Зошто не нè интересира новата власт

30.06.2011 10:54
Зошто не нè интересира новата власт

Ја откривте ли смислата на изборите преку конституирањето на новото Собрание или, можеби, успеавте да ја доловите смислата на собранието преку изборите? Или преку што и да е друго. Јас не. Што не значи дека процесите немаат смисла или дека се бесмислени. Важни аспекти на нашите животи и понатаму ќе зависат од политиката, но не од изборите, не од собранието и од другите институции како лажни адреси на кои само повремено се крие вистинската политика. Целиот институционален поредок ни се открива како карикатура, како параван, во најдобар случај како пајажина во која сме заробени како инсектна храна за пајакот на реалната политика. Избришана е минималната двосмерна интеракција меѓу власта и општеството, односно граѓанството е ослободено од последните милилитри илузија дека нешто на планот на општото добро зависи од него. Тоа, граѓанството, во меѓувреме, се согласи во замена да му подарат една друга илузија, таа дека од богатата трпеза на тотално отуѓената политика некоја ронка ќе падне и на неговото кучешко ниво. Ние не ја создаваме историјата, историјата или, поточно, антиисторијата - се создава врз нас. Општеството тоа го чувствува повеќе отколку што е свесно за тие процеси, но сеедно, многу јасно може да се забележи тоталното отсуство на каков и да е интерес за конституирањето на новата власт. Да не беа возбудливите протести во врска со убиството на Мартин Нешковски никој немаше да забележи дека Трајкота го избрале по втор пат.

Во таа смисла Македонија повеќе не е држава, а нацијата не е нација туку е нешто што личи на "гомно што се распаѓа на дождот од вмровските кумулонимбуси". Електролизата на транзицијата успеа да нè подели на маса исчистена од политички разум и чувства и политика исполнета со инфантилност, неконтролирана грабежливост, безмерна деструктивност. Територија што ја администрира или контролира некој.

За време на викендот пресметав дека комесарот Филе и другите комесари на нашата иднина во последните пет години повториле вкупно 3285 пати дека "сега е вистинскиот момент да се реши спорот со Грција". Во таа инфлација на "вистински моменти" се губат и вистината и моментумот. Се плашам дека Унијата ќе продолжи да ја демонстрира својата парадна функција и во наредниот период. Да сум нешто во европскиот комесаријат јас би заклучил дека Македонија не е спремна да го реши спорот со Грција во некој "вистински", а можеби ќе заклучам дека има шанси да го реши во некој малку "позаебан" момент. Дека " заебаноста на ситуацијата", можеби, е "вистинскиот" контекст за решавање на проблемот. А по една малку позериозна анализа би можел да заклучам дека не може да се замисли моментот во кој Македонија би можела да го реши проблемот, дека Бившата Југословенска Република тендира да отвора веќе затворени прашања, а не да ги затвора тековните и дека, кога малку подобро ќе се погледне, никогаш ништо суштински не успеала, а понекогаш и не сакала да реши. Сè додека Европа не им погледне в лице на одвратните, антидемократски, тоталитарни, антиевропски и антицивилизациски процеси што се одвиваат во Македонија нема совршено никаква смисла да очекува дека режимот во Скопје ќе реши некои проблеми што ѝ тежат и на Европа. Режимот е проблем, драг мој господине Филе. Што ќе му е на режимот Европа ако ја има оваа фина балканска вукојебина.

Кога Македонија го потпишуваше договорот за асоцијација и стабилизација со Унијата (Загреб, 2001), Хрватска се бореше да се ослободи од канџите на диктатурата. Денеска тие се во Европа, а ние сме во диктатура.

Дипломиран предавник на националните интереси бара работа во струката. Тел. 070226628.

Дали верувате дека никој, сè уште, не ми се има јавено на овој оглас што пред пет дена го пуштив на Фејсбук. Не сакам да ја оптоварувам надворешнополитичката позиција на земјата и да ја напаѓам незаинтересираноста на контраразузнавачките служби на Грција, на Бугарија или, можеби, на Албанија и Србија. Не, само сакам да ја изразам својата загриженост од фактот дека македонските национални интереси котираат многу ниско на светската берза на разузнавачки податоци. Мислам дека и името е до таа мерка испогането што ако некој ви понуди да го смените за седум дена летување на Тасос треба да му речете преку тасета на вашето нескршливо достоинство и да ја прифатите понудата. Ако Надвојводата Шарло може со три шлепера брашно и со два-три милиони евра во ситни банкноти од по педесет и сто евра да купи петстотини илјади гласови зошто Грција да не може да нè преименува во Северна Македонија со милион ваучери во вкупна вредност од 100 милиони евра. Разликата тука е во сумата а не во достоинството што кај Шарлота исчезна, а на Тасоса го нема.

Извор: globusmagazin.com.mk

Фото манипулација: Флоријан Шмукер и Пол Рипке

Браво Мајсторе ме насмеја до

Браво Мајсторе ме насмеја до солзи!!!

"Во таа смисла Македонија повеќе не е држава, а нацијата не е нација туку е нешто што личи на "гомно што се распаѓа на дождот од вмровските кумулонимбуси"."

Овие зборови треба да се излеат во букви и да се постават на плоштадите ширум Маќедонија.
:))))))