Чуму протести

20.06.2011 11:52
Чуму протести

Граѓанските протести против полициската бруталност кои се одвиваат во Скопје, а од петокот (10.6.2011) и во неколку други градови во Македонија (Битола, Струмица, Куманово, Кочани…) се значајна пресвртница за демократијата во Македонија. Секако, ова е прв пример за успешен ОНЛАЈН ГРАЃАНСКИ АКТИВИЗАМ во кој луѓето потпомогнати од социјалните мрежи се информираа, координираа и организираа настани и протести во кои гласно го искажаа својот став и отпор кон неправдата и девијациите на институциите. Побараа одговорност од оние кои затскриени зад величието на државата, институциите и системот, и кои надвор од секакво морално и законско право, применуваа сила, прикриваа, манипулираа и во крајна линија дрско лажеа за да ги задржат своите позиции на моќ и извори на материјална полза. Меѓу другото, се работи за глас против тоа државата да гради класа луѓе кои се над законот, особено против оние кои се служат со физичко насилство и злоупотреба на овластувањата.

Исто така, ова е редок, ако не прв, пример граѓаните за одредена кауза да ги употребат своите легитимни права за ПРАКТИКУВАЊЕ НА ДИРЕКТНА ДЕМОКРАТИЈА. Во овој случај тоа беа протести, петиции и јасни барања за неодложно спроведување на правдата (се разбира, директната демократија има и редица други методи, види и повеќе). Директната демократија во независна Македонија е целосно отсутна и е потисната од „репрезентативната демократија“ (бираш некого на ден на избори и потоа 4 години си свиркаш) или пак најчесто беше политичко-партиски менаџирана (да не кажам манипулирана), како на пример во извесниот (?) референдум за името, референдумот за територијалната поделба од 2004 и така натаму. Протестите се потсетување дека за најважните вредности мора директно да се заложиме и да ги помрднеме задниците, работите не се менуваат сами од себе, а оние кои се прогласуваат за СПАСИТЕЛИ, лидери, водачи и слично, или се лажни, или се спасуваат и обезбедуваат самите себе си.

Партизацијата на општеството и неверојатниот раст на моќта на партиите во општеството, заради која земјата во голема мера драстично регресираше, значеше само едно: целосната моќ и „право“ да дебатираат и решаваат во општеството си ја приграпчија партиите. Тие успеаја, заради пасивноста и слабиот отпор на граѓанството, а силно потпомогнати од корумпираните медиуми, да развијат ПАРТИСКИ МОНОПОЛ ВРЗ ДЕМОКРАТИЈАТА и целосна надмоќ на репрезентативниот модел на демократија. Само партиите имаат право да решаваат и носат одлуки, секако секогаш во „името на граѓанинот“. А граѓанинот беше сведен на гласачка машина која без разлика за кого и да гласаше го репродуцираше истиот систем: ПАРТИЗИРАНА ДРЖАВА во која граѓанинот е граѓанин еден ден во четири години, а потоа истиот се прешалтува во понизен плаќач на данок, подреден административец, немоќен пензионер, очаен студент без работа и слично.

На партиите им остануваше да прават циркус од демократијата, со своите катадневни расправии за „демократијата, правдата и вистината“, а всушност во препирките и гунгулата која ја правеа само ги забошотуваа вистинските прашања, симулираа нивно дебатирање, го одложуваа решавањето на проблемите (овој бил крив, оној бил крив, овие биле кочничари и сл.) и во основа го одржуваа истиот систем: СЕРИСКИ ЕДНОПАРТИСКИ СИСТЕМ, во кој ЕДЕН ЦЕНТАР НА МОЌ ПРАВИ ШТО САКА. Сè додека не го смени друг центар на моќ кој „легитимно“ го презема правото исто да прави што сака.

Овие протести го разобличија тоа и стана јасно дека на Македонија повеќе од каква било промена на власт и треба промена на моделот на практикување на власта. Процесот на напуштање на партискиот монопол врз демократијата (подржан од корумпирани медиуми, инструментализирани НВОа, платени институти и интелектуалци, псевдо-експерти и др.) е неодложен. Се разбира, таа промена и давање „столче“ за граѓанинот во одлучувањето КАКО а не КОЈ владее нема да биде лесно, но тоа е право кое ни припаѓа и од кое граѓанинот не смее да се откаже. Постоечката партиска демократија нужно е да се придвижи кон вистинска граѓанска демократија, тоа им го должиме на поколенијата кои доаѓаат и за кои немаме оправдание ако за таа работа сме потрошиле 30 години од независноста.

И така, по ДОЛГО, ДОЛГО ВРЕМЕ се случи за некоја важна работа во земјава покрај дежурните партии во јавност да излезе и третата страна: ГРАЃАНИТЕ! Колку ли беше тоа „Awkward Moment“! Во обид да го разбијат двоецот на уиграни ПИМПЛАЧИ НА ДЕМОКРАТИЈАТА, кои до бескрај се обвинуваат меѓусебно, а не прават ништо да се подобрат работите, беше доволно само да се појават и да стане јасно кој е тука кој! Беше така охрабрувачки да се видат од една страна младите кои знаат што сакаат, размислуваат со своја глава, стануваат да придонесат кон своето и кон заедничкото добро, а од друга страна претставници на партиите, бледи, немушти, марионетизирани лица со сервирани соопштенија и „апели“ срочени со цел да ги сочуваат од одговорност оние кои се ставиле себе си над законите и човечката правда, оние кои ги цицаат граѓаните во секоја смисла.

Оваа генерација млади себе си се дистанцираше и од оние наши повозрасни граѓани, кои кога и да ги прашаат што очекуваат од овие избори велат, малку работа за младите, да имаат егзистенција. Туф, туф…правото на работа да, но зарем тука демократијата завршува? Ваквата скастрена претстава за „демократијата“ е целосно погрешна! Зарем демократија е да добиете работа и да молчите на сè друго што се случува во државата? Тоа го прават токму и таква „демократија“ живеат оние кои од партизираните органи на државата и добиле работата: примаат платичка и си молчат. Колку сме си побарале, толку партизираниот систем и ни дал: еве ви работа и молчете! А МОЛКОТ НЕ Е ДЕМОКРАТИЈА, молкот е тоталитаризам, молкот е едноумие кое, нели, се согласивме дека го напуштивме?

Демократијата е глас и постојана борба и активност, континуирана борба со мирни, правни, граѓански, демократски средства за правото, правдата за своето и општо добро. За колку демократија се избориш, толку и ќе добиеш, тоа е правило на секој „натпреварувачки плурален систем“, а демократијата е токму тоа, плурален систем и динамичен процес во кој мора да се заложите за своите права и добра. Ако не се заложиш ќе те истуткаат и ќе те погазат затоа што ти прв самиот себе си се погазил со непочитувањето на своето достоинство и напуштањето на своите права.

Извор: sead93.crnaovca.mk

ОкоБоли главаВицФото