Луѓе без лица

07.07.2011 14:23
Луѓе без лица

Со филмот „Кожата во која живеам“ режисерот Педро Алмодовар по четврти пат се обиде да ја освои Златната палма на Канскиот филмски фестивал, но таа уште еднаш му се слизна низ рацете.

Меѓутоа, филмот наиде на добар прием кај критичарите и новинарите на фестивалот. Алмодовар повторно на сцена го изнесе Антонио Бандерас, еден од своите фетиш глумци од периодот Мовида, кога се наоѓаше меѓу предводниците на културната ренесанса во постфранковска Шпанија. Дваесет и две години откако глумеше во филмот „Врзи ме“, Бандерас им се врати на шпанските корени и на режисерот покрај кој се изгради како глумец.

По периодот кој го одбележаа мелодрами, Алмодовар се сврте кон нов жанр во својата филмографија – трилери. Бандерас го игра докторот Роберт, естетски хирург кој по смртта на сопругата и ќерката опсесивно се посветува кон создавање нов вид кожа, потврда и поотпорна на надворешните влијанија. Експериментот го спроведува на Вера (која ја глуми младата Алена Анаја) која ја држи како заробеничка на својот имот и чија судбина е целосно во неговите раце.

Како во своите први филмови, во кои инспирацијата за ликовите од општествените маргини ги бараше по детективските романи и фељтони, поттик за сценариото за овој филм нашол во крими-романот на францускиот писател Тиери Жоке Тарантула – слободно толкувајќи ја главната тема за таткото кој се одмаздува за смртта на ќерка си.

Вера, всушност, е Винсенте. Не само што докторот Роберт ѝ ја менува кожата, туку ѝ го менува и полот како конечен степен на одмаздата за обидот за силување кој во смрт ја одвел ќерката на докторот. Вера се наоѓа на работ од смртта – дали на операционата маса или сакајќи самата да си ги скрати маките – но после многу понижувања решава да живее во новата кожа и да чека – за да преживее.

Алмодовар го интересира оваа екстремна ситуација, ова преживување во невозможни услови, во која се занимава со проблемите на идентитетот, насилството и сексуалноста. Го интересира светот подложен на мутации кои излегуваат од рамките на јудео-христијанскиот морал од кои овој поранешен панк музичар сака да се оттргне за цел живот.

Во каква кожа живеете?

Сè уште имам млада кожа за моите години. Тоа е кожата на која се навикнував постепено, не без проблеми. Имаше мигови во мојот живот кога не се препознавав, дури ни по името. Кога на училиште ќе ме повикаа: „Педро!“, не се вртев. На психолозите им требаше одредено време да утврдат зошто. Тоа не значи дека денес се чувствувам удобно во својата кожа, но се прилагодив. Тоа е кожа која веќе е тврда, со лузни кои горе-долу зараснале. Но имаше и добри моменти во мојата младост.

Овој филм жанровски се разликува од претходните што ги снимавте, иако го носи препознатливиот авторски печат. Што ве мотивира да истражувате и понатаму?

Во секој филм се трудам да направам нешто поразлично од претходниот. Филмот „Прекинати прегратки“ многу се разликува од филмот „Враќање“, а овој, пак, многу се разликува од претходниот. Но, иако се обидуваме да бидеме поинакви, тоа сè уште сме ние. Затоа моите филмови се како ланец. Во изодениот пат постои логична поврзаност.

Сепак, и овде имаме мешање жанрови...

Јас сум пример за мешање на жанровите. Никогаш нема да се придржувам само до еден. Како и во секојдневниот живот, во текот на денот често ги менуваме расположенијата. Но овој филм, пред сè, е трилер, крими приказна со елементи на научна фантастика.

Како изгледа вашиот процес на создавање?

Во процесот на создавање има многу потсвесно, и дури сега кога зборувам за тоа станувам свесен за различните значења. Нешто од тоа не би сакал да откривам. На сценариото за овој филм работев десет години, што не значи дека само тоа го правев. Во меѓувреме снимив пет филма и секојпат кога ќе го завршев филмот се навраќав на ова сценарио, ама никогаш не бев целосно задоволен, па повеќе не сакав да чекам. Ова е филм кој многу сакав да го снимам, добро се забавував додека го снимав и горд сум на него.

Сценариото е инспирирано од крими роман...

Приказната е толку екстремна, толку ужасна што не сакав филмот да биде поинаков. Посериозен од од моите рани филмови, кои повеќе се барокни. Затоа си дадов задача да бидам најстрог досега. Сакав да направам филм со силни слики, интерпретацијата и режијата се построги, а играта на глумците е посведена. Не сакав многу крв, па во филмот речиси и да ја нема, односно, ја има во најмала можна количина. Исход на тоа е поинтензивен филм. Денес е лесно да снимиш филм со многу крв и насилство. Со дигиталната технологија сè е можно, па така можев и да направам преобразба на ликот, наместо да користам двајца глумци. Но сакав режијата да биде класична.

Пример за тоа ви беше Франкенштајн?

Да, но и Фриц Ланг. На почетокот размислував да направам филм во негов стил, црно-бел, нем. Ликовите ми асоцираа на Буњуел и Хичкок, а помислував и на „Очи без лице“ од Жорж Франжи. Најпосле решив да не останам во сенката на големите мајстори на овој жанр и да ја следам сопствената интуиција, како што отсекогаш и сум правел. Така го снимив овој трилер кој не може лесно жанровски да се одреди.

Публиката се смееше на одредени сцени. Дали намерно сакавте да постигнете комичен ефект?

Се изненадив кога слушнав дека луѓето се смееле, бидејќи тоа не ми беше замислата.

Како изгледаше работата со Бандерас дваесет години по вашиот последен заеднички филм?

Тој е многу згоден за своите 50 години, и дојде во многу добра телесна форма. Важно е негативните ликови во филмот секогаш да изгледаат добро. Начинот на кој го прикажав заплашува, во одело, со коса залижена наназад. Последен пат работевме пред дваесет години, ама се чувствувавме како да сме го завршиле „Врзи ме“ пред десет дена. Симпатичен е, барокен, може сè да направи.

И понатаму се трудите да бидете радикални?

Секогаш сум ги прашувал сценаристите за своите филмови и секогаш во тоа се внесував целиот, и не размислував за новинарите, за публиката, за тоа дали е модерно или не. Тоа ми овозможи да бидам слободен и независен. За мене смислата на радикалноста е во независноста. Луксуз е да се биде независен и да го правите тоа што сакате.

Извор: НИН