Се затвораат сите медиуми

08.07.2011 10:12
Се затвораат сите медиуми

Скопје, Македонија – Клуч на вратата на сите медиуми во Македонија. Ваква одлука донесе владата на вчерашната вонредна седница. Прашањето за медиумите беше единствената точка на дневниот ред. Како што објаснија од владината прес-служба, со оглед на тоа што ситуацијата со медиумите во земјава целосно излегла од контрола, проблемот морал да се реши на ваква вонредна седница.

Седницата траела цели тринаесет часа во кои целосно се опсервирала работата на сите медиуми, како и позитивните и негативните страни од нивното постоење.

На крајот, едногласно, сите членови на владата се согласиле дека медиумите не нудат ништо позитивно за развојот на земјата, па најдобро би било да се затворат.

- Кое фајде од медиумите, што ако постојат, секој пишува и зборува што сака, тоа е штетно, бре, луѓе! – предупреди премиерот Груевски образложувајќи ја најновата одлука, која треба што побрзо да се најде и во собраниска процедура.

Како што кажа тој на средбата со новинарите кои наскоро ќе останат без медиуми, оваа одлука била за доброто на сите.

- Цело време само прашувате, истражувате, измислувате, лажете, манипулирате, па ајде пробајте вие ставете се на мојата позиција и поминете 24 часа следејќи ги медиумите. Нема да издржите ни 4, а камоли 24/7. Посебно оној Јофе да знаете како само ме нервира, ауууу, што си замислува тој, бе, кој му дал право да ги лови моите грешки и лапсузи, или пак по сто пати да го потенцира тоа што си играм на телефонот кога сум на настани, што си сакам ќе си правам со мој телефон! Не ми е лесно бре луѓе, дај веќе еднаш сфатете ме. И не сакам да преземам вакви чекори ама кога се мора, се мора. Уште еднаш ќе повторам – ова е за доброто на сите. Ова е за доброто на нашата татковина и кој ќе каже поинаку или ќе го оспори овој потег, тој не си ја сака татковината и не и мисли добро! Еве, да го земеме античкото време за пример. Во времето на Александар телевизии да не имало случајно? И што им фалело на луѓето тогаш? – запраша Груевски и потенцираше дека сепак очекува сите предавници веднаш да се побунат на чинот на затворање на медиумите. Како што објасни, тоа ќе биде најдобар показател кој е патриот, а кој предавник.

Запрашан за тоа како луѓето ќе се информираат доколку се затворат сите медиу-ми, Груевски увери дека веќе имало разработен план кој ќе го решел овој проб-лем.

- А бе, што се секирате, само да се затворат сите медиуми, па потоа ќе видите како сè ќе си функционира, уште поубаво од сега. Ќе оставев да биде изненадување ама бидејќи сте ми мили, ќе ви откријам дел од планот. Според првично зацртаната стратегија, веднаш по затворањето на медиумите, владата ќе откупи илјадници билборди и видеобимови, или пак ќе постави свои. Овој дел сè уште го разработуваме и одлучуваме што е попаметно, но сигурно е дека владини билборди и бимови ќе има во секоја населба низ земјава. На тие билборди и видеобимови секојдневно ќе се поставуваат соопштенија и корисни информации. Ама само корисни информации, а не глупости какви што објавуваат медиумите. Ние не сакаме да ги замараме граѓаните со сè и сешто, туку само со она што е значајно за нивниот живот – рече премиерот Груевски.

Како што откри тој, моментално се размислува и за решение за интернетот. Една од опциите била негово целосно укинување, но поверојатно е дека наместо ова, ќе се оди на опција на филтрирање со тоа што би останале само малку достапни веб-страници, меѓу кои, се разбира, би била таа на владата, која би ги содржела сите корисни информации за граѓаните.

И иако е зачудувачко, веднаш по објавувањето на информацијата, со позитивни мислења за одлуката се огласија добар дел од новинарите блиски до власта. Тие, иако ќе останат без работа и без медиуми, сметаат дека ова било многу добар потег, односно реформа која ќе придонела во понатамошниот развој на земјата. Како што велат тие – чудно е како досега на никого не му текнала ваква фантастична идеја.

Извор: plusinfo.mk