Зошто реториката “младинско движење“ или “младите се бунтуваат“ - води во ќорсокак?

24.06.2011 12:35
Зошто реториката на “младинско движење“ или “младите се бунтуваат“ нè води во ќор сокак?

Поради голем потенцијал кој го носи настанатата ситуација и можноста за учење нова лекција на македонското општество или за чекор понапред во демократизирање, сакам аргументирано да спорам зошто реториката и духот на “младинско движење“ / “независна младинска република“ / “младински протест“ или “младите протестираат“, кој многу често го среќавам посебно во традиционалните медиуми, ја дава погрешната слика, а со тоа и насоката на движењето. Притоа сакам да нагласам дека оваа конструктивна критика не се однесува на “младите кои почнаа со реториката“, туку на медиумите (нови или стари) кои протестот го прикажуваат како “младински“, оставајќи поле за толкување и аргументирање од типот – “абе млади ко млади, нешто се бунтуваат таму!“. Еве и конкретен пример од колумната на Дарко Митревски – “Вака – срам ми е да излезам да протестирам заедно со младиве храбри деца. Мртвиот Мартин е дел од нивната генерација. Злосторникот Спасов - тоа сме сите ние“.

Текстот сакам да го посветам на оваа реторика затоа што многу од луѓето кои се на наша страна не излегуваа само затоа што движењето го перципираат како младинско. Ова може да биде доста контрапродуктивно а ваквата логика оди директно против инклузивноста и масовноста како главни алатки за постигнување на целта. Доколку и понатаму сакаме да ги одвоиме грубото мешање на државата во општеството, во случајот да ги одвоиме државата и општеството за да станеме релевантен општествен глас, тогаш оваа реториката ја дава покрај тоа што дава погрешната слика кај јавноста дава и погрешната слика кај “суверенот“ што додатно им дава можност за секуритизација, манипулирање и етикетирање на целиот протест. За подобар инклузивен правец на протестот кој би обезбедил чекор напред во демократизирање на односите помеѓу општеството и државата и поголема социјална доверба подобро би било реториката, а со тоа и духот на демонстрациите, да биде “независно општество“ / “независно граѓанско општество“ / “независно граѓанство“. Затоа што мора да најдеме начин како “старите“ да го прифатат движењето како свое!

Зошто оваа реторика ја менува насоката?

Инклузивност и Масовност. Силната и емоционална реченица ....“независна младинска република“ / “младинско движење“ / “младите протестираа“ итн. не е инклузивна од проста причина што ги исклучува сите “стари“ или во најмала рака ги демотивира да излезат на протест и им го зацврстува ставот на “им го оставаме тоа на младите“. Мојот впечаток беше дека, колку повеќе се зацврстуваше реториката на “младинско движење“ толку помал беше одзивот. Покрај тоа, ако е општа констатацијата дека за движењето да добие глас на “општество“ потребна е масивност во која сите групи и индивидуи ќе се измешаат до тој степен да нивниот идентитет повеќе не е битен, тогаш ова насока/реторика е директно против логиката на инклузивност и масовност. “Суверенот“ како да го сфати ова и затоа се обидува да го спинува со младата Биљана и младите кои ќе протестираат пред штабот на СДСМ. Општеството е доволно поделено на сите основи и лесно за манипулација, со Биљана сакаат да ги поделат и “младите“ демостранти. да ги стават во истата спирала. Ама нејсе, масовноста би била единствениот начин да се легитимираме како општествен глас и при тоа да ги избегнеме етикитирањата како СДСМовци или Соросоиди, наркомани, млади бунтовници без причина итн. Масовноста во која ќе има и млади и стари, и Македонци и Албанци итн. Ако не најдеме начин сите групи движењето да го прифатат како свое, тогаш, иако ние ја поседуваме цела енергија на светот, тие ги имаат средствата и можноста да практикуваат суверентитет а тоа е доволно за да нè поделат. Исто така, она што може да е меч со две острици, при мобилизацијата, е тоа што “младите“ не се појавуваат во традиционалните медиуми. Лошата страна е тоа што останатите, кои не се од Скопје, не можат да се информираат “директно“ од демострантите; но добра страна (ги има повеќе) е тоа што остава простор за мобилизација на постарите, особено интелектуалците, да имаат мотив да појават и да кажат нешто за традиционалните медиуми, што на некој начин ги прави учесници во поширокиот протест. Традиционалните медиуми се медиуми на “постарата“ генерација, тоа е нивната институција. Ние си ги имаме новите медиуми, тие се нашата институција, па оттука – мобилизирање на “постарите“ преку традиционални медиуми, мобилизирање на младите преку нови медиуми е најдобрата опција.

Односот на суверенот. Независна младинска република не ја отсликува целта на движењето: држава која нема да доминира врз општеството, отворање на институциите и демократизирање на односите помеѓу граѓаните и државата. Ако движењето го има духот на “независна република“ тогаш тоа им дава можност движењето да го гледаат како “независен политички субјект“ кој, еве, тргнал да се сомнева, или во фаталистичка верзија да го превеземе, нивното суверено право да владеат. Така секое појавување, макар и на една јавна личност, (посебно сегашен или бивши политичар) се спинува во позната насока – “партиско присуство ја открива позадината на протестите“. Ова, на државната елита и нивните медиуми, им дава широко поле за манипулација и лоши изговори. Таквите манипулации демотивираат голем број граѓани да се приклучат на протестот затоа што веќе ја слушнале таа реторика и ја научиле таа лекција. Она што суверенот не го разбира е тоа дека ако не успеат да не растурат тогаш секое соопштение, секој даден изговор на министерката Јанкуловска и МВР, ќе биде повод за уште едно додатно проширување на идеите и барањата на протестот. Од едноставна оставка, поради нејзината арогантност и игнорантност, ќе можеме да бараме: оставка, отвореност на институциите кон граѓаните, едно големо стоп за мешање на државата во цивилниот сектор итн.! Доколку успеат да нè разбијат и ако од протестот општеството не научи ништо, тогаш ние “младите“ ќе бидеме криви затоа што не најдовме начин за инклузивност и мобилизирање на граѓаните, играјќи ја играта на суверенот и плашејќи се дека ќе нè етикетираат (што продуцира реторика и политика која не е инклузивна – наши/ваши) и ќе изгубиме шанса за нова демократска лекција во колективната свест. Тоа не го заслужуваме!

На крај, ако сакаме да ги отвориме институциите, ако сакаме нашето општество да стекне уште еден сегмент од демократската колективна меморија, ако сакаме да не им оставиме поле за манипулација тогаш мора да се наметнеме како гласот на општеството – инклузивно и масовно!

Извор: vasilkirevski.blogspot.com

Фотографии: Мите Кузевски (од Flickr)

поимот младинска република ме

поимот младинска република ме изненади и мене:
http://vbb.blog.mk/2011/06/16/10-dena-mladinska-republika/

ги следан на интернет збиднувањата и констатирам:
ако не ви се приклучуваат постари, не е заради реториката „младинско движење“ етц, туку заради тоа што:

1. не ве сфаќаат сериозно, оти не знаевте што сакате. изгубивте една недела без да се договорите конкретно против што, кого и како ќе протестирате.
Немавте доволно информации, па една недела викавте алфи-убијци, а дечкото загина од припадник на специјалната едниница „Тигри“.

2. немате водач. немате гласноговорници. заради тоа излегува некоја девојка, за која некој од вас кажува дека не е од вашите, и веќе почнива турлитава.

3. од сите што излегле да зборуваат, никој не го бива!!!
ниту еден не успеа да спои две реченици што личат на нешто. на сите говорници им кажуваат од страна што да кажат, уште што да спомнат. така не се држи говор. за говор треба д аимаш талент и да се подготвиш. може да се импровизира еднаш, ама не секој ден.

4. сите сте шетани деца, повеќе можеби од мене, оти јас станав полнолетна кога Македонија ја „почестија“ со санкции и затворени граници, а никој од вас нема појма како се комуницира со странците!
тие сакаат кратко и јасно! добивте минути во Ал Џезеира, а разговорот тречеше како преку плетот да си правите муабет.
кратко и јасно! не кажувај три реченици, ако можеш да го кажеш истото со една.
 
5. самите почнавте уште на почетокот да се делите на ваши и наши. вие почнавте да кажувате кој треба а кој не треба да учествува во протести и тоа на крајно некултурен начин.
имав уште забелешки ам аќе сопрем.

ова го кажувам оти сакам успешни протести, а не само спомен дека 2011 имаше протести за ...нешто во Скопје...поздрав
 

Повели во 18 часот на Мајка

Повели во 18 часот на Мајка Тереза и сподели го ова со сите таму, верувам ќе се развие конструктивна дебата.

вселенец,  да бев во

вселенец,  да бев во македонија, можеби и ќе дојдев, ама ете, новите медиуми овозможуваат да бидам таму и кога не сум.

Ангелина, те разбирам, ама не

Ангелина, те разбирам, ама не те сфаќам :) Со тоа што го посакуваш, ти всушност повикуваш да се создаде хиерархија помеѓу оние кои протестираат, а токму хиерархиите и институциите се оние кои репресираат. Јас разбирам дека повикуваш на борба со оние кои убија на начин на кој оние кои се бунат би се претвориле во копија на институциите.

Ако впечатокот е дека работите се анархични и ако говорите не се според оние на кои сме навикнати со нај „фенси“ пи-ар, токму тоа значи дека нештата се поинакви и токму тоа треба да се поздрави, а не куди. Слушачот тогаш ќе треба да се напрегне и во процесот на поимање и да размислува, а не само да цица информации совршено сервирани од совршениот говорник. Протестите се спонтани.

И јас се сложувам со

И јас се сложувам со коментарот на Александар.
Луѓето сакаат да видат „класични“ ПР алатки затоа што луѓето така се навикнати.
Ова движење кое што можеби се прецепира како само младинско, е пред се затоа што така се пренесува преку медиумите. И ако дојдете во 6 позади Мајка Тереза ќе видите дека не е така. Всушност и така да кажеме целото движење, значи под кое име се праќаат сите претсавки е - Граѓанска иницијатива против полициската бруталност.
Од друга страна да можеби движењето се перцепира или е само младинско, кој како сака да заклучи, но сметам дека и не е до толку лошо. Да можеби така ќе изгуби на бројност, но верувајте на младите во Македонија не им се има случено ништо вакво претходно, мислам на спонтано движење, собир. И со целиот жар што сите млади луѓе го носат во ова движење, сосема искрено можеби и се нарекуваат младинско движење, затоа што тоа е нешто што досега го немааат искусено, а им е потребно.
И уште еден коментар за Ангелина, ако толку никој од таму не го биваше немаше сево ова да трае повеќе од 20 дена.

даниел, дека нема добри

даниел, дека нема добри говорниц, тоа е факт. она што ве држеше 20 дена не е ораторската умешност, туку чувството дека учествувате во протест, дека сте група. таму е секогаш топло.

Многу тешко се контролира

Многу тешко се контролира толкава маса без водство. Проблемот е кој ќе ги застапува сите. не мора да е еден, ама кои да се другите.
јас ви укажувам на неефикасноста. за да ја постигнеш целта, мора да знаеш што сакаш. ова се протести, не водење љубов. не ви треба предигра. (вие една недела не знаевте што сакате, туку си игравте протести. нити знаевте против кого, ниту кое е момчето.)
  работата може да се разводни и на крај да заборават луѓето зошто се тука и полека, полека да замре. и ќе остане спомен дека имаше 2011 протести заради убиството, алфи, не, тигри беа, против бруталност, не, оставка бараа етц... и толку.
мора да имате некакво тело за таа работа, во коешто треба да влезат оние што ги бива, а не сите тие што сакаат. ќе го слушате мнозинството, имате директен контакт со нив, но не може сите 500, 1000, 2000 колку и да се, не може сите да се се.
неколку дена не следам, не знам до каде сте дојдени, но дечките што излегуваа да зборуваат, не знаеја како. за тоа треба да се има талент или да се научи! и седнете и научете! мегафонот не е лулашка, па секој да се лула малку! мора да ставите ред. 
еве уште некои мои забелешки.
- се створи критична маса, која секој ден излегуваше на протести и постигнавте многу! мислам дека дури и не очекувавте таков расплет!
-помогнавте да не се заташка убиство на Мартин. сето тоа го направивте сами, без  да ве турка некој медиум , без помошта на некоја партија. тоа е чудо за Македонија!!!  сами си ги снимавте клиповите, какви такви, сами пишувавте на блогови, известувавте. тоа е голема работа.
-од друга страна, претеравте!!
*во странските медиуми, ја покажавте Македонија како дно на Балканот, каде што луѓето живеат под полициска тортура! а тоа не е така.  сакате ли да ни донесат  странци да не смират малку?
* протестите се претовраат во перформанси. една девојка се приближува до еден полицаец и свири, тој не смее да реагира, таа свири, тој трепка и толку! или еден дечко застана пред собраниското возило, демек не се тргнуваше, па полицајците го тргнаа, и толку! ако застанеш пред возило, треба да бидеш спремен дека може и да те прегазат. тоа повеќе личи како мали деца кога ќе фрлат камен близу до прозорот и ќе избегаат и ќе викаат: Ништо не ми можеш! ништо не ми можеш!
-седнете и направете есап: што сакавте да постигнете, што успеавте, што не, што треба да доточните, што да исфрлите, да дополните, на кој начин.
-можете да станете граѓанска асоцијација, да почнете да одите чекор по чекор со барањата коишто ги имате. Се разбира, пред тоа треба да се обмислат. не може, на пример, да имате апсурдни барања, како што е она  да се укинат сите специјални единици во Македонија. постои елитната единица „Волци“. сте чуле ли за некоја глупост што ја имаат направено нејзините припадници?
-повикајте на спроведување на постапка, а не на линч. не знаеме зошто полицаецот го убил момчето. треба да се расветли не само тој, туку и другите случаи на полициска бруталност кои се нерешени.
-Мартин загина, тоа е жално. но не правете ореоли околу неговиот лик и дело. оставете му го семејството да тагува. тие веќе знаат дека не се сами и тоа е доволно.
-барајте промена во законите: кој смее да биде полицаец, кој смее да носи оружје, кој какви овластувања има. исто важи и за обезбедувачите: имам чувство дека тие понекогаш имаат овластувања како оние на полицајците.
-бидете покултурни: не може на секој човек во униформа да му се внесеш у фаца и да му викаш дека е убиец.
-на фејсбук сте имале профил, па сте бришеле коментари, па почнавте да навредувате  кој смее кој не смее да биде на протестите. секој има право на политичка определба. и зошто јас ако имам книшка на ВМРО ДПМНЕ или на СДСМ да не можам да ви се приклучам? а како оној од „Достоинство“ смее да присуствува?   сопрете малку! оти во спротивно ќе се претворите како и сите партии во македонија.
поздрав

Ангелина мислам дека целосно

Ангелина мислам дека целосно не ги разбираш нештата и не се обидуваш да излезеш од својата индоктринирана и арогантна позиција.

Не ни требаат преставници кои ќе не застапуваат - ова е директна демократија. Секако дека ќе има луѓе на кое таквиот начин на организација не им се допаѓа, но ќе мора да научат да делуваат без да бидат дисиплинирни од некој повисок авторитет.И

Навистина не ни се потребни твоите неолиберални патронизирања.

Инаку Волците се специјална единица на АРМ а не на МВР...

е па мирко, тие погоре не

е па мирко, тие погоре не мислат како тебе.
и што правиме сега?
во чие име зборуваш ти?
кои сте тоа вие?
со самото тоа што ми одговараш, ти се ставаш во улога на претставник што ги застапува другите. а не си тоа. оти како што велиш, немате претставници.
и замисли уште икс пати такви како тебе и чие мислење да слушам?
или не си прочитал се што напишав или не си разбрал ништо.
не е важно дали мене ми се допаѓа вашиот начин на организација, туку дали ќе ја постигнете целта со средствата што ги користите.
колку што капирам, немате поим што сакате ни што ќе правите и заради тоа, еве слушај ми го зборот, нема да постигнете ништо. а можеби тоа ви е и целта: да си играте востание, да тропате дек=мек сте анархисти, а не знаете ни што значи тоа, да го оценуваш ти мојот коментар како неолиберално патронизирање, термин кој или не знаеш што значи, или не си ме дочитал или не си разбрал.
и пак ќе кажам: можеби ТЕБЕ не ти треба, но ајс не сум убедена дека не им треба на другите.
фала за волците.
 
 

ОкоБоли главаВицФото