Што е тоа Југосфера?

23.06.2011 12:30
Што е тоа Југосфера?

Пред две години во една статија за „Економист“ го измислив терминот Југосфера. Тогаш ми требаше некој збор кој би ги опфатил некои движења кои ги воочив во текот на изминатите неколку години на подрачјето на поранешна Југославија. Некои погрешно го сфатија тоа што сакав да го кажам, но поголемиот дел овој поим го ставија во речникот, така што ми се чини дека е измислен збор за нешто што луѓето инстинктивно знаеле дека постои и со што секојдневно се среќавале, но за што досега едноставно не постоел назив.

За мене тоа, се разбира, беше доста необично искуство, сосем неповрзано со теориите на заговор во кои играв улога на тројански коњ во британскиот таен план да се обнови Југославија. Сепак, таквите работи не се случуваат. Неодамна за тоа разговарав со некој кој ми рече дека еден негов пријател пред некоја година исто така измислил збор кој бил примен во употреба. Тоа е зборот „подкаст“ (podcast). Значи, така оди тоа: вистинскиот збор, на вистинско место, во вистинско време.

Сега, две години потоа, приказните за Југосферата ме заморуваат до несвест. Замислете дека сте го измислиле зборот „подкаст“, а луѓето и по две години и понатаму да ве прашуваат што значи тоа. Но, како и подкаст, и Југосферата постои и, како и да ја наречеме, потребна ни е повеќе од кога и да било.

Дозволете да објаснам. Најпрвин, Југосферата е едноставен начин да се опише процесот на обвновување на илјадниците прекинати врски на подрачјето на поранешната држава. Од ова подрачје, од очигледни причини, донекаде е исклучено Косово. Тоа не значи дека Југославија се враќа, и иако сметам дека тој процес е благотворен, не мислам дека е неповратен.

Во основа, Југосферата е општествено-економски феномен. Ако една хрватска фирма купи словенечка, која поседува некоја српска фирма, па потоа ја продава стоката низ цела поранешна Југославија, тоа е Југосфера. И морам да го додадам уште ова – тоа нема никакви врски со југоносталгијата.

Ако Регионалниот совет за соработка во Сараево, на чие чело седи Хрват, секоја недела организира бескрајни собири од сите можни профили, од културни работници и претприемачи до производители на волна, и тоа е Југосфера (Молдавија таму е присутна само затоа што никој не знае што да прави со неа). Би можел да раскажувам за „Фарма“, „Големиот брат“, за тоа кој од музичарите каде ќе настапи летово, или зошто веста за апсењето на Младиќ првин излезе во хрватскиот весник „Јутарњи лист“. Здодевно е да се набројува сето тоа.

Иако веќе споменав дека Југосферата не значи обнова на Југославија, не реков дека нема политички импликации. Дури убеден сум дека во иднина може да се очекува уште повисок степен на соработка меѓу поранешните Југословени. Постојат многу преседани: Белгијците, Холанѓаните и Луксембуржаните своевремено соработуваа под плаштот на Бенелукс, сè додека ЕУ не го направи излишен. Втор пример е Нордискиот совет кој ги собира природно поврзаните скандинавски земји, од кои некои се во ЕУ а некои не се.

На тоа би можело да му се спротивстават низа причини зошто овој проект е тешко изводлив, можеби дури невозможен. Погледнете: ЦЕФТА има проблеми поради Косово; каква соработка кога Босна не функционира како држава? Имаме две земји во НАТО, една во ЕУ, една набрзо ќе влезе, Србија има проблем со Косово и обратно, итн. итн.

Сега размислете за следново: светот изгледа поинаку кога се гледа од Брисел или Лондон. Често новинарите од регионот (наречете го како сакате, баш ми гајле) ме прашуваат: „Како Лондон гледа на...“ ова или она на Балканот. Јас одговарам дека „Лондон“, или што и да е, тоа не го гледа. Се разбира, настанот како што беше апсењето на Младиќ ќе биде регистриран, но сè што е помало од тоа се наоѓа под радарот.

Размислете за следново: европските интеграции се голема тема за поранешните југословенски републики. Супер. Меѓутоа, главниот балкански проблем во моментов е Грција, и ви треба ли поголем доказ дека членството во ЕУ не значи крај на политиката? Важно е да се изградат модерни државни институции, под услов да не лажете како Грците и да не живеете над своите можности како Португалците и Ирците, но тоа не ги решава сите проблеми. И Босна и Белгија веќе подолго време немаат влада, ама, најпосле, Босанците не се Белгијци.

Што сакам да кажам? Еврото е на маки, Шенген е на маки, НАТО е на маки, Грција е во банкрот, Арапите се во превирање, па дури и Кина, за која сите толку многу зборуваат, е во проблеми до гуша поради наглиот пораст на цените на трудот и катастрофалната демографска слика предизвикана од политиката на едно дете.

А сега, да ја видиме Југосферата: очајна демографска слика, ниска продуктивност, лоша инфраструктура, долги прекини во разојот и образованието како последица на војните. А сето тоа на простор на кој вкупно живеат нешто помалку луѓе од Шангај.

Во ред, ќе рече некој, и малите држави можат да се развијат. Погледнете ја Норвешка, Швајцарија, Сингапур. Само, проблемот е во тоа што државите од поранешна Југославија не се и никогаш нема ни да бидат Норвешка, Швајцарија или Сингапур. Пред некој ден албанската телевизија Top channel ме нарече „студен набљудувач“ на балканските случувања. Еве ви, без намера да навредам некого, една студена опсервација која за цел има да ги постави нештата во перспектива: ако ја замислиме Европа како град, тогаш регионот на поранешна Југославија е сиромашно предградие во кое главните улици се донекаде средени, но во споредните демнеат гангстери, вистински или замаскирани во политичари.

Значи, тој град има свои проблеми, народот од предградијата го бара ова или она, а сето тоа чини пари. Во богатите населби се бесни поради тоа што мрзливците од грчкиот кварт не плаќаат данок, и уште поради тоа што по градските паркови им спијат Авганистанци и Тунижани, кои не само што не сакаат да си заминат, туку и тие бараат пари.

Би можел уште да ја ширам оваа аналогија, но размислете за следново: поранешните југословенски републики по бројот на населението едвај можат да се мерат со некоја кинеска општина, а Црна Гора има население колку еден кинески станбен блок. Гледано од светска перспектива во која Европа е град, ви преостануваат само две опции: можете да се соберете и да ги искористите природните предности како што се заедничката култура, историја, јазик (помалку или повеќе), пазарот и сл., или со своето сè постаро население да продолжите да венеете, како предградие што пропаѓа и од кое бега секој со малку мозок и талент.

Наречете го тоа Југосфера, „регион“, „зона“, јадранска што и да е, никому не му е грижа. Само, со оглед на моменталната ситуација во светот, никому не му е грижа за Балканот како таков, ако се исклучат оние кои таму живеат. Според мене, соработката е во интерес на сите.

Извор: vreme.com

Статии на Окно од истиот автор:

Влегувајќи во Југосферата

Простете за Југосферата

Другим речима: ќе ви ја

Другим речима: ќе ви ја напраиме Југосфера па вие викајте ја како сакате.