И Перуанците имаат споменик за трка со нас

15.06.2011 13:30
И Перуанците имаат споменик за трка со нас

Претседателот на Перу, Алан Гарсија, предизвика бес меѓу градските власти на Лима и дел од јавноста со ненадејната најава на џиновска статуа на Исус Христос која ќе биде откриена на 29 јуни, иако жителите на Лима до неодамна ништо не знаеја за скулптурата...

За перуанскиот претседател тоа е остварување на личниот сон. Алан Гарсија вели дека изградбата на најголемата светска скулптура на Исус се одвива на ридот над перуанската престолнина со поглед на океанот, и додава дека статуата „ќе го благослови Перу и ќе ја заштити Лима“. Меѓутоа, неодамнешното откритие на тајната замисла на претседателот предизвика критики од градските власти и архитекти кои планот го опишуваат како неодржлив, претеран и авторитативен.

Перуанскиот Исус од 37 метри ќе биде повисок за еден метар од статуата на Исус во Швејбоѓин, Полска, која во ноември минатата година беше свечено откриена и осветена, и која е висока 36 метри.

(http://okno.mk/node/8030)

Градоначалничката на Лима, Сузан Виаран, се пожали дека не била консултирана во врска со статуата.

„Го почитувам претседателот Гарсија, и јас самата сум верник, но постои нешто што се нарекува интегритет на пејзажот на заливот во Лима“, изјави таа.

Статуата, која ќе биде видлива од сите делови на градскиот брег долг 12 км, ќе биде претставена на 29 јуни, иако до неодамна жителите на Лима не знаеја ништо во врска со неа.

Инаку, сличноста на перуанскиот Исус со оној во Рио де Жанеиро не е случајна. Бразилската компанија Odebrecht, која го гради трансокеанскиот автопат меѓу овие две земји, донираше над 800 000 долари за изградбата. Самиот претседател Гарсија изјави дека ќе одвои околу 35 000 долари од својата заштеда за да ја поддржи изградбата на статуата.

Перуанскиот министер за култура Хуан Осио вели дека ова претставува „изненадување за земјата“ во која една третина од населението живее под прагот на сиромаштијата. Од овие, и многу други причини, планот на Гарсија предизвика бес во Перу. Студентите по архитектура од Националниот градежен универзитет планираат демонстрации на ридот Моро Солар, каде што изградбата на споменикот е при крај. Тие велат дека се работи за застарена копија на друга статуа која ќе го уништи пејзажот.

Познатиот перуански архитект Августо Ортиз Зевалос изградбата ја нарече „непотребен и авторитарен гест“ кој нема „естетска, историска или симболичка вредност“. Тој ја спореди структурата со монументализмот на диктаторите од 20-от век Сталин, Хитлер и Мусолини.

Од кабинетот на претседателот го бранат планот со зборовите дека формално е одобрен од страна на градоначалникот на локалната општина Чоријос. Бидејќи статуата е при крај со својата изградба, се чини дека малку нешта можат да влијаат на нејзиното свечено откривање. Гарсија, кој во преписката меѓу американските дипломати е опишан како човек со „колосално его“, сака да остави видливо наследство кое ќе ги одбележи неговите врски со Бразил.

Алан Гарсија е претседател во заминување по двата полни мандати, а законот му забранува уште еден избор за таа функција. Гарсија, кој пречесто ги истакнуваше своите заслуги за перуанскиот економски бум во изминативе десет години, сепак, зад себе остава поразувачки резултати во борбата против сиромаштијата во земјата, со оглед на тоа дека една третина од населението живее во тешка беда.

Извор: e-novine

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото