1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Скопје
Ова е Скопје паднатото
од небо
во кое не сум роден
и така ќе се дружиме
до кога ќе се дружиме
Скопје што има старо
поново од новото
некогаш ќе изградат
нов Камен Мост
постар од овој што
пропаѓа прешминкан
и расипан
Ова Скопје е Скопје
од провинција
на која ѝ наплаќа
мрсни кирии
Скопје што врие од
банкомати
и нови автомобили
и скап станбен
простор
и бесен народ
што постојано мантра
се немало пари
Скопје во кое сите се знаат
наоѓајќи се на исти места
шопинг во Шутка
кафе на Кеј
корзирање на улица
Македонија
бивша Маршал Тито
сликање за Фејсбук
на Ленинова
опуштање во Чаршија
и клабинг во Хард Рок
и Гранд брааат
Ова е Скопје на спомени
и споменици
Скопје кое умира
и се раѓа секојдневно
со кое се разминуваме
на пазарите и автобуските
постојки
на влезовите на сите места
каде ниту влегувам ниту
излегувам
Ова е твоето Скопје
со кое се создававте
кое те гледаше како растеш
и тие тајни никогаш
нема да сака да ми ги каже
или ми ги кажува
без да разберам
кој да знае
Скопје во кое прооде
каде Дедо Мраз те прашуваше
дали си била добро девојче
иако брадата не му беше
повистинска од мојата
тоа беше вистински Дедо Мраз
Скопје во кое научи
да читаш и пишуваш
со ракопис кој не го разбраа
Скопје во кое сè уште
си вљубена
и на кое секогаш му се враќаш
во чиј парк ти закажувам
состанок кај Езерцето
или уште потаму
под крошната на дрвото Гинко
Скопје што ќе го напуштам
или освојам
водејќи те со себе
како највреден плен
кое не знам дали ќе жали некогаш
за мене и тебе
Скопје во кое не сакам
да нè закопаат
независно што и да се
случи
и какво што никогаш нема
да го видиме
втемелено во нашето
сонување
како огромна канцеларија
на Министерството на мечти
како ноќната програма на радио
со гласовите од кутијата
што во мракот ни ги
рецитираа
заборавените нешта
кои си ги кажавме за првпат
тогаш и секогаш
Скопје во кое ќе имаме
толку луѓе и празници
за испраќање
и кое барем еднаш ќе нè
пречека
како неговите вечни деца
А можеби
А можеби можеше да биде и поинаку
со среќен крај како сите приказни
кои ни беа раскажувани кога бевме
мали најмали
Можеби нешто сепак нешто требаше
да се одигра поинаку отколку ова
да те пресакам за да те отсакам
вака не можам да те мразам
Ако не ме сакаш
Ако не ме сакаш покажи ми како
да те заборавам како сè да било
во некој минат живот
како да те немало никогаш
не сум те сретнал и запознал
и не сум можел да имам подобра
измислица од тебе
Ако не ме сакаш речи го тоа
речи дека не ти годи толкуто
внимание
дека не ме разбираш и сум ти страшен
најди ми маана
речи дека не сакаш да не види никој
дека нешто лошо претчувствуваш
речи што и да е само да ми
одмилиш
ако не можам да те сакам барем
да не те мразам
Ако не ме сакаш ајде
омажи се за мене
Никој освен јас
Во секое време на будење
имам епски ерекции
и нема кој да види
никој освен јас
и никој не знае
што глупости ме мачат
недостапни на мојот мобиљ
со и без ДДВ
немам кого да љубам
на цел свет за сакање
мајка ми шизнува на тоа
а мене во секое време
на будење
редовно ми се моча
и така сите епски
ерекции
паѓаат во вода
и нема кој да осети
ни да види ни да знае
никој појма си нема
никој освен јас
Огласи
Огласите се отприлика едно па исто
и се повторуваат од недела во недела
и работодавците се молат да нема
работници
оправдувањата секогаш ќе им бидат
убедливи
Луѓе со искуство луѓе со пасош
факултетските дипломи работат
за средно
дневници олку дневници онолку
возраст под возраст над
ако сте амбициозни и ако
така натаму наивни
испратете кратка биографија
и писмо на намери
Ние сме реномирана фирма
ние сме светски намбер ван
неважното е поважно
ние очекуваме од вас
Александар Станојков (Штип, 1982) почнува да чита поезија во трета година гимназија, кога како член на еден гимназиски кружок (Младинска Арт-Работилница) учествува во сценско поставување на поетски творби (поетски театар).
Вистински почнува да пишува по дипломирањето на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Неговата тема и мотив се поврзани со една иста личност.
На наговор од пријателите, од 2009 година наваму во блогерскиот свет се појавува под псевдонимот nepodoben.
Досега нема објавено поетска збирка.
Извор: nepodoben.blog.mk
Разгледница: Александар Илиевски