Иднината на Македонија - која е нашата граѓанска одговорност?

20.06.2011 12:09
Иднината на Македонија - која е нашата граѓанска одговорност?

Се викам Игор Стефановски. Имам 30 години. Роден сум во Скопје од мајка Англичанка и татко Македонец. После распадот на Југославија, се преселивме во Англија. Пред четири години се вратив да живеам и работам во Скопје. Последниве тринаесет дена сум физички и духовно со протестантите кои се собираат секој ден зад спомен куќата на Мајка Тереза. Би сакал да кажам нешто во врска со тоа.

Која и да е судбината на протестот против полициската бруталност кај нас, тоа што се случува од 00:30 часот на 6-ти јуни е од критична важност за иднината на оваа држава. За прв пат во историјата на Република Македонија се случи спонтан, масовен, секојдневен протест, организран преку социјалните мрежи на интернет, а кој произлезе од фрустрациите на младите во земјава. Револтот кај поголемиот дел од тие што се појавија во наредните денови (за жал) не изби поради тепањето до смрт на младиот Мартин Нешкоски туку поради фактот што Фејсбук и Твитер кажуваа дека тоа што го соопштуваше МВР беа лаги и обид за прикривање на случајот. За разлика од вистинските демократски општества, убиството на овој невооружан млад човек од страна на припадник на специјалните едници, среде главниот плоштад, пред илјадници луѓе, како да не
беше доволен мотив за народот да го крене гласот. Дали е тоа од страв, или од незаинтересираност, не е важно. Важно е дека станува збор за проблем.

Илјадници луѓе, после 20 години лаги, корупција и безнадежност, се осмелија да излезат на улица, и истата да ја прогласат за своја, за граѓанска. Оформија јавна трибина, симболично зад спомен куќата на Мајка Тереза, за да го искажат својот гнев на мегафон, и со тоа да се прочистат, да им олесни. Немаше организатори, секој од нив беше лидер. Околу нив многумина гледаа зачудено, или ги критикуваа, или ги обојуваа, со што комплетно ја промашија поентата. Побитно им беше да кажат дека станува збор за наркомани на кои им се плаќа по 1000 денари дневница, отколку да чујат која е смислата на протестот. Поважно беше да се зборува за измислени лидери, отколку за фактот дека на протестите имаше и млади и стари, и Албанци и Македонци, и ВМРОвци и СДСМовци. Свесни луѓе на кои им е преку глава од поделбите креирани од страна на партиите и медиумите. (Вулгарноста со која одредени медиуми презентираат параноични приказни како факти е навредлива, незрела и крајно неразбирлива. Веројатно им требало повеќе труд да прикажат измислици, отколку да ја покажат вистината. Овој протест е и делумно против нивниот недостаток на морал, и нивната вулгарност, кои придонесуваат на секојдневната бруталност на животот кај нас. Да имаат срам, од морални причини би си дале оставка.)

Мислам дека овде веќе не се работи само за протест против полициската бруталност во Македонија. Овде се работи за тоа колку македонската младина е заинтересирана за својата иднина. Овде се работи за тие 6500 луѓе кои ветија на Фејсбук дека ќе дојдат на протест на 8-ми јуни, а дојдоа само 800. Овде се работи за сите тие кои мислат дека демократијата значи само гласање на секој четири години, и дека потоа не треба да се провери дали тој глас се злоупотребува. Kако можеме да очекуваме подобра иднина, ако самите не покажеме постојан интерес за неа?

И една друга работа сакам да прашам. Зошто мислиме дека само партиите имаат право на масовни собири, и дека секакво друго спонтано и органско собирање е сигурно партиски поврзано??!! Може ли да има луѓе кои се вон тие партии? Може ли да се дише непартиски воздух кај нас? Во голема мера, секоја партија во светот, без разлика на која страна од политичкиот спектрум се наоѓа, повеќе се бори за да дојде на власт отколку да го претставува народот. Нивниот проблем е што мораат да ги добијат нашите гласови за да стигнат до таа цел, инаку воопшто не би нè прашале. Но, ТУКА лежи нашата моќ.

Секој од нас мора секојдневно да се бори за своите права. Aко мислите дека тепањето до смрт на едно момче не ве засегнува директно, тогаш не мора да се приклучите на овој протест, но борете се против вашите фрустрации. Има многу работи што фалат на ниво на демократско општество во нашава држава, но додека не се буниме, тие на власт (било која и било кога) нема многу да сторат. Ние сме општеството. Нема да има промени сè додека не направиме нешто, додека не ги преземеме нашите граѓански обврски. Не можеме сè да очекуваме од политичарите. Мораме сами да си помогнеме и сами да делуваме! Тие се тука како граѓански сервис, за да ни служат нам, и ако не им кажеме јасно и гласно што сакаме и што ни треба, тоа никогаш нема да го добиеме.

Ако нè засегнуваат измените во здравството, да го кажеме тоа јавно! Ако ни требаат повеќе корпи за ѓубре, ајде да го бркаме тоа! Ако ни пречат маалските кучиња скитници, ајде да се нафатиме да го решиме проблемот! Ако мислиме дека Скопје се гуши во билборди и реклами, ајде да направиме движење за намалување на нивниот број! Ако таксистите се чувствуваат загрозени и ограбени од новите закони во такси превозот, нека се соберат за да го искажат своето незадоволство… Не е доволно само да кукаме по мракот, секој од нас треба да запали светло.

Политичарите мора да увидат дека гледаме што прават. Мора да знаат дека вршиме надзор, и дека ќе реагираме ако тие ги занемарат основните морални принципи на едно цивилно граѓанско општество. Моментално, знаеме што прават (бидејќи тие често не се ни обидуваат да ја сокријат својата вулгарност), знаеме кога се брутални, но не ги караме како што треба. Молчиме и гледаме додека се распаѓаат цели делови од нашето општество. И тоа трае речиси 20 години! Е па, доста беше молк!

МОРАМЕ да ја преземеме нашата граѓанска одговорност, и нашиот надзор врз политиката. Како? Преку граѓански надзорни тела. И преку солидарност. Ако еден е загрозен, сите сме загрозени. Ако еден е претепан до смрт, можеме ние да бидеме следни на ред. Треба да им биде јасно дека кога ги поттрнуваат проблемите под килим, не значи дека ги решиле. А нам, на граѓаните, треба да ни биде јасно дека ако нè игнорираат, тоа не значи дека не постоиме. И дека мораме да бидеме тука сé додека не изградиме вистинска граѓанска држава.

Секој од нас има нешто од последниве 20 години што сè уште го револтира. Ајде да го споделиме тој гнев и таа фрустрација на Јавната трибина зад спомен куќата на Мајка Тереза, секој ден од 18 часот. Ајде да сфатиме дека не сме сами. Ајде да видиме дека и други го делат нашето мислење, случајни минувачи, нашите сограѓани. Ајде да ја користиме демократијата! Како граѓани сите имаме еднаков удел во одлуките кои влијаат врз нашите животи. Демократија не е само гласање секои четири години! Вистинско демократско општество значи секојдневна активност во насока на општото добро. Мораме да развиваме толерантност. Мораме да се учиме на обsирност. Ова е клучно за потребната департизација на Македонија! Време е за граѓанска Македонија!

Во една од најсивите држави во Европа (во смисла на економија, јавна администрација, етнички поделби…), политичарите нè убедуваат дека сè е црно-бело и дека мораме да бидеме или едно или друго. Ако не си со нас, тогаш си со нив. Значи во целото нивно сивило на лаги, дезинформација, манипулација, партизација и игнорирање на народот, ние мораме да избираме само една страна. Е па, веќе не! Вистината е секогаш некаде во средина, и мораме внимателно да ја бираме како разумни луѓе и одговорни граѓани.

Од една страна, изгледа дека добар дел од медиумската битка е изгубена во овој случај. На многумина ништо не им се случи, бидејќи веќе си го формираа своето мислење, базирано не на лично искуство, туку на тоа што секогаш ги гледаат истите канали и ги читаат истите весници. Од друга страна, на тие кои присуствуваа и сè уште протестираат, дури и на оние кои полека го губат својот елан, сепак нешто битно им се случи. За време на протестите, преовладуваа чувствата на вистинска слобода (кај некои за прв пат), за разбудена граѓанска свест и заедничка моќ. Кошмарот на секоја власт, на сите ‘моќници’ во сите држави, е буден народ.

Ова е само почеток, будење, но нè чека тежок работен ден. Нè чека вистинска граѓанска одговорност и работа! Видовме дека постои граѓанска македонска свест и совест. Свест дека можеме да делуваме, да ја менуваме нашата околина и нашето секојдневие. Свест дека заедно сме посилни. И свест дека станува збор за историски момент во кој ни е неопходен морален граѓански препород на Македонија и сите кои живееме во неа.

Авторот е магистер по европски и меѓународни студии

Фотографии: flikr (jamari 1.0), Vedat Xhymshiti

Mnogu ubavo

Mnogu ubavo napisano...Pozdrav

Da se bide gragjanin ne mozhe

Da se bide gragjanin ne mozhe preku nokj. Toa e makotrpna rabota i zatoa sekoj napishan zbor, sekoj ,makar i najmal protest,e dobredojden. Samo treba da se istrae. Makedonecot nema trpenie,saka se' preku nokj, preku trupa. Nekoi raboti mozhe da se dostignat na preskok, ama gragjanstvoto bara evolucija, zreenje i zatoa, bravo Igore. Golema podrshka!

uzhas, ali bitno e deka

uzhas, ali bitno e deka avtorot e magister po evropski studii. najbitno

Insha'allah.

Insha'allah.

до brrr ако смеам да прашам,

до brrr
ако смеам да прашам, во што се состои ужасот г-дине бррр? дали не мислите дека вашето ужаснување треба да го испратите на нечија друга адреса? се прашувам каков граѓанин сте вие, и кој е вашиот граѓански формат (за емотивниот и интелектуалниот не би сакала да се прашувам), доколку овој текст, оваа умна и искрена анализа, анализа на срцето би рекла, ви предизвикува ужас? не ви предизвикува ужас на пример лагата и манипулацијата на МВР? не ви предизвикува ужас тоа што министерката за внатрешни работи не сака да сноси никаква одговорност за злоделото сторено од човек кој е директно под нејзина надлежност? не ви предизвикува ужас бестијалмото владеење на една номенклатура? јас да ви кажам право сум ужасната од тоа каде и како го насочувате вашиот капацитет за ужаснување...