Хрватите го преживеале леденото доба

17.06.2011 13:31
Предок на денешните Хрвати

Во урнебесниот „аналитички“ текст поткрепен со „аргументација“ која е производ на 12-годишно „научно истражување“ на тимот кој бил предводен од поранешниот хрватски министер за здравство проф. д-р Драган Приморац, загребски Večernji list гордо објавува: „Хрватите се пражители на Европа“.

Хрватите го преживеале леденото доба, Хрватките не

Над ¾ од денешните хрватски мажи се потомци на старите Европејци кои пред 13 000-20 000 години го преживеале последното ледено доба на неколку локалитети во Европа (во науката се означуваат како прибежиште). Последните научни истражувања предупредуваат на фактот дека токму еден од тие локалитети, ако не и најзначајниот, ги опфаќал просторите на денешна Хрватска и Босна и Херцеговина. Околу 45% од денешните хрватски мажи потекнуваат токму од од тој локалитет. Од друга страна, 30% од нив се поврзуваат со претците кои во неколку бранови, преку други делови на Европа, дошле од т.н. Украинско прибежиште.

Ибериските Хрвати под знак прашање

Најверојатно е дека мажите со т.н. хаплогрупа R1a во Хрватска стигнале главно од Украинското прибежиште, а периодите на ширење на оваа хаплогрупа варираат од периодите на топење на глечерите па сè до преселбите на Словените меѓу 5 и 8 век. Помал процент доселеници се поврзуваат со т.н. Ибериско прибежиште. Битно е да се спомене дека последново, Ибериското прибежиште денес е ставено под знак прашање и дека науката сè уште бара одговори поврзани за неговото постоење и улогата во повторното населување на Европа.

Независни блискоисточни Хрвати

Најновите истражувања велат дека претците на денешните Хрвати, за кои се веруваше дека дошле од овој локалитет, се всушност луѓе кои независно од неолитските миграции, и нешто пред нив, од насоката на Блискиот исток дошле на оваа област. Остатокот од населението главно претставува потомство на народите кои пристигнувале на овој дел од Европа од југоисточна насока, во последниве 10 000 години, главно преку процесот на неолитизација, еден од најзначајните периоди во човековата историја кој е обележан со ширењето на земјоделството кое овозможило раст на населението.Ова се научните податоци од прегледната статија која до крајот на неделава ќе биде објавена во тематскиот број на списанието Croatian Medical Journal, посветено на еден од најголемите овогодишни научни собири – 7-та конференција на форензичката, антрополошката и медицинската генетика – кој од 20 до 24 јуни ќе се одржи на островот Брач. Овој научен труд претставува преглед на досегашните истражувања кои траеле 12 години и биле водени од пет научници, и врз чија основа е заокружена приказната за генетското потекло на Хрватите.

Азиските Хрвати се стари 40 000 години

Сè започнало во 2000 г. кога проф. д-р Приморац и група автори, меѓу кои се наоѓале и најголемите генетичари на денешнината кои се занимаваат со истражување на потеклото на народите, како што се проф. д-р Лука Кавали Сфорца, проф. д-р Петер Ундерхил и проф. д-р Орнел Семино, во водечкото научно списание Science објавија резултати на генетската структура на 1007 роднински неповрзани мажи од Европа, меѓу кои имало и Хрвати. Овие истражувања потврдија дека првите мажи за време на палеолитикот (предисториски период кој започнал пред 2,6 милиони, а завршил пред 10 000 години), дошле во Европа, најверојатно од Азија, пред 30 000 или 40 000 години. Резултатите од истражувањата покажале дека речиси 45% од испитаните хрватски мажи му припаѓаат на Eu7 хаплотипот (синоним за моментално дефинирање на хаплогрупата чии корени се во Европа).

Хрватите се зачетници на земјоделството и сточарството

Новите регионални специфични мутации се појавиле на Иберискиот полуостров (Шпанија), каде што нашите претци побарале засолниште од последното ледено доба, но во последно време прашањето на ова прибежиште станува предмет на широки научни расправи. Тие инкубатори на генетската разновидност подоцна станале региони од кои почнала реколонизацијата на Европа по топењето на глечерите и холоценот. Со неолитските преселби новите кланови од Блискиот исток и Анадолија (денешна Турција) стигнале во Грција и се прошириле долж брегот на Средоземјето. Тие ги донеле културите на припитомување на дивите животни и растенија, и го делеле своето знаење со автохтоното население, што претставува почеток на земјоделството и сточарството во Европа. Откако климатските услови се подобриле, ова население се проширило на север и исток.

Сепак, Хрватите се споредливи со останатите народи

Истражувањето кое беше спроведено после ова се однесуваше на периодот на неолитикот во кој човекот од класичен ловец станал земјоделец, почнал да се занимава со рибарство и да припитомува животни. Преку анализа на Y хромозомот на 1206 роднински неповрзани мажи од 17 народи од регионот, меѓу кои се и Хрватите, за првпат се анализирани и Албанците од Македонија, Хрватите од Славонија, Словенците, Италијанците од провинцијата Тренто, и населението од Кавказ, Грците, Албанците од Албанија, Полјаците, Чесите, Украинците, Унгарците, како и Хрватите и Србите од Босна, и самите Босанци. Се покажало дека ознаката J-M241 одговара на неолитското време, и тоа на неолитските ширења на народите од областите на источна Сахара и Блискиот исток (Турција, источните брегови на Средоземјето, Египет), додека ознаките E-V13 и I-M-423 се поврзани со мезолитичките ловци-собирачи кои биле староседелци на областите од денешна Хрватска, Босна и околните делови. Во тоа време ловците-собирачи станале земјоделци и клучен фактор за ширење на фармерството на север, и тоа со помош на бројните интеракции со мезолитичките народи кои живееле тогаш.

 

Текстов оригинално потекнува од хрватскиот весник Večernji list. Окно го презеде од интернет страницата e-novine, чие уредништво ги додало поднасловите.