Полицаец украден на протестите

20.06.2011 16:04
Полицаец украден на протестите

Скопје, Македонија – Самоволието на младите кои повеќе денови протестираат низ улиците на Скопје поради убиството на Мартин Нешковски, не престанува. Најновите информации од МВР говорат дека вчера на протестите бил украден полицаец.

Пред да ви ги пренесеме информациите за овој најнов грозоморен чин, мораме да потсетиме како почна приказната. Според информациите на МВР, минатиот петок, вечерта околу 20 часот, на улицата Мито Хаџивасилев-Јасмин, четири непознати лица нападнале полицаец кој бил ангажиран за протестите и му го украле службениот пиштол. Откако лицата му се приближиле, едно од нив го удрило во пределот на десната нога, односно на задниот дел од коленото, додека другите лица го турнале, по што полицаецот изгубил рамнотежа и пробал да се фати за трафиката за да не падне. Во тој момент лицата почнале да го фаќаат за половината, при што му го извлекле пиштолот, а потоа се разбегале во непознат правец. Случајот се уште не е расветлен, а веќе имаме и нови слични случаи.

Следните денови добивавме информации дека младите демонстранти на еден од полицајците успеале да му ја украдат службената капа, на друг значката, на трет шишето со минерална вода од половина литар, а на четврт дури и му брцнале во џебот од каде што го украле ливчето на кое бил испишан списокот со продукти кои требало да ги купи од пазарче, а кој го направила неговата сопруга. Ова го сфатил дури кога отишол на пазар од каде што се вратил празен бидејќи без списокот немал никаква претстава што треба да купи. За ситуацијата да биде потрагична, бидејќи не ги обезбедил потребните продукти останал и без вечера.

Еден од побизарните случаи е и тој кога демонстрантите успеале на еден од полицајците да му ги одврзат врвците, па да му ги украдат и чевлите, по што морал да остане на местото на настанот и да чека да му донесат нови, бидејќи, нормално, не можел да трча по нив по чорапи. Сите кражби завршувале со тоа што крадците се губеле во толпата, па дури ни другите полицајци не можеле да ги најдат и да ги изведат пред лицето на правдата.

Но сепак, ниту еден од овие случаи не е толку страшен колку тоа што се случило вчера на протестите. Како што известија од МВР, по сите овие кражби, вчера демонстрантите се осмелиле дури и да украдат цел полицаец, а не само одредени делови од неговата облека или слично.

- Ова е страшно! Ова е навистина скандалозно! Ова досега не се случило! Дрскоста на демонстрантите нема крај! Мислевме дека крадењето на пиштол на еден од нашите полициски службеници е изолиран случај кој нема да се повтори, но тие секој ден од ново ни докажуваат дека не планираат да престанат и дека ќе одат до крај. Пиштол, па капа, па значка, па шише, па список, па чевли, па не беа задоволни ниту со сиве овие работи, па мораа да ни украдат и цел полицаец. Па како ли само не им е срам?! Велат дека сум лажел. Па какво лажење, мили мои… сево ова е жива вистина. Еве, ако сакате и самите проверете, ќе видите дека го нема нашиот колега - растревожено раскажуваше портпаролот на МВР, Иво Котевски.

Како што објасни тој, на полицаецот му пришле десетина демонстранти кои најпрвин му започнале пријателски муабет со теми за серијата „Долина на волците“ која и тој ја гледал, па подоцна откако целосно се препуштил на дискусијата и заборавил дека е тука да го обезбедува протестот, го искористиле неговото невнимание за да го украдат. Набрзина го внеле во толпата, се измешале со останатите демонстранти, па оттогаш му се губи секаква трага.

И додека полицијата работи на расветлување на овие случаи, портпаролот предупредува дека демонстрантите нема да застанат тука.

- Според нашите оперативни сознанија, демонстрантите се спремаат да украдат и полициско комби, па исто како и во останатите случаи, заедно со него да се вмешаат во толпата и да им се изгуби секаква трага. Не е исклучено некое утро да се разбудиме и да сфатиме дека демонстрантите ни ја украле и целата зграда каде што се наоѓа Министерството, па и неа ја скриле во нивната толпа. Ова е навистина страшно! – откри портпаролот Котевски.

Извор: plusinfo.mk

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото