Гласовите за промени се наша обврска

09.06.2011 10:05
Гласовите за промени се наша обврска

Ако некој од вас ми каже дека вонредните парламентарни избори на 5 јуни беа фер и демократски, јас без двоумење и без скрупули ќе мора да му кажам дека е будала. Дури и меѓународни посматрачи, кои ги легитимираа изборите како регуларни, во своите извештаи ги нотираа појавите на кои предупредував во моите колумни во предизборието – масовно заплашување и притисоци врз избирачите, безобразно трошење на јавни фондови за кампањата на владеачката партија и жестока корупција на провладините медиуми и на јавниот медиумски сервис. Според сведоштвата кои сега задоцнето пристигнуваат од теренот, во последната недела пред изборниот ден, машинеријата на ВМРО-ДПМНЕ спровела и темелна ацкија за принудно враќање на сите свои пребези во помалите партии на десницата и веројатно на тоа се должи дебаклот на Љубе Бошковски и на Љубчо Георгиевски, од кои дури и најпесимистичките прогнозери очекуваа заедно да освојат барем пет пратенички мандати.

Сепак, мора да се констатира дека по успешно завршената харанга на теренот, Никола Груевски серизоно се потруди и успеа да организира мирен и спокоен изборен ден и така да го поправи впечатокот по многубројните нерегуларности во преткампањата и во кампањата. Македонија е мала земја во која сите полуги на моќта – од изборните тела, преку полицијата, па сè до групите криминалци кои гравитираат околу луѓето од обезбедувањата на нашите политичари – се во рацете на власта. Дали ќе има или ќе нема добар изборен ден, кај нас отсекогаш зависело од партијата на власт.

Заговорничките теории што ги слушнавме два дена пред изборите, дека опозицијата ковала некакви сценарија за непризнавање на изборните резултати и за нереди, планови во кои наводно биле инволвирани и критички настроените медиуми, беа само приказни за нови заплашувања на избирачите. Јас, на пример, не знам за такви сценарија, а по редот на нештата, нели, би требало да знам. Постоеше само одлучен став, што јас лично јавно го заговарав и потоа го слушав во фонот на дебатата околу мене, дека овој пат не смее да се прифати резултат добиен на нерегуларни избори. И сега го тврдам истото. Убеден сум дека Груевски тоа серизоно го сфати и дека затоа реши да одигра груб натпревар, со многу фаули, но сепак без пенали и без црвени картони, односно без инциденти на теренот што би можеле да го доведат во прашање крајниот исход.

Слабостите на изборниот процес, заедно со постизборниот триумфализам и насилствата после изборите, кои сè уште траат, недвосмислено го потврдуваат она на што јас и моите пријатели предупредуваме од 2008 година до денес – дека Македонија не само што сè уште не е зрела демократија и слободна земја, туку сè повеќе станува тоталитарно општество. Но, во контекст на изборниот процес, треба на сите да ни биде јасно дека доминантниот критериум според кој непристрасно се определува регуларноста на изборите, е одговорот на прашањето дали конечниот резулат суштински ја одразува волјата на избирачите. И тука, да се разбереме, нема никаква дилема. Одговорот е - да. Тесно и неуверливо, но сепак доволно, Македонија гласаше да продолжат „реформите“ на нашиот пандан на Лукашенко .

Како што е познато, максимизирајќи го со недемократски методи својот скор, Груевски победи со 430 000 гласови, иако партиите во македонскиот блок кои бараа промени, предводени од СДСМ на Бранко Црвенковски и Радмила Шеќеринска, заедно анимираа повеќе избирачи од владеачката партија. СДСМ освои не помалку импресивни 370 000 гласови. За жал, поради неодговорноста и несериозноста на некои опозициски политичари, кои не успеаја да проценат дека коалицирањето е единствениот начин да се совлада изборниот модел кој ги „убива“ малите партии, безмалку 100 000 гласови на избирачи кои се изјаснија против Груевски (но не и за СДСМ), едноставно, отидоа во ветер. На пример, ЛДП на Јован Манасијевски, трагичниот антијунак на овие избори, ја одби понудата од Црвенковски за четири добитни места на кандидатските листи на коалицијата предводена од СДСМ. Да беа Манасијевски и Ивица Боцевски помалку суетни и подобро советувани, нивната партија денеска ќе имаше четири пратеници во парламентот (исто колку и порано), но со своите 18.000 гласови, контингентот од 42 пратеници на СДСМ, веројатно ќе го збогатеше за уште два мандата, ако не и три. Десните партии, пак, обединети, дури и да беа изложени на вакви невидени притисоци, веројатно ќе освоеја најмалку четири мандати. Така исходот на изборите ќе изгледаше сосема поинаку.

Но, што е, тука е. Мандатот за состав на новата влада заслужено ќе му припадне на Груевски. Во саботата, на ден пред изборите, на ова место напишав: „Никој нема морално право да се смета за избран и да седне во пратеничките клупи, ако е изгласан на нечесен начин“. Денес отворено и по цена да бидам погрешно разбран, го велам следново – никој нема морално право на победникот да му го одземе правото, но и обврската дадена од избирачите, да се обиде да пронајде партнер во албанскиот блок со кого ќе состави влада. Со други зборови, на Груевски, како мандатар, мора да му се даде шанса спокојно и непречено да се обиде да ги усогласи своите планови и приоритети со Али Ахмети и ако тоа им појде од рака, таа влада ќе стартува со полн политички легитимитет и со целосна одговорност за состојбите во земјата.

Друго е прашањето дали Ахмети и Груевски можат да најдат заедничка платформа, која ќе почива на програмски цели и на принципи, или ќе го продолжат својот досегашен „брак од интерес“, кој им помогна да се одржат на власт, но не и да ги остварат амбициите на Ахмети, кој, поддржан од своите ментори во меѓународната заедница, јавно зборува дека освен функции, вработувања и пристап до буџетските пари, важно му е да го придвижи и процесот на приближување на Македонија кон Европа. Затоа, гледам, странските дипломати сега пак се амбицирани да го забрзаат решавањето на спорот за името, а ДУИ за прв пат во историјата на оваа земја во поделбата на власта ќе се потруди да освои некои до сега недопрени ресори. Работава, чинам, ќе биде - не умри магаре до зелена трева. Јас уште пред изборите, откако Викиликс ги објави шокантните депеши на американската амбасада за односите меѓу Груевски и Ахмети, напишав дека не можам да замислам влада во која пак ќе се гушкаат старите „сопружници“ и „прељубници“. И тврдам дека Груевски нема никогаш да се испрчи и да го решава спорот за името или било кое друго прашање што може да му ја намали популарноста.

Како и да е, тоа се дилеми за кои сега ќе размислуваат и ќе одлучуваат Груевски и Ахмети. Граѓаните на Македонија имаа шанса да одлучуваат на 5 јуни, цели 12 часа. И таа шанса ја искористија. Избраа власт каква што залсужија. Грнето доби капаче по мерка. И кога го велам ова, јас искрено ги молам сите мои пријатели, но и непријатели, да не ме толкуваат погрешно. Ниту сум огорчен на народот, ниту мислам да ја потценам неговата одлука, иако веќе три години пишувам и зборувам дека овој недемократски режим во политичка смисла е поразен, како непродуктивен, бидејќи не произведува политики, туку популистички проекти. Работата, имено, е многу проста. Јас и луѓето кои ја критикуваме оваа власт постигнавме многу - ги разбудивме луѓето од апатијата, го победивме стравот и го направивме популизмот видлив и препознатлив. Сепак, изборите покажаа дека тоа не е доволно и дека ни претстои уште многу работа.

Затоа, единствениот вистински одговор на триумфализмот на власта е да ја кренеме главата и одлучно да ја продолжиме битката. Мнозинството граѓани кои гласаа за промени и кои со нас го споделија сонот дека Македонија може да се демократизира и да стане слободна и напредна земја, членка на НАТО и на ЕУ, од нас очекува да се посветиме на нашата мисија, а не да очајуваме. Нашата прва задача е да не му дозволиме на Груевски на најгруб начин да не спречи во тоа и одлучно да му кажеме „не“ на бранот на постизборно насилство што ја потресува земјата.

Илустрации: boneface

ОкоБоли главаВицФото