Европскиот претседател

22.06.2009 16:28
European_union_flags.jpg

Само што ги завршивме изборите по кои претставниците на партиите сосема сериозно зборуваа за пораз и победа, иако гласаа помалку од една петина од гласачите; на изборите сосема е нејасно кој кого претставува; искрената радост на избраните значи дека во следните пет години материјално се совршено обезбедени. Најголемата држава на светот, барем по бројот на жителите, својот номинален претседател не го бира непосредно, туку го бира собранието, од кандидатска листа на која се наоѓа – едно име. Во друштвото на светските сили со кои раководат сериозни властодршци, како во Русија и во Иран, постојано сомнително избраните претседатели, како во Белорусија, Европејците се единствените чиј претседател е всушност неважен. Своите емоции, што се однесува до претседателите, ги исцрпеа на американските избори и го добија „својот“ претседател, Обама. И додека почетното воодушевување спласнува во политичката реалност и во неисполнетите европски сништа, европскиот парламент ќе го избере претседателот кој Европејците го заслужиле: безбоен бирократ, без страст и реторички занес, без вкус и мирис, без ниту една идеја-водителка која би била достојна за стариот континент и за неговата најголема вредност – културата. Во некоја смисла, тоа е претседателот кој Европејците го заслужуваат.

Да се обидеме да ја погледнеме баналноста на изборите и станувањето европски претседател од друга перспектива: на европската демократија не и’ е потребен лик на претседател, авторитарната верзија не им е блиска на Европејците. На тоа очигледно се спротивставуваат практиките на европските држави, на пример на Италија, во која се случува сериозен процес на озаконување на авторитарната положба на претседателот кој доживотно би сакал да биде на својата положба и не се колеба да го каже тоа. Но, повеќе или помалку неважната положба на европскиот претседател можеби би можела да укаже на концепт на демократија кој исто така е европски и понира до антиката: владеење на демосот, на народ без формален владетел. Премногу убаво за да биде вистинито? Атинската демократија навистина немаше предвидено место за водач, го немаше ниту римската република. Понекогаш функциите, кога водачот бил потребен – на пример во војна – биле поделени на двајца избрани поединци. Возбудливата историја на Рим во првиот век пред нашата ера покажува како амбициозните поединци се однесувале кон таквите правила. Еднаш, седејќи на влезот во атинскиот Акропол, слушав различни водичи на групи, особено школски, кои на своите слушатели, најчесто ученици, има ја објаснуваа атинската демократија пред влезот во светиот простор. За волја на вистината, акропол немаше некоја особена врска со атинската демократија, освен што таа тука се манифестирала на големите празници. Поголемиот дел го споменуваа Перикле како „водач“ на атинската демократија, што тој формално воопшто не бил. Генијалниот граѓанин на Атина кој успешно во собранието ја добивал поддршката на другите граѓани, на пример, за идејата јавните средства да се вложат во повторна изградба на храмовите и ѕидовите на Акропол, кој Персијците за време на упадот од 480 година пред нашата ера темелно го разурнале, кој за своите одлуки повеќепати одговарал пред суд, и кој со својата говорничка умешност успевал да го изрази мислењето на многу сограѓани – воопшто немал политичка власт, барем не поголема од кој било свој сограѓанин. Негов единствен авторитет бил неговиот глас. Ако случајно се обидел самиот себеси да се прогласи за „водач“ сигурно би бил изнесен пред суд со сериозно обвинување дека сака да воведе тиранија, власт на еден човек. Казната за тоа била смрт.

Како изгледала таквата демократија покажува анегдотата за Перикле: доколку не е вистинска, нејзиното измислување одлично го опишува духот на атинската демократија во поинакви, помрачни времиња. Наводно Перикле цел ден го следел сограѓанин кој го напаѓал, го навредувал и му се заканувал, а цело време Перикле сето тоа мирно го поднесувал. Вечерта упорниот противник го испратил до дома. Влегувајќи во куќата, Перикле го повикал робот со факел да го испрати натрапникот до неговата куќа: не смеел да си дозволи нешто да му се случи додека се враќал дома. Кога станува збор за средствата за повторната изградба на Акропол, и самиот Перикле и главниот изведувач, скулпторот Фејдиј биле обвинети за надминување на буџетот, кражба на златото со кое се прекривани скулптурите и други малверзации. По атинското демократско искуство Фејдиј наскоро побегнал во Олимпија, каде за спонзорската бирократија на игрите на раат создавал ново ремек-дело, храмот на Ѕевс. Треба да се знае дека атинските граѓани, кои сите одлучувале затоа што демократијата била непосредна, не претставничка, најмногу стравувале од една работа – граѓанската војна (stasis). Затоа аристократите постојано биле под сомнеж, а хомосексуалните врски меѓу нив се сметани за идеална политичка основа за завери против демократијата. Тоа што Сократ, заслужен атински офицер и познато демократско лице, кој станувал во театар за сите – и странците – да го препознаат кога комедиографот Аристофан го исмејувал, бил донесен пред суд заради вонинституционално воведување на нови богови – само е одраз на тој страв: Сократ бесконечно во мали групи разговарал со своите сограѓани за клучните проблеми на државата, како што се вистината, знаењето и разбирањето на светот. Всушност ги подготвувал за живот во демократијата: но, најглупавите меѓу нив не го разбирале тоа, а Сократ, ако може да му се верува на неговиот ученик Платон, воопшто не се трудел да ја докаже неточноста на кое било дел од обвинувањето.

Сите овие примери докажуваат дека на атинската демократија не и’ бил потребен претседател, дури ни во пар. Можеби овој „осигурувач“ на претставничката демократија, кој го познавала и римската република, би бил вистинско решение за Европа: наместо еден претседател, претседателски пар, кој мора да го негува дијалогот и разбирањето, кој ја дели одговорноста и настапува како да го надополнува првиот/вториот. Споредбата на умот, реториката и брзината би се случувале постојано, затоа претседателите-близнаци би морале да работат на постојано меѓусебно, пред сè стилско усогласување. Паровите би морале да бидат мешани, најмалку привилегираната комбинација би морала да биде машко-машко. Зошто да се спротивставува, на пример, Ангела Меркел која според многумина се избори за несмасната десничарска изборна кампања, и еколозите, кога нивниот претставник би можел да биде идеален претседателски пар? Денес многу левоориентирани Германци мислат дека проблемот со Меркел е во тоа што се наоѓа „во погрешна партија“: во добар пар би била уште поефикасна при решавањето на кризите. Кога би имал претседателски пар, Берлускони не би смеел да изведе ниту еден процент од своите вообичаени кавалерски скандали – а дури како добро би дејствувал републикански пар во градот во кој е и измислен! Замислете го Баросо во друштво на умна, малку иронична, шармантна брза жена – а такви има многу во ходниците и канцелариите на европските институции – колку попривлечна би изгледала европската политика! Или барем Даниел Кон-Бендит, да ја обои бирократската безбојност на кандидатите без противник... Сето ова утописко замислување на позабавна и поумна Европа паѓа врз конформизмот на европските пратеници, оние сегашните, кои не можат да смислат алтернатива за Баросо, и на овие новите, кои во поголем број ќе го прифатат истиот модел: уживај додека трае мандатот, дејствувај кловновски сериозно кога дома ја објаснуваш важноста на својата работа, чувај го семејството во европски јасли, немој случајно да се јавуваш кога се дискутира за ризични работи, фино спушти ја главата долу и помини мирни пет години. Но, да не заборавиме, таму се затоа што ние, конформистичкото малцинството на европските избирачи, сме ги избрале. Не ни заслужуваме подобар претседател.

Извор: pescanik.ne

ОкоБоли главаВицФото