1018 hPa
73 %
22 °C
Скопје - Чет, 16.07.2026 23:59

Сè уште не сум сретнал некој човек кому, како мене, би му било потребно да се надувува одново секој час.
Веќе не ме канат меѓу луѓе. Бидејќи после еден или два часа (дотогаш во најдобар случај се држам пристојно), почнувам да се туткам. Спласнувам, речиси целосно се губам, а мојот капут паѓа врз празните панталони кои веќе се слизнале на подот.
Тогаш почнуваат да се играат друштвени игри. Брзо се носи сè што е потребно. Еден ме прободува со копје, или некоја сабја. (За жал, во секој стан мора да се најде некаква збирка на оружја.) Друг зема празно шише од Мозелско вино, или големо шише Кјанти од два литра – зависи што ќе се најде при рака – и ме мава со него како со боздоган; една преубава особа жизнерадосно ме гази со своите високи потпетици: нејзината смеа наликува на звук од флејта, ама на човека му е сосем пријатно да ја набљудува додека нејзиниот лесен фустан се вее наваму-натаму. Сите се полни со полет.
Јас, во меѓувреме, повторно се надував. Брзо го измазнувам оделото со рака, и заминувам незадоволен. А зад мене сите како да пукаат од смеа.
Луѓето како мене би требало да се пустиници.
Анри Мишо (1899–1984) е белгиски поет, писател и сликар кој пишувал на француски јазик. Мишо е најпознат по своите езотерични книги напишани со висок но приемчив стил. На македонски јазик досега е објавена само книгата „Во земјата на магијата“ во издание на Темплум.
Превод: П. В.
Фотографија: Кристофер Бофоли
Други текстови од Мишо на Окно: