Примери за филмска нетрпеливост

06.07.2011 12:35
Примери за филмска нетрпеливост

Во историјата на филмот забележани се антисемитските испади на познати филмски режисери, глумци или сценаристи. Последен таков пример беше оној со Ларс фон Трир на Канскиот филмски фестивал, по што тој беше избркан од истиот.

Волт Дизни

Волт Дизни беше еден од највлијателните творци во областа на забавата на 20-от век, автор на најпопуларните ликови во цртаниот филм. Има освоено 22 Оскари, седум Еми награди, и освои награди и номинации повеќе кој и да е друг поединец. Меѓутоа, Дизни имаше незгоден прекар Холивудскиот принц на темнината. Неговиот биограф Марк Елиот понуди бројни докази за неговиот антисемитизам, вклучувајќи и исфрлени сцени од неговиот филм за трите прасиња од 1933 г. Според едно објаснување, Дизни бил роден од Еврејка во Андалузија која го дала на посвојување, па така тој стигнал и до Америка. И токму поради своето несреќно потекло тој ја насочил омразата кон Евреите. Дизни бил и нескриен антикомунист, доушник кој во ФБИ ги поткажувал левичарски настроените уметници. Бил и расист и поборник за нееднаквоста меѓу половите. Цртачите во неговата компанија морале да бидат мажи, а жените можеле да се занимаваат само со боење на сликите и обично добивале отказ кога ќе наполнеле 30 години.

Марлон Брандо

Несомнено еден од најголемите глумци. Но Брандо има контроверзна биографија кога станува збор за неговиот полички ангажман. Им пружил поддршка на Евреите настапувајќи во проционистичката драма „Знамето е родено“. Во август 1963 г. тој му се придружил на Маршот кон Вашингтон заедно со пријателите и филмски ѕвезди Хари Белафонте, Берт Ланкастер, Сидни Поатје и Чарлтон Хестон, поддржувајќи го афроамериканското движење за граѓански права. Но потоа во јануарското издание на „Плејбој“ од 1979 г. Брандо изјавил дека Евреите управуваат со Холивуд: „Секоја раса сте ја виделе како оцрнета, но никогаш не сте виделе искомпромитиран Евреин бидејќи тие не дозволуваат тоа да се прикаже на филм“. Слична изјава има дадено и во емисијата Шоуто на Лари Кинг во април 1996, изјавувајќи: „Холивуд го водат Евреи; тој е во сопственост на Евреи, а тие би требало да бидат чувствителни кон проблемите на другите кои страдаат. Бидејќи тие се експлоатирани – видовме црнци и жабари, Кинези, опасни косооки Јапонци, подмолни Филипинци, видовме сè, ама никогаш Евреи. Затоа што знаеја дека тука се подвлекува линијата“. Кинг го прашува: „Зборувате како антисемитист кој вели дека Евреите...“, по што Брандо го прекинува: „Не, не, јас ќе бидам првиот кој искрено ќе ги пофали Евреите и ќе каже ’Фала богу’ на Евреите“.

Оливер Стоун

Овој американски режисер одамна е непожелен во САД поради своите левичарски ставови и отворената поддршка на кубанскиот социјализам и Фидел Кастро. Покрај тоа, критикуван е и поради изјавата дека „Евреите доминираат во медиумите“. Тоа го прецизираше во британски Сандеј Тајмс одговарајќи ан прашањето зошто толку простор му посветил на холокаустот во својата нова документарна серија за историјата на Америка: „Поради еврејската доминација над медиумите која оневозможува објективна расправа за холокаустот. Тие се на врвот на секоја приказна, тие се најмоќното лоби во Вашингтон“. Поради оваа изјава Стоун јавно се извини.

Мел Гибсон

Глумецот и режисер Гибсон е честа мета на критиките поради своите навреди на сметка на Евреите. Неговата поранешна пријателка Оксана Григорова сведочи за неговата омраза, цитирајќи негова изјава од 2006 г. во која вели: „Ја сакам еврејската крв на своите раце“. Во една прилика, кога полицаец го запрел и го привел во полициска станица, Гибсон му се обратил: „Дали си Евреин? Ебените Евреи се виновни за сите војни во светов“. За неговите антисемитски чувства се ширеа гласини и додека го подготвуваше филмот „Страдањето на Исус“, во кој е истакната идејата дека за страдањето на Исус се виновни Евреите. Биографите на Гибсон тврдат дека неговите контроверзни десничарски ставови се исход од влијанието на татко му Џон кој во САД е еден од водечките заговорници на т.н. католички традиционализам.

Чарли Шин

Овој глумец, во намера да го навреди авторот на серијата „Два и пол мажи“ Чак Лори, изјави дека неговото староеврејско име е Каим, а презимето Левин. Своите антисемитски испади Шин ги оправдува со злоупотребата на алкохолот.

Жан Лик Годар

Славниот француски режисер беше многу оспоруван во одредени медиуми кога доби Оскар за животно дело, а во кои се пишуваше за неговите антисемитски испади. Jewish daily forward пишуваше дека Годар уште во 1960 г. го нарекувал режисерот Пјер Борнбеж „Валкан Евреин“, додека Jewish journal и New York Times ја пренесоа неговата изјава по повод масакрот врз израелските спортисти на Олимпијадата во Минхен 1972 г. дека „треба да се емитува слика од палестинските логори пред секое финале“. Годар е познат по изјавите дека Израел претставува „рак рана на мапата на Блискиот исток“, но и како заговорник на „историската претпоставка“ чија суштина се сведува на тоа дека „холокаустот е самоубиство на Евреите кое им донело симпатии и овозможи создавање на државата Израел“.

Извор: НИН

ОкоБоли главаВицФото