Интервју со Театро Кландестино

19.06.2009 15:07
04-fiorenzamenniPRIMOPIANO.jpg

Неодамна во Скопје, во Шуто-Оризари, престојуваа членовите на италијанската театарска трупа со меѓународно реноме Teatrino Clandestino. Заедно со членовите на Театарот Рома, италијанските театарџии работеа на проектот насловен Open option, чија премиера ќе се одржи на 16 et 17 октомври, во рамките на меѓународниот фестивал за современа сценска уметност, Vie, кој се одржува во Модена, Италија. Театрино Кландестино е основан во Болоња, на почетокот на 1990-тите години, од Фиоренца Мени и Пиетро Бабина. Во 2008 година, трупата доби уметничка резиденција во театарот „Сан Леонардо“, во историскиот центар на Болоња, каде и денес се наоѓа нивното седиште. Фиоренца и Петро се уметничките директори на театарот, но тие истовремено се задолжени и за појдовната идеја, драматугијата на проектот, пишувањето, креацијата и работата со актерите. Театрино Кландестино, денес, се смета за една од највлијателните и најоригиналните европски трупи од областа на современиот театар. Го искористивме престојот на оваа ангажирана театарска трупа во Шуто-Оризари, за да направиме кратко интервју со водечката актерка, Фиоренца Мени.

Од каде името Teatrino Clandestino?

Фиоренца Мени.: На почетокот на 1990-тите, во Болоња, имаше една стара, напуштена фабрика, која беше окупирана, населена од разни андергроунд уметници. Јас и Петро, во тој период, бевме во потрага по простор каде би можеле да работиме и се сместивме во еден дел од окупираната фабрика. Така и се роди името на нашата театарска трупа. Всушност, терминот „clandestinо“ на италијански има повеќе значења; тој најпрво означува нешто тајно, скришно. Но, денес, овој збор се повеќе се употребува за нелегалните имигранти кои на италијански се нарекуваат „clandestini”. Во последниве години, со сè поголемиот прилив на нелегални емигранти во Италија, и со нивното сè поекстремно третирање и изгонување, името на нашиот театар се стекна и со дополнителна конотација и со пошироко ангажирано значење. Во Италија, која се повеќе ги затвора своите порти, луѓето сосем ја потиснуваат сопствената конститутивна приказна, онаа на масовната емиграција на италијанскиот народ како составен дел од неговата историја.

Логото на вашата театарска трупа е црвениот крст. Зошто го избравте токму овој симбол?

Ф.М: Црвениот крст во Италија е симболот на брзата помош, а брзата помош, пак, буди директни асоцијации: таа значи дека има некаква ургентна ситуација и дека треба да се дејствува и тоа веднаш.

Како дојде до тоа да работите во Шуто-Оризари на заеднички проект со Театарот Рома?

Ф.М: Идејата за работа во Шуто-Оризари всушност потекнува од 2007 година кога престојувавме во Скопје, во рамките на еден друг проект, и директорот на УНХЦР ни раскажа за оваа единствена општина и за ромската заедница која тука живее. Малку потоа, стапивме во контакт со локалните власти и со членовите на театарот Рома и ги запрашавме дали би можеле да живееме и работиме во рамките на нивната општина. Нивниот одговор беше: “Ако тоа е вашето барање, вие сте добредојдени!“

Зошто токму Шуто-Оризари? Зошто не избравте да работите на заеднички проект со ромската заедница во Италија?

Ромите, во Италија, се или целосно асимилирани и тие веќе не се ни декларираат себе си како Роми, или пак, се целосно маргинализирани и живеаат на улица, во најекстремни и најнечовечки услови.

Историјата и животот на Ромите во Македонија се поинакви (тука можеме да ја споменеме и политичката историја, целото наследство од времето на Тито итн.) Шутка најпрво не плени со чудесните и живописни куќи. Шутка изникна пред нас и како своевиден „остров на слобода“. Она што е интересно е дека голем дел од Ромите во Шутка емигрирале во даден миг од својот живот и потоа избрале повторно да се вратат дома.

Но, истовремено, јас не сакам да го „романтизирам“ нашето доаѓање во Шутка. Ние дојдовме тука, како што можевме да одиме и на друго место. Шутка е само едно место во светот, во кое ние се најдовме во даден момент од нашата траекторија.

Како се одвива работата на проектот Оpen option?

Ф.М.: Досега имавме неколку мошне интензивни престои во Шуто-Оризари, за време на кои многу работевме и дискутиравме со членовите на Ромската заедница. Така, организиравме работилница за политичка филозофија, на која учествуваа членови од театарот Рома, граѓани, уметници и интелектуалци од Шуто-Оризари, и притоа ја земавме како појдовна точка за размислување книгата на германскиот филозоф и етичар, Матјас Кауфман, „Просветлена анархија“. Ги ставивме на маса клучните теми на политичката филозофија како што се: слободата и еднаквоста, стремежот кон подобар и посреќен живот, правото да се движиш и патуваш слободно, првобитната природна состојба, односот со принудата и со легитимноста на државата. Зборувавме и за тоа зошто Ромите се последни во општеството? За мене искуството од оваа работилница беше навистина скапоцено. И покрај јазичната бариера која понекогаш ми го оневозможуваше разбирањето, за мене, како актерка, тоа беше миг на убавина: имав чест да гледам луѓе како размислуваат, како дискутираат за клучни прашања, да набљудувам како се гради квалитетот на нивната мисла, да ги следам нивните гестови. Од оваа работилница, за мене произлегоа многу слики на човечка убавина, кои потоа ќе се обидеме да ги пренесеме во нашата работа. Во мигов, го завршуваме нашиот трет и последен престој овде, пред да започнеме со пробите и подготовките во Болоња. Имаме појдовна точка од која понатаму ќе можеме да компонираме. Одлучивме дека ќе работиме со драматуршка структура, која има врска со анархијата, слободата, Ромите, и ќе се заснова пред сè на работата со актерите. Откако ќе ја имаме композицијата, ќе повикам други уметници со кои соработувам за да ми помогнат да ги одмотаме, разрешиме проблемите и недостатоците. За мене соработката со другите е клучна, таа исто така и дава на работата одреден анархиски, а не хиерархиски, квалитет.

Како да не се падне во стапицата на уште едно колонизаторско и стереотипизирано претставување на Ромите?

Во рамките на работилницата која ја организиравме за време на нашиот престој во септември, 2008 г., една од темите на која зборувавме беа токму постоечките стереотипи за Ромите и за тоа како и зошто тие биле конструирани. Актерите им предложија на ромските учесници листа на стереотипи и предрасуди за Ромите кои тие требаше да ги отфрлат или потврдат низ своевидна апологија. Исто така, уште на почетокот на нашата работа во Шуто-Оризари одлучивме дека нема да фотографираме, ниту пак да направиме каков и да е видео или аудио запис. (Единствено, Андрео, мојот животен сопатник, секоја ноќ, по завршувањето на работниот ден, речиси воопшто не спиеше и ги запишуваше детаљите, впечатоците, размислувањата. Овие записи за нашиот престој и работата во Шуто-Оризаро наскоро ќе бидат објавени во книга насловена Confini diamante. За Open option, сосем на крајот на овој наш престој, со колегите од театарот Рома, се договоривме да направиме само фотографии од куќите во Шутка, кои ќе бидат визуелната основа за нашата понатамошна работа. Во Шутка има прекрасни куќи и, гледајќи ги, би можеле да помислиме дека се наоѓаме во Швајцарија, Шведска, Бразил, Индија... Се работи за нешто што е спротивно на клишеата. Куќата е особено важна за Ромите, што е сосема спротивно од вообичаените стереотипи за нив.

Како се одвива соработката со членовите на театарот Рома?

Соработката се одвива навистина многу добро. Четири актери од Театарот Рома ќе играат во претставата и тие ќе престојуваат и работат со нас во Болоња, во крајната фаза од подготовката на проектот. Премиерата ќе се одржи во месец октомври 2009 г. Оваа соработка за нас е мошне битна. Театарот Рома има морални решенија кои се навистина интересни, особено што се однесува до меѓучовечките односи во нивниот театар. Тие имаат многу морални правила, кои се поучни за нас. Но, она што е најважно, во нашата соработка, и она што тие постојано ни го кажуваат, е тоа е дека нивниот театар едвај преживува. Порано тој бил финансиран од државата, но, за жал, сега веќе не е, и, во мигов, немаат никакви средства и не можат ништо да работат. Во таа смисла, соработката со нас можеби ќе им помогне да го вратат достоинството на нивниот театар и ќе им помогне тој повторно да заживее во Македонија. А тоа е од клучно значење. Тоа прашање ги допира за нас суштинските политичко-филозофски прашања на човековото достоинство, можноста, слободата.

Вие дојдовте од Италија во Шуто-Оризари, во Македонија, каде за повеќето граѓани, за жал, Европската унија претставува недостижна и затворена тврдина.

Прашањето што ние си го поставивме кога избравме да дојдеме тука е, исто така, како луѓето во Италија, во Европа, ги гледаат другите? Зошто другите да не можат слободно да се движат и да ги преминуваат границите? Движењето и потребата од движење, од промена, се основна човечка потреба. Мошне е важно е да можеме да се движиме, да се менуваме. Актерите на театарот Рома кои треба да дојдат за да работат со нас во Болоња, веројатно ќе се соочат со тешкотиите за добивање шенген виза.

Во однос на мојата анимална природа, во однос на она што во политичката филозофија се нарекува моја првобитна природна состојба, за мене постоењето на нешто такво како визата е сосема несфатливо. Скопје и Болоња на картата се толку близу, меѓу нив нема речиси ништо. На рационално ниво, јас ги увидувам или поточно ги трпам причините кои довеле до ова. Исто така, гледам луѓе кои честопати се принудени да умрат само затоа што сонуваат за подобар и подостоинствен живот. Целиот Јадран е преполн со бродови со емигранти, кои за жал многу пати го плаќаат својот основен човечки стремеж за подостоинствена и посреќна егзистенција со својот живот.

Тоа е нешто што ние меѓу луѓе треба да си го кажеме. Јас тоа не можам да го премолчам. Од друга страна, тоа не го правам со некаква апсолутна претензија. Но, јас тоа не можам а да не му го кажам на некој кој е до мене. Токму тоа е за мене улогата на театарот.

Што се случува со солидарноста како вредност која беше промовирана од Европската Унија?

Европската Унија, во историјата, произлегла од желбата за солидарност. Луѓе се бореле за тоа, излегле на улица, па дури и умреле. Токму за тоа зборува политичката филозофија, но потоа за жал оваа иницијална желба била изместена, и луѓето биле исклучени од сето ова.

Од друга страна, кога го гледам мојот син, си велам дека е неверојатно колку конструктивна енергија има во едно дете. Неверојатно е колку сите ние сме способни да градиме, да го ставиме во пракса нашиот капацитет за градење. Во таа смисла, не сум сигурна дека нашата природа е насилна, јас повеќе се слагам со анархистичките филозофи кои зборуваат дека чувството на солидарност е многу посилно од насилството.

Во Шуто-Оризари родителите ги учат своите деца дека во ниту еден случај не треба да учествуваат во војна. Тоа за мене е навистина неверојатно и прекрасно. Тоа не сум го слушнала никаде. Кај нас во Италија се уште го има митот за II-светска војна на пример, се уште се величи историското значење на војната. Ромите се народ без држава кои никогаш не воделе војна.

Што значи за вас да се биде актерка и кое е местото на театарот денес, во времето на масмедиумите и на интернет?

За мене, да бидам актерка значи да гледам, да мислам и потоа да се обидам да зборувам. Во даден миг од работниот процес успевам во тоа. На почетокот на процесот на работа се обидувам да правам аналогии, кои потоа ми служат за да зборувам. Да се биде актерка тоа за мене е начин да се позиционирам во животот и да не престанам да мислам. Мојот избор е да ја одржам жива мојата мисла колку што е можно подолго, низ мојот поглед. А земањето збор за мене е општествена должност. Мислата е забавната страна на животот, јас уживам во тоа, но потоа се обидувам да направам нешто со квалитетот на таа мисла. Тоа е театарот за мене. Театарот, за среќа, не е масмедиум. Театарската публика не е бројна, но бројноста не е најважна. Она што е поважно е што не сум западнала во другиот екстрем. Театарот е еден избор. Театарот не е максимумот, но е подобро од нешто друго. Во таа смисла, театарот ми помага да кажам нешто што го сметам за важно на оној кој е до мене, и да се обидам тоа да му го кажам на одреден начин,со помош на театарот.
И така еден ден се разбудив во Шутка.

Дали ќе имаме можност да ја видиме вашата претстава наскоро во Македонија?

Ние, се разбира, многу би сакале да го прикажеме нашиот заеднички проект во Македонија, но сеуште не знаеме каде и кога. Тоа треба допрва да го договориме.

ОкоБоли главаВицФото