Деведесет години Комунистичка партија на Кина

01.07.2011 14:18
Деведесет години Комунистичка партија на Кина

Комунистичката партија на Кина (КПК) слави 90 години од своето основање, а државната пропаганда беше вонредно активна пред големата церемонија во Пекинг на која ќе присуствуваат најголемите водачи од земјата.

Основана 1921 г. во Шангај од страна на мала група интелектуалци, кинеската Комунистичка партија дојде на власт 1949 г. откако ја порази Националистичката партија во долгата и крвава граѓанска војна. Потоа земјата западна во тридецениски хаос со политиката која ја спроведе револуционерниот лидер Мао Цетунг, проследена од политички чистки, масовен глад и општествени немири кои доведоа до смрт милиони Кинези. Откако Мао почина во 1976, Денг Ксиаопинг иницираше период на реформи кои ја преобразија Кина во економска сила.

Денес КПК има над 80 милиони членови, што ја прави најголема политичка партија во светот, а еден партиски лидер изјави дека во текот на 2010 г. дури 21 милион кинески граѓани барале дозвола да се придружат во редовите на КП на кина, но „само 14% од барањата биле одобрени, инаку партијата би броела стотина милиони членови“. За да ѝ се приклучат на КПК поднесувачите на барањата мораат да достават писмена препорака од угледни членови на истата, како и да поминат низа тестови и интервјуа.

Пазарните реформи спроведени пред 30 години во меѓувреме ја направија Кина втора најголема светска економија. Меѓутоа, стотици милиони Кинези и понатаму живеат во беда додека други се збогатија неверојатно многу. По повод деветтата деценија од основањето на КПК, државното пропагандно одделение објави високобуџетен патриотски филм за основањето на партијата со наслов „Почетокот на големите обнови“. Исто така, беа претставени нови официјални историски книги, како и голем број изложби, ТВ емисии и серии, и новинарски специјали.

Владата исто така ја отвори новата брза железница меѓу Пекинг и Шангај вредна 33 милијарди долари, додека првиот кинески носач на авиони ќе почне со морски операции деновиве.

„Историјата потврди дека само КП на Кина може да ја спаси Кина“, се вели во коментарот на државната агенција Ксинхуа кој беше објавен пред неколку дена.

Наспроти големиот економски подем, кинескиот политички систем и понатаму се доживува како претерано централистички под строгиот надзор на мала група партиски лидери кои под своја контрола ги држат медиумите и најголемата армија во светот. Аналитичарите сметаат дека недостатокот социјални и политички реформи предизвика проблеми како што се корупцијата, злоупотреба на власта, незаконско одземање на земјиштето, голем јаз меѓу богатите и сиромашните и огромно загадување, што се прашања кои ќе ја оптоваруваат партијата и во иднина.

Извор: e-novine

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото