Протестно барање против полициското насилство

14.06.2011 12:00
Протестно барање против полициско насилство

Секој заинтересиран граѓанин на Република Македонија може да го пополни барањево и да го достави до институциите.

Превземи го тука во PDF или ODT формат.

Дополнително: превземете го прирачникот за употреба на законот за постапување по предлози и претставки во PDF формат тука...

До:

Скопје, 14 јуни 2011 г.

Предмет: Барање, претставка, -

ПРОТЕСТНО БАРАЊЕ ПРОТИВ ПОЛИЦИСКОТО НАСИЛСТВО

Ние граѓаните на Република Македонија огорчени од бруталното убиство на Мартин Нешкоски од Скопје, здружени и невооружени јавно, го изразуваме револтот против нечовечкото однесување на припадниците вработени во МВР.

Полициското насилство и непрофесионално однесување на службите на народот чија основна задача е заштита, а не репресија, претставува сурово нарушување на универзалните човекови права.

Убиството на младо човечко битие кое се случи на 6-ти јуни 2011 година во Скопје на плоштадот Македонија, не обедини сите нас да излеземе на нашите улици бидејќи се чуствуваме директно повикани да го заштитиме правото на живот, безбедност и директно учество во демократијата.

За таа цел го поднесуваме следното протестно барање до сите државни органи:

1. Целосно почитување на универзалните човекови права од страна на сите институции на системот.

2. Одговорност и целосно расветлување на случајот каде крвнички беше претепан 22-годишниот Мартин Нешкоски од Скопје, со доставување на комплетната доказна документација до судските органи;

3. Правда, утврдување на кривичната одговорност и санкција за сторителот на свирепото убиство на 22-годишниот Мартин Нешкоски од Скопје;

4. Правда, утврдување на кривична одговорност и санкција за сите одговорни лица кои со неодговорно вршење на јавна функција и пропусти во вршењето на функцијата, со неспречување на казнивото дело и со груб обид за прикривање на настанот, доведоа до загрозување на безбедноста на граѓаните, загрозување на почитувањето на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни конвенции и договори.

5. Поднесување кривична пријава од страна на надлежните органи на прогон за прикривање на кривично дело (убиство) се со цел откривање на сите учесници во кривично правниот настан.

6. Замена на секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР со Независен систем на контрола на работата на МВР (по препорака на сите извештаи кои упатуваат на формирање независна цивилно тело за контрола) .

7. Преиспитување на сите законски и подзаконски акти од областа на внатрешните работи и нивната примена во врска со формирањето, функционирањето, третманот и намената на единиците на полицијата и истите да претрпат измени и дополненија заради воведување на строги критериуми за вработување, редовни стандардизирани психолошки тестови и проверки, строго дефинирање на начинот на управување, надзор, намената на полициските единици и строго дефинирање на потребите заради кои припадници на специјални полициски единици ќе бидат повикувани на службена должност.

8. Забрана за вработување на лица во МВР кои имаат криминално досие и се одговорни за дела од сферата на насилниот криминал.

9. Зголемена контрола над работата Министерството за внатрешни работи преку задолжително правно регулирање на начинот на објавување на годишниот јавен извештај на МВР односно формирање на правно тело која ќе се грижи за отворено учество на заинтересираните граѓани (одлуката за присуство е на ниво на индивидуа или граѓанска организација, а не по принцип на селективност на државните органи) односно регулирање на редовно издавање на месечни јавни извештаи и термин за односи со јавност на која ќе мора да се даде одговор на сите прашања поставени од заинтересираните страни.

10. Заострена казнена политика во КЗ за кривични дела сторени од страна на вработените во МВР без разлика дали се или не се сторени на службена должност.

11. Оставка на сите директно одговорни лица во МВР, заради нехумано и неодговорно вршење на функцијата, а особено на министерката за внатрешни работи г-ѓата Гордана Јанкуловска и Помошникот министер за Односи со јавноста при МВР, г-динот Иво Котевски, а во рок од 7 (седум) дена по доставување на ова барање.

Воедно напоменуваме дека фактите од ова барање се дел од препораките содржани во следните извештаи и документи:

- Извештај за човекови права за Македонија за 2010 година на Стејт департментот на Соединетите Американски Држави;

- Извештај за напредокот на РМ за 2010 на Европската Комисија;

- Извештај на Повелбата за граѓански и политички права на Обединетите Нации – за РМ за 2008 година.

Ве молиме да се изјасните по нашето барање во најкус можен рок на следната e-mail адреса: info@protestira.me

Извор: protestira.me

Слични содржини

Општество
Жарко Трајаноски
Општество
Став
Наука [к:8]
Општество

ОкоБоли главаВицФото