Првиот напред, другите стој!

17.06.2011 09:29
Првиот напред, другите стој!

Латинскиот збор prior буквално значи „кој е прв, напред“ и овој термин го објаснува водството, односно, го отсликува шефот на групата. Оние што биле во војска и чувале стража, веројатно, ја паметат командата при примопредавањето на стражарската должност: „Првиот напред, другите стој!“ За Римјаните било саморазбирливо дека оној што е „capo“ или е во функција на „guida“ – значи еден. Оттука, изгледа крајно необично кога овој латински збор – кој упатува на еднина, се преобразува во множина. На овој неологизам укажа деновиве и Никола Поповски во една дебата на „Алсат“, на прашањето што ќе биде приоритет на старо-новата влада.

„Дали, одново, приоритет на Владата на Груевски ќе биде економијата?“, гласеше новинарското прашање. На ова, Поповски укажа на една многу важна работа – кај нас, приоритетот се преобрази во приоритети и тоа не е веќе само јазично, семиотичко или херменевтичко прашање, туку, ова ни говори дека треба да имаме силни причини зашто еден поим што означува еднина, кај нас треба да претставува мноштво. За да се извлечеме од оваа помалку напрегната или квазијазична анализа, не постои друг начин освен да кажеме дека нашиот prior, всушност, упатува/обединува неколку стратегиски цели или задачи кои се подеднакво важни за државава. Се разбира, во однос на ова, Македонија не е некој исклучок, бидејќи тоа е карактеристика и за сите оние држави кои не ја завршиле транзицијата, кои не ги затвориле сите поважни прашања, а особено е карактеристично за земјите кои се во фаза на исчекување на важни стратегиски исчекори.

Оттука, како што беше пред дваесет години, така и сега, Македонија, нашиот prior треба да означува некоја платформа или некој вид рамка за неколку суштествени работи. Кои се приоритетите за Македонија, не е тешко да се каже, бидејќи, секој граѓанин, па дури и оној кој не е многу образован или не е политички „поткован“, доколку само ги слушал политичарите на митинизите или на телевизиите, без проблеми ќе направи веродостојна реконструкција на македонските стратегиски задачи.

Приоритетите се јасни и тие, главно, се четири: прво, економски раст; второ, стабилни и добри меѓуетнички односи; трето, членство во евроатлантските структури и, четврто, развој и унапредување на демократијата. Овие приоритети, вака или онака, безмалку, ги нотираа сите порелевантни политички партии на овие избори и ние треба дури и да се чувствуваме горди и среќни што постои висок степен на консензус во однос на т.н. стратегиски цели во македонската политика. Но, за да се објасни македонскиот парадокс со приоритетите во множина, треба едно мало потсетување на последните „нормални“ избори во 2006 година. Овие избори заслужуваат посебна анализа не затоа што на нив Груевски победи за прв пат, туку и затоа што еден од приоритетите доби посебна важност.

Не е далеку за да заборавиме дека во 2006 година како приоритетна тема се извлече или се наметна економијата, а Груевски победи бидејќи неговата економска програма се покажа како поатрактивна за електоратот од онаа на СДСМ. Тогаш, пишувајќи за тие избори, излегов со оцена дека изборите во 2006 заличија на крајот на историјата, бидејќи за прв пат отсуствуваа оние тешки и депресивни теми од претходните изборни соочувања, какви што беа: федерализација/конфедерализација на Македонија, планови за размена на луѓе и на територии, напуштање на инклузивноста во политиката на мултикултурализмот, популистички платформи во милијардски суми итн... Првото прашање што се наметнува е следното: дали е чудно или е необично еден од приоритетите, во овој случај, економијата, да се искачи на пиедесталот? Зарем економијата не заслужува да има нагласено значење во една неразвиена земја со голема невработеност? Гледано здраворазумски, но и според она какво е моменталното расположение кај македонските граѓани, во тоа нема ништо спорно, напротив, мнозинството мисли дека е тоа најдобрата солуција. Меѓутоа, кога веќе правам некоја ретроспектива, морам да потсетам и на тоа дека во 2006 или во годината на пресвртот, Груевски победи со својот prior (економијата), бидејќи другите приоритети или беа апсолвирани или беа во фаза на реализирање. Но, потоа настапи хаосот. По пет години од неговото владеење, приоритете се повампирија, се фетишизираа, се испогнасија, се истумбаа... Фактот дека сите четири приоритети се проблематизирани, всушност значи дека нивната органска или функционална поврзаност е раскината, дека како нација ја заборавивме главната вистина: првото е важно како и последното или, пак, второто е битно, ама само ако се води сметка и за третото...

Оттука и песимизмот дека економската програма на Груевски ќе биде спасоносна за државава. Поентата што ја кажаа и Никола Поповски и Џевдет Хајредини, двајца поранешни министри за финансии, е следната: Груевски нема никакви шанси да ја извлече Македонија од длабоката политичка и економска криза со својата економска програма и тоа не само затоа што таа е лошо конципирана и е лошо водена, туку затоа што не сака и не умее да ги затвори останатите три важни приоритети, односно, не сака да ги хармонизира. Приоритетите наместо да бидат вмрежени и комплементарни, тие станаа светови за себе, што е идеалната композиција за секој популист: од една страна, ништо суштествено да не се прави, а од друга, народот да живее во уверување дека Владата бележи успеси на сите полиња.

Нормално, Груевски има свое видување за приоритетите. Според него, само два приоритети се „отворени“ (економијата и евроатланските интеграции), додека другите два ги смета за затворени (меѓуетничките односи и демократија). Освен тоа, Груевски за „отворените“ приоритети има алиби – економијата не се развива како што се предвидувало поради најголемата економска криза во поновата историја, а влезот во НАТО и во ЕУ доцни поради непринципиелната политика на Грција спрема Македонија, но и поради непоготвеноста на Македонците да прифатат една неправедна компромисна формула за името.

Она што за Груевски се „затворени приоритети“ за Македонците станува ноќна мора. Во Македонија е загрозена слободата на поединецот, слободата на медиумите, слободата на јавниот збор, правото на фер судење, правото на фер однос од страна на државата... Во Македонија, младите протестираат веќе една недела, бидејќи е загрозено и правото на живот. Во Македонија, политичкиот конкурент е уапсен еден ден по изборите, што не се практикува повеќе ниту во Централна Америка и во државите на централна Азија, каде изборите почнуваат и завршуваат како трка со еден коњ. Во Македонија треба да се урне новиот комунизам, порачуваше во кампањата Љупчо Георгиевски, човекот кој го воведе Груевски во политиката, а подоцна го предложи за негов наследник. Во однос на мултиетничката стварност, нам не ни треба „Викилис“ за да сфатиме дека Груевски и неговиот тим имаат дубиозен, циничен и крајно неискрен однос кон ова исклучително важно прашање за Македонија.

И, сега, замислете, ние треба да правиме проекции за нашата иднина или, одново да ги проценуваме шансите за нашите излезни можности!? Во последно време добивам напади од бес кога читам коментари и анализи за тоа како сите нè претркаа во регионот, односно како од лидер се најдовме на опашката во Западниот Балкан. Таа мачнина се должи на тоа што прво, ваквите текстови се главно патетични и површни и, второ, ним им недостига елементарна искреност. На оваа тема може да се пишува сериозно само ако се тргне со критиката на една од поголемите манипулации на Груевски, имено, прво, треба да се признае дека тој ја доби пропагадната војна за нашата поблиска историја, поточно, за деведесетитте, што потоа послужи за креација на нови манипулации. Во вмровската пропаганда, која, очигледно, дава резултати, деведесетитте се најмрачниот период од нашата транзиција. Од друга страна, дури и мајсторите за конфузии и за релативизирање, не можат да негираат дека кон крајот на деведесетитте, Македонија беше десет години понапред од Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, од Косово... Дури и во 2001 година, кога Македонија го реши последното нерешено прашање – потребата од создавање функционална и здрава мултикултуралност, нашата предност беше очигледна.

На што се должеше тоа? Зошто предничевме? Зошто бевме атипични? Одговорот е многу едноставен – додека другите беа во војна или се занесуваа со екслузивни модели, ние добивме една деценија мир за да се изгради системот, да се оформи структурата, да заживеат институциите. Рамката беше поставена, големата слика за Македонија веќе се гледаше. И, така, кога во 2006 година се појави Груевски, тој прво ни вети економски динамизам, за потоа да му се посвети на својот вистински prior: да ја тргне рамката и да почне со скиците за новата слика на Македонија.

Благодарение на идеологиите и на политиките на Груевски, македонскиот електорат ја заборави елементарната вистина како се гради стабилна и просперитетна држава. Затоа, Македонија може да има иднина само ако расчисти со груевизмот и одново ја рефирмира главната поента – подобра машина од оваа што ја имаме не се прави, туку, треба само да се научи како таа правилно да работи. Навидум, ова е многу просто. Но, токму простото стана она комплицираното за Македонецот.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрации: moonasi

ОкоБоли главаВицФото