Десетте писателски заповеди

01.07.2011 15:00
Августо Монтеросо - Автопортрет

Прва

Кога имаш што да кажеш, кажи го; кога немаш, исто така кажи. Но секогаш пишувај.

Втора

Никогаш не пишувај за своите современици, посебно не, како што многумина прават, за своите претци. Прави го тоа за своите наследници кај кои, несомнено, ќе бидеш славен, бидејќи знаеме дека потомците секогаш судат според заслугите.

Трета

Во ниту една околност не заборавај го славното непишано правило: „Во книжевноста не постои ништо напишано“.

Четврта

Она што можеш да го кажеш со сто зборови, кажи го со сто зборови; она што можеш со еден, кажи го со еден. Никогаш не барај средно решение; па така, никогаш не пишувај ништо со педесет зборови.

Петта

Иако не изгледа така, пишувањето е уметност; да бидеш писател значи да бидеш уметник, како уметник на трапез или како боксер во вистинската смисла на зборот, бидејќи писателот се бори со јазикот; за оваа борба вежбај деноноќно.

Шеста

Искористи го секој неповолен настан, како несоницата, затворот или сиромаштијата; првото го искусил Бодлер, второто Пелико, а третото сите твои пријатели пиатели; избегнувај да спиеш како Хомер, мирен живот како Бајрон или стенување богатство како Блој.

Седма

Не трчај по успех. Успехот заврши со Сервантес, така добар писател сè до Дон Кихот. Иако успехот секогаш е неизбежен, погрижи се одвреме-навреме за еден добар неуспех, за да ги растажиш пријателите.

Осма

Обликувај си умна публика, што се постигнува повеќе меѓу богатите и моќните. На тој начин нема да ти недостасуваат ни разбирање ни поттик, кои извираат од овие два единствени извора.

Деветта

Верувај во себе, ама не премногу; сомневај се во себе, ама не премногу. Кога ќе почувствуваш сомнеж, верувај; кога веруваш, сомневај се. Во ова лежи единствената вистинска мудрост која може да следи еден писател.

Десетта

Настојувај да ги кажеш нештата на начин на кој читателот во крајна црта секогаш ќе почувствува дека е интелигентен како тебе, или повеќе од тебе. Повремено погрижи се да биде така; но за да го постигнеш тоа, ќе мора да бидеш поинтелигентен од него.

Единаесетта

Не заборавај ги чувствата на читателот. Општо земено, тоа е најдоброто што го има; не како тебе, кому му недостасуваат, бидејќи да беше поинаку ти воопшто не би се впуштил во ваква работа.

Дванаесетта

Уште еднаш за читателот. Колку подобро пишуваш, толку повеќе читатели ќе имаш; меѓутоа, секојпат кога ќе им дадеш порафинирано дело, сè поголем број ќе копнеат по твоите дела; ако пишуваш за светите нешта никогаш нема да бидеш популарен и никој нема да се обиде да те потапка по рамото на улица, ниту со прст ќе покаже накај тебе во супермаркет.

Авторот му препорачува на писателот да отфрли две заповеди од горенаведените, и да ги задржи останатите десет.

 

Августо Монтеросо (1921-2003) е гватемалски писател кој добар дел од животот го поминал во Мексико, каде што и починал. Со меѓународна слава се здобива кога ја објавува книгата „Собрани дела (и други раскази)“ во 1959 г., во која е сместен еден од најкоментираните и најкратки раскази во светот „Диносаурус“. Со книгата „Црна овца (и други басни)“, издадена 1969, го потврдува својот светски успех. Творештвото на Монтеросо е признаено како едно од најпримерните, најчистите и најугодните дела во латиноамериканската книжевност. Тој им е верен на кратките и фрагментарни форми (раскази и афоризми), а е ценет од критиката низ целиот свет.

Други текстови на Окно поврзани со Монтеросо:

Црна овца

Најдобри куси-куси раскази на Окно во 2010

Десет многу куси раскази

ОкоБоли главаВицФото