Градот и фотографијата - Филип-Лорка диКорчиа

06.07.2011 15:19
Градот и фотографијата - Филип-Лорка диКорчиа

Филип-Лорка диКорчиа е пример на современ фотограф кој се занимава со градот како тема и мотив, но кој внесува нешто ново во пристапот и начинот на фотографирање на градот. Тој го развлекува поимот на улична фотографија и му дава ново значење.

Филип-Лорка диКорчиа е Американец, претставник на новата генерација на универзитетски образувани фотографи, кој со својата веќе три децениска кариера, завзема место на една од најзначајните и највлијателни фигури во светот на современата фотографска уметност. Роден е 1956 во Хартфорд, додипломски студии завршува на познатата Академија на Бостонскиот музеј на уметности, магистрира на одделот за фотографија на Јеил Универзитетот, а првата самостојна изложба ја поставува во 1985 год.

Работи во детално конципирани и осмислени фотографски серии, посветувајќи многу време во планирањето на изработката на секоја фотографија поединечно.

Серијата насловена „Streetworks” (Улични дела), диКорчиа ја започнал во 1993 фотографирајќи на улиците во Њујорк, за подоцна да ја прошири со фотографии направени во повеќе светски метрополи како Лондон, Токио, Берлин, Калкута и Рим. За оваа серија тој фотографира случајни минувачи на улиците истражувајќи го, како што тој самиот вели, начинот на кој луѓето се проектираат или повлекуваат себеси во јавност, на улица. На фотографиите се застапени секојдневни сцени кои на прв поглед може да делуваат многу вообичаено, па дури и банално. ДиКорчиа ги нарекува овие моменти „не-настан”, тоа се моменти во кои е евидентен недостатокот на посебна меѓучовечка активност – средба, поздрав, препознавање, набљудување, заведување.

Замрзнатите сцени во овој проект на диКорчиа ја доловуваат раздвижената активност на големите градови, но делуваат како филмски сцени во кои главниот лик е одсутен, потенцирајќи го недостатокот на идентитет во големите градови каде човекот го губи значењето како индивидуа со цел да стане дел од поголемиот урбан пејзаж.

Овие сцени диКорчиа ги осветлува со дополнително светло кое го крие за да биде неприметно, активирајќи го само кога ја снима посакуваната фотографија. Користењето на вакво осветлувања им дава посебен филмски и надреален квалитет на фотографиите. Комбинирајќи документарна фотографија со елементи на студиската, диКорчиа создава посебен свет од градското секојдневие во кое се мешаат реалноста и фантазијата, документарното и фикцијата.

Иако честопати останува анонимен, градскиот амбиент е од посебно значење за овие фотографии, потенцирајќи го тоа со насловот на фотографиите составен од името на градот каде е направена фотографијата.

-----------------------------------

Со серијата насловена “Heads” (Глави) од 2000 година, диКорчиа уште повеќе ги редефинира параметрите на жанрот улична фотографија користејќи стратегија спротивна на традиционалниот пристап кон уличната фотографија. Овој пат тој поставува силен систем на рефлектори на скеле над улиците на Њујоршкиот Тајмс Сквер, кој се активира од несвесни минувачи кои диКорчиа ги фотографира од дистанца со телеобјектив. Резултатот се состои од портрети на минувачи, најчесто од рамењата нагоре, изолирани од позадината – улична фотографија без улицата – нагласувајќи ја инаку безначајната експресија на лицето со посебно чувство на интимност.


Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото