Венециско биенале #54 - ИЛУМИнации

13.06.2011 14:34
Венециско биенале #54 -= ИЛУМИнации

Венециското биенале, посветено на визуелните уметности, свечено беше отворено на 4 јуни. Овогодинешната тема, т.е. насловот „ILLUMInations“, е инспириран од опусот на рененсансниот венециски мајстор Тинторето и неговите светлосни експерименти, но и од зборот „nations“ во насловот, реферирајќи на мноштвото национални павилјони.

Швајцарскиот кустос и критичарка Биче Куригер, на сите уметници – учесници на Биеналето – им постави пет прашања: Дали уметничката заедница е нација? Колку нации чувствувате во самите себе? Каде се чувствувате „како дома“? Дали иднината зборува на англиски или на некој друг јазик? Кога уметноста би била држава, што би пишувало во нејзиниот устав?

Одговорите на 200 уметници се објавени во каталогот на Биеналето, со што Куригер сакаше да ги истражи и обележи контурите на современиот колективен ментален пејзаж. Како што споменавме, насловот на Биеналето гласи „ИЛУМИнации“, а Куригер една од точките на својата замисла ја наоѓа во играта на значења кои ги обезбедуваат сегментите на овие зборови: светлина и нација. Светлината и осветлувањето, ликовен проблем кој со векови претставува константа на сликарските истражувања, уметничката директорка ги определува за сосем неочекуван исчекор од биеналската пракса. Таа решава клучната точка на поставката да ја сочинуваат трите слики на познатиот венециски сликар од доцната ренесанса, Тинторето, објаснувајќи дека тој е антикласичен и експериментален сликар кој ги срушил законите на ренесансната уметност, и дека во неговото дело се препознава артикулираниот дијалог со современата уметност.

Така, одредени уметници во рамки на централната поставка воспоставуваат директен дијалог со сликите на Тинторето, додека кај други темата светлина се јавува како помалку или повеќе видлива референца.

Вториот сегмен од насловот се однесува на – нациите. Имено, Биеналето во Венеција, кое постои 116 години, се состои од две доминантни целини: централни тематски изложби и национални презентации кои изминативе две децении претрпеа бројни критики, бидејќи во современиот глобализиран свет многумина ги сметаат за анахронизам и атавизам. Токму овојпат Куригер сакаше да ѝ даде позитивен предзнак на таквата национална структура на Биеналето и да го искористи нејзиниот потенцијал во истражување на современите уметнички сцени.

Главната награда годинава ја добија германските учесници на биеналето. И покрај кризата која го тресеше германскиот павилјон – смртта на Кристоф Шлингенсиф, еден од учесниците, кој почина од рак, како и уривањето на националниот павилјон кој беше реконструиран за време на нацизмот – Германците го добија Златниот лав.

Местото на Шлингенсиф го зазеде Сизан Гаеншмејер, довршувајќи ја изложбата по неговата смрт, а павилјонот беше претворен во реплика на црквата во која Шлингенсиф ги поминал своите младешки години како министрант. Интериерот претставува негов однос кон тешката болест и собира мултимедијална документација – од видеа до рентген снимки на белите дробови по операцијата. Натписот GERMANIA на влезот од павилјонот е преименуван во EGOMANIA, реферирајќи на култот на личноста.

Посебно признание доби и „концептуално елегантниот“ литвански павилјон кој се претстави со делото „Behind the White Curtain“ на уметникот Дариус Микшиш. Наградата Сребрен лав за млад уметник кој ветува му беше доделена на британскиот уметник Харун Мизри, а посебно признание беше доделено на шведската уметничка Клара Лиден.

Златен лав за најдобро дело на главната изложба му беше доделен на американскиот уметник Кристијан Маркли за делото „The Clock“, филм во траење од 24 часа кој е монтиран како низа исечоци од култни филмови кои прикажуваат часовник во преден план.

Годинава во изложбените павилјони и на други локации низ Венеција учествуваат рекордни 89 земји, меѓу кои за првпат се појавуваат Андора, Саудиска Арабија, Бангладеш и Хаити. Се создаваа огромни редици пред павилјоните на Британија, Франција, САД, Јапонија и Германија, а посетителите покажаа огромен интерес и за павилјоните на Израел и Полска. Египет имаше многу воочлив и забележан концепциски пресврт, исто како и Иран. Да потсетиме, и Македонија учествува на Венециското биенале, претставувана од два проекта – скулптурата „Прескок“ на скулпторот Жарко Башески и инсталациите на уметничката група ЗЕРО.

Впечаток е дека Биеналето сè повеќе здобива ревијален и популистички карактер, а сè помалку се стреми да има одлики на релевантна меѓународна изложба заснована на премисите на современата историја и теорија на уметноста. Низа претходни Биеналиња беа окарактеризирани со преовладувачки, често спектакуларни и брутални слики на насилство, изопаченоста на човечката природа, политичко и медиумско лицемерие, еколошки и нуклеарни закани, можни злоупотреби на генетскиот инженеринг и други предапокалиптични крици.

Генералниот „колективен ментален пејзаж“, кој годинава го исцртува Биеналето, обзнанува дека апокалипсата веќе ни се случила и дека она што следи е нужна планетарна постапокалиптична реконструкција.

Извори: НИН, pogledaj.to

Sramota e od NIN da

Sramota e od NIN da prenesuvate vesti za bienaleto - rabotete malku poprofesionalno, aman.

А што е срамота да се

А што е срамота да се искомпилираат неколку текста за Биеналото?! Башка, текстот во НИН е одличен, далеку над нивото на кој било текст во македонските медиуми за Биеналето.

Да не е Окно, немаше ни да

Да не е Окно, немаше ни да знам дека Биенале има тема и дека е мошне интересна. Тоа до сега не го сфатив од прилозите во македонските медиуми кои зборуваа за нашите два проекти во Венеција. Патем, каква врска имаат нашите проекти со темата? Има некои линкови што објаснуваат повеќе за македонските дела во Венеција? Благодарам однапред:-)

pa nema makedonski tekstovi

pa nema makedonski tekstovi zatoa sto nema motiv da se pisuvaat. ako okno objavuvase avtorski tekstovi namesto da kompajlira tugi, mozebi i ke imase.

Da, i poentata na Filimena e vo taa nasoka, iako vsusnost celta na komentarot e "odbrana" na Okno. Zatoa sto e kompilacija, i zatoa sto nema rabota vo komplilacijata, ne se ni pravi vrska pomegu temata i makedonskite proekti tamu.

ОкоБоли главаВицФото