Отвoрање со прошетка Приватно | Јавно интервенции [Место на среќавање: Зад Соборната црква Св. Климент Охридски (поранешна Точка)]
21:00 ч. Отвoрање со Распеани скопјани [Зад Музеј на Град Скопје]
Петок, 10 јуни
11:00 ч. прошетка С.О.С. за маалските симболи и приказни, Славица Јанешлиева [Место на среќавање: Градски Парк / Фонтана]
17:30 ч. прошетка Кино Култура, Влатко Галевски [Место на среќавање: Плоштадот пред Кино Култура]
19:30 ч. разговор Предавање Борба за правото на („креативен“) град, Јоханес Нови [Македонска пошта - Пошта 1]
21:00 ч. интервентија Домашна забава, Ѓорѓе Јовановиќ [Порта Буњаковец (помеѓу Балет и Кафе Магор)]
Сабота, 11 јуни
13:00 ч. прошетка Враќање во Сарај, Јане Чаловски [Место на среќавање Сарај: 13:00 ч. Автобуска станица кај пазарот во Сарај, линија бр. 22 / Место на среќавање Центар: 12.30 ч. прва автобуска станица на Партизанска (КИМ), правец: Сарај]
16:30 ч. разговор - презентација нa работилницата Ефемерни споменици [Кафе Магор]
18:30 ч. прошетка С.О.С. за маалските симболи и приказни, Славица Јанешлиева [Место на среќавање: Градски Парк / Фонтана]
19:00 ч. разговор - предавање: Граѓаните - чувари на визуелната култура, Сузана Милевска [Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) ул. Салвадор Аљенде, 73 Место на среќавање (организиран превоз): 18:30 ч. на паркингот спроти Нова Македонија]
20.30 ч. разговор - дискусија Отворање простор преку култура | Отворен простор за култура [ИЗИИС, Место на среќавање (организиран превоз): 20:00 ч. на паркингот спроти Нова Македонија]
Недела, 12 јуни
11:00 ч. разговор Public Park Picnic Дали има простор/и за култура во Скопје? [Градски Парк / Школка]
12:30 ч. интервентија Концерт од 2 секунди, Дисфилхармонија [Градски Парк]
17:00 ч. прошетка Јавните места, како мој приватен простор, Василка Димитровска [Место на среќавање: Паркингот пред тврдината Кале]
20:00 ч. разговор - презентација: Подмладување, архитектонски интервенции [Галерија 7 / Стара Чаршија]
21.30 ч. прошетка КИНомад: 19 floors elevator, Виолета Качакова [Место на среќавање: Главен влез на Македонска Телевизија]