Сатиричен речник

08.07.2011 12:51
Сатиричен речник

Извадок од „Сатиричниот речник“

А
 
Автор - Одек на прастарите умови.
 
Азбука - Знаење што ја сочинува сета
наука на оние кои имаат високо
мислење за себе.
 
Амбар - Најтесната соба на богатите,
најпросторна кај сиромашните.
 
Амор - Шеговито момче за младите
девојки и за побожните старици.
 
Аритметика - Уметност на богатиот да
го брои своето, а на сиромашниот
туѓото.
 
Архива - Споменик на судските поткупи.
Ах! - Извик, го користат лошите поети и
оладените љубовници.
 
Б
 
Бал - Собир, на кој младите си ја
покажуваат фигурата, а старите ја
кријат.
 
Богатство - Силно сведоштво за
способност за сè.
 
Бесмртност на херои - Достоинство,
купено со смртта на многу луѓе.
 
Благослов за брак - Истото, што и
вреќа: без пари ништо не значи.
 
Брак - Тажен помен на љубовта.
 
Брачно неверство - Јавна распродажба
на совеста.
 
В
 
Веселост - Најчесто означува промена
на една здодевност во друга.
 
Вистина - Застарена пара, со која
секогаш остануваш во загуба.
 
Војна - Умешност што го објаснува
начинот, како е попожелно да се
убиеш себеси.
 
Воспитување - Блескав лак, заради
кого и лошата слика паѓа в очи.
 
Г
 
Гласина - Усна пошта, што никогаш не
доцни.
 
Глупост - Заедничка особина на
многу луѓе, со неа може да се биде
долговечен.
 
Гордост - Огромен излог на ситната
душа.
 
Гостин - Најнеподнослива личност за
скржавиот.
 
Гроб - Место, во кое добрите лекари
ги сокриваат плодовите на својата
умешност.
 
 
Д
 
Дава - Глагол без широка употреба. Се
употребува само на места каде што
не постои надеж да се земе нешто
повеќе.
 
Дволичен човек - Лажен весник на
сокриените чувства.
 
Детство - Човекова возраст, во која тој
си игра со кукли. Оваа возраст трае
целиот живот, се менуваат куклите.
 
Е
 
Егоизам - Во моралот истото, што и
лостот во механиката.
 
Еол - Бог на ветрот. Му се поклонуваат
младите ветропири.
 
Епитаф - Знак на гордоста меѓу оние,
кои останаа.
 
Етер - Бесконечна висина, во која
обично летаат сите поети.
 
Ж
 
Желба - Истото, што и вечност -
бесконечна!
 
Жена - Мило суштество настанато од
реброто на сопругот, кое честопати му
ги пребројува и останатите ребра на
споменатиот.
 
Женидба - Ако е од интерес - последен
извор на пари, ако е од љубов -
последна страст.
 
Живот - Ако е богат, тогаш е полн со
грижи, ако е сиромашен, тогаш е
здодевен.
 
З
 
Завист - Грижа за благосостојбата на
другиот.
 
Задоволство - Чувство, далечно од нас
како должник од зајмодавец.
 
Зајмодавец - Вид на чесен човек, кој нé
учи на внимателност.
 
Затвор - Најсигурен и најевтин стан.
 
Злосторник - Бич на божественото
правосудство.
 
Знаење - Постојат три вида на знаење:
1. сè знам т.е. надмен глупчо, 2. не
знам т.е. обичен глупчо, 3. ништо
не знам т.е. разумен човек.
 
Зора - Весник на нова радост
за среќните и на нова тага за
несреќните.
 
И
 
Имитација - Денес, исто што и свое
дело.
 
Инает - Излог на будалите.
 
Интерес - Мера за човековата дејност.
 
Искра - Ако е поетска, распалувај: ако е
љубовна, гаси што побргу.
 
Искреност - Стара навика на нашите
предци.
 
Искушение - Силна грижа за состојбата
на туѓите гревови.
 
Историја - Архива на суетата.
 
 
К
 
Клевета - Отровно растение, што расте и
венее под розите.
 
Клетва - Одличен начин лагата да се
претвори во вистина.
 
Ковчег - Крај на сите надежи.
 
Комплимент - Здодевна тирада без
никакво значење.
 
Корист - Идол, му се жртуваат сите
богатства.
 
Критика - Кај лошите писатели се раѓа
како завист кон добрите.
 
Л
 
Лажна убавина - Истото, што и лажна
пара, секогаш остануваш во загуба.
 
Лек - Форма во медицината, по
смртта на болниот се вели дека тој
методички се лекувал.
 
Ловоров венец - Ливчиња, за ништо не
ги бидува освен за супа.
 
Љ
 
Љубомора - Треска на Амор.
 
М
 
Маж - Собен украс, ги затскрива сите
домашни недостатоци.
 
Маска - Неопходен дел од гардеробата,
кој ретко се симнува.
 
Мечта - Призрак на минатите времиња,
мисловно задоволство на сегашните
неволји.
 
Милостина - Испит на нашата
чувствителност.
 
Мираз - Сразмер за достоинствата на
невестата.
 
Младоженец - Смешна жртва, на
почетокот се радува за подоцна да
плаче.
 
Мода - Идол обожуван од будалите,
за тие да се прогласат за паметни, и
од паметните, да не ги бие глас на
будали.
 
Молчење - Најчеста маска на
непристојноста.
 
Морал - Дел од филозофијата, за кој
најмногу се зборува и кој најмалку се
извршува.
 
Мустаќи - Украс на херојскиот лик, кај
кого најчесто сето херојство е во нив.
 
Н
 
Надворешен изглед - Завеса, зад која
може да се прави сé што се сака, само
да не се заборави на спуштањето.
 
Наслов - Реклама на книга, многу
ветува, малку чини.
 
Неукост - Неограничена сиромаштија,
што ниту под златото не може да се
сокрие.
 
Новост - Дете на брбливците, со нивна
помош таа се раѓа, расте и умира.

(продолжува...)

Јаков Борисович Књажнин е недоволно познат руски прозаист од XVIII век. Во расцутот на руската класична литература Књажнин беше предвесник на романтизмот и сентиментализмот со својата трагедија „Вадим Новгородски“, заснована врз стар руски летопис. Преводот на „Сатиричен речник“ е извршен според изборот “Руска сатирична проза на XVIII век” во издание на Ленинградскиот универзитет, 1986 година. Ова е прв превод на рускиот сатиричар на македонски јазик.

Превод од руски јазик: Павел Попов

Цртежи: Макс Ернст

За вториот дел кликнете овде.

Други речници на Окно:

Речник на прифатени идеи

Речник на прифатени идеи 2

Речник на дваесеттиот век

Речник на ЛГБТ популацијата

Интимен речник на Клод Леви-Строс

Еврожаргон

Типов е ѕверка, иако не е

Типов е ѕверка, иако не е толкав фраер како Бирс. Би било фино да ги ставите како комшии во МАГМА, да видиме кој е појак :)

ОкоБоли главаВицФото