Ако ЕУ не ја понижи државата, државата ќе нè понижи нас

22.06.2011 11:22
Ако ЕУ не ја понижи државата, државата ќе нè понижи нас

Во последните недели некои медиуми и некои политички групи предизвикуваат морална паника со тврдењето дека таканаречениот европски мониторинг, значи набљудувањето, е нешто понижувачко за Хрватска.

Треба ли граѓаните на Хрватска да се чувствуваат понижени ако Европската унија ја набљудува, па и ја надгледува хрватската власт и нејзиното почитување на уставот, законите, демократските начела и човековите права? Со други зборови, дали има нешто понижувачко по граѓаните од која било држава, ако таа држава, власт и владејачките елити се притеснети, ограничени и набљудувани?

Има, но само ако и самиот државен Устав се доживее како понижување. Уставот, имено, е правен акт со кој, покрај другото, се ограничува самоволието на власта или, како што кажува и самиот збор, акт кој воспоставува власт како што со речните токови се ограничуваат реките за да не се разлеат во поплава и да предизвикаат штета и човечки жртви.

Можеби и поделбата на власта на три столба е понижувачка зашто на парламентот и на независното судство им овозможува контрола врз извршната власт? Можеби е понижувачка и законот кој државните тела ги обврзува на почитување на владеењето на правото и строго им забранува дејствување во име на слободата и интегритетот на секој граѓанин? Можеби и изборите се понижувачки зашто заради нив власта мора да внимава што прави? Веројатно е понижувачко и постоењето на слободните медиуми и критичката јавност кои со сомнеж ја набљудуваат владејачката елита, ги анализираат нејзините постапки, предупредуваат на нејзините пропусти и по потреба и’ се потсмеваат. Во тој случај неизбежен е заклучокот дека е понижувачка и ситуацијата во која една економска, монетарна и политичка унија ги надгледува кандидатите за членство, па и своите членки. Навистина, Европската унија не е шовинистички клуб со кој се докажува замислената супериорност кон соседите, туку еден голем и сеопшт мониторинг кој своите држави-членки ги обврзува на уставно, законско и демократско – со еден збор: пристојно – однесување кон своите граѓани.

Дали тоа е понижувачко за граѓаните? Секако дека не е. Граѓанинот има интерес трамваите, плинарата, топланата, власта и сличните служби да работата под надзор и да им понудат колку што е можно поквалитетни услуги.

Дали тоа е понижувачко за власта? Секако дека е. И нека биде. Добро е власта да е понижена со уставот, со тројната поделба, со владеењето на правото и со сите расположливи средства на надзор, па и со меѓународно набљудување, зашто кога власта не е понижена – понижени се граѓаните. Колку повеќе елементи ја надгледуваат власта – толку подобро, без разлика кои се тие елементи. Историското искуство покажа дека власта која е целосно суверена, самостојна, горда и со ништо ограничена, е склона кон предизвикување војни, преселби и сиромаштија, воопшто кон дрско и недозволиво навлегување во секојдневието и комодитетот на граѓаните.

Власта е платена да работи во страв

Власта никогаш доволно не е набљудувана, ограничена, контролирана и понижена. Таа е компромис на кој се согласуваме само зашто знаеме дека државата е помало зло од беззаконието и анархијата. Државата е парен котел кој може да биде корисен додека ја загрева водата, но неговиот притисок никогаш не смее да ја премине критичната граница и затоа секоја форма на контрола на тој притисок е добредојдена. Секогаш кога притисокот на власта во тој воспоставен котел ќе ја премине критичната граница, котелот станува опасен, а може да биде и смртоносен.

Кој, значи, би можел да биде понижен кога власта е набљудувана? Несомнено самата власт, зашто ќе има дополнителни тешкотии во остварувањето на својата постојано и неизлечиво тежнение кон неограниченост. Тоа нужно не мора да биде тежнение кон тоталитарна или авторитативна диктатура, но сосема доволно е штетно и она „обично“ тежнение кон корупција, злоупотреба и манипулацијата на медиумите и правосудството. Таквото однесување е во човековата природа, а државата е премногу опасен парен котел за да биде препуштен само на нечија свест и морален интегритет. Власта не е безопасна салата од компир, туку млеко на шпоретот кое ќе прекипе во злосторство или во корупција токму во мигот кога ќе го тргнеме погледот, значи кога набљудувањето ќе попушти. Демократијата не се темели и не треба да се темели врз совеста и врз моралниот профил на државниот службеник кој наликува на оној на светците. Неспоредливо е поедноставно и помалку опасно ако се тргне од претпоставката дека властодршците се склони кон злоупотреба и благовремено добијат закана од уставот, законите, изборите, јавната критика и – зошто да не? – од меѓународен мониторинг.

Во демократската држава секој има право на слобода од стравот, но со еден специфичен исклучок: државните службеници се должни да бидат исплашени од губењето на власта. Тие, имено, се платени својата работа да ја извршуваат во страв од граѓаните, јавноста, парламентот, медиумите и правосудството, па ако треба и во страв од Европската унија.

Можеби е парадоксално, но граѓаните од малите земји всушност уживаат во единствена демократска повластица. Нивните држави и владејачки елити премногу се слаби за да бидат целосно суверени па, освен од сопствената јавност, се плашат и од будното око на големите демократски сили. Тој вид набљудување никогаш не престанува, без разлика дали се вика мониторинг или некако поинаку, иако сè уште има националисти кои, како детето кога ќе ги затвори очите, веруваат дека никој не ги гледа нивните недозволени работи зашто мислат дека светот, ако воопшто постои таму некаде зад девет села, постои само за да се воодушевува од локалната боја или за да ја укине локалната боја, како некому да му пречи таа ако некој толку многу го забавува.

Државата како фудбал

Забелешката дека актуелната власт е премногу попустлива кон Европската унија е целосно депласирана зашто темелниот политички антагонизам не лежи во односите меѓу државата и нацијата туку секогаш меѓу државата и нејзините граѓани. Власта тежнее кон моќ, а граѓанинот се обидува да се одбрани од таа моќ со сите расположливи демократски гаранции. Државата би војувала, граѓанинот би сакал да живее. Државата би земала големи даноци, а граѓанинот повеќе би сакал да плаќа помали даноци кога веќе не може да ги избегне. Државата и граѓанинот, по природата на нештата никогаш не можат да имаат исти или заеднички интереси. Затоа секој, кој било и каков и да е облик на контрола и зауздување на власта и на државната сувереност е добредојден.

Целото двоумење, ако воопшто е двоумење, се сведува на тоа дали граѓаните ќе бидат суверени и слободни или суверена и слободна ќе биде државата, односно дали државата ќе ги понижува граѓаните или европските мониторинг ќе ја понижува државата. Со други зборови, на државата може да се гледа критички и со сомнеж како на управа на јавниот трамвај, поштата, плинарата, водоводот или која било друга услужна дејност, или може да се обожава онака како што се обожаваат фудбалските клубови.

За среќа, и фудбалот има свои правила, па дури и во фудбалот, освен пенал и корнер, постои и УЕФА. Колку тоа да звучи неверојатно, можните ситуации во кои и саканиот клуб може целосно оправдано да биде казнет со пенал или со црвен картон. Кој навистина го сака спортот на тоа ќе реагира со аплауз. Колку повеќе судии го набљудуваат натпреварот толку е помала можноста некој кришум да игра со рака. На оние кои во почитувањето на правилата на играта гледаат понижување секогаш им останува некој мал заден двор, па таму нека играат колку што сакаат, но на тој начин на никој да не му го скршат прозорецот.

Извор: Tportal.hr

Плетки (слики): Maggy Rozycki Hiltner

А кој да ја понижи ЕУ, за таа

А кој да ја понижи ЕУ, за таа да не не’ понижи нас?

Некои прашања не заслужуваат

Некои прашања не заслужуваат одговор. :)

WAR IS PEACE, FREEDOM IS

WAR IS PEACE, FREEDOM IS SLAVERY, IGNORANCE IS STRENGTH.

ОкоБоли главаВицФото