Европа и крајната десница

23.06.2009 10:41
fascism-799165___.jpg

Мајкл Барли, автор на книгата Третиот рајх: нова историја

Подемот на екстремната десница повикува на внимателност, ама нема причини за паника. Иако пишувам за Daily Mail, не сум склон кон хистерија. Не ги сакам глупавите историски аналогии - ова не е реприза на трисеттите години. Историјата не се повторува на тој начин. Живееме во поинаков свет во кој десните партии поинаку се организираат. Хитлер не користел Twitter.

Околностите во Европа денес многу се разликуваат од оние кои доминирале за време на триесеттите. Немавме толку катастрофална војна, ниту повредени чувства потоа. Исто така треба да бидеме внимателни кога тврдиме дека економската рецесија нужно води кон подем на екстремната десница. Фашистите во Италија дојдоа на власт многу пред депресијата. Нема директна врска помеѓу овие две појави. Во Германија мнозинството невработени гласаа за комунистите.

Прерано е да се прогнозира дали десничарските партии кои добро поминаа на изборите во Европа ќе остават некаква историска трага и дали ќе претставуваат закана за умерената политика во цела Европа. Иако претпоставувам дека меѓусебно се подобро поврзани од левичарските партии, меѓу нив постојат битни разлики. Исто така мораме да знаеме дека десничарските партии знаат да еволуираат. Чудно е што се препознава еволуцијата на комунистичките партии во еврокомунистички, додека десничарските се доживуваат како таинствено статични и вкоренети во триесеттите години. Погледнете ја само БНП (Британска национална партија) и ќе видите како се обидуваат да се прилагодат кон новите околности, нагласувајќи го своето непријателство кон ЕУ и премолчувајќи ги другите аспекти на својата политика.

Левицата профитира од играњето на картата страв од фашизмот. Од овој страв таа црпи нови сили. Подобар пристап би било сериозното сфаќање на БНП. Не ги претворајте во жртви со тоа што им го забранувате пристапот до медиумите. Прашајте ги за другите аспекти на нивната политика: како би нè извлекле од рецесијата, кои се нивните предлози за надворешната политика. Придвижете напади на брендот БНП и не дозволувајте им да ги присвојуваат британските симболи - како оној со спитфаер авионот кој го искористија во оваа изборна кампања.

Не треба да паничиме поради овие резултати. Вистината е дека партиите од десниот центар добро поминаа во цела Европа. Но онаму каде што претходните години дојдоа на власт, се покажаа како жалосно неспособни и безживотни, и не го повторија успехот. Симпатизерите на БНП се главно разочараните лабуристички гласачи кои гласаат поради револт кон политичката елита - бидејќи таа елита им пружи многу причини за незадоволство. Јас би се грижел само доколку ова се претвори во тренд. Вистинската опасност може да се покаже за балтичките земји и источна Европа. Тамошните земји се погодени од сериозни економски потреси, немаат многу демократски искуства и политичката сцена е нестабилна. Разни политички партии можат да се појават од никаде и да ја освојат власта.

***

Ерик Хобсбаум, автор на книгата Доба на крајности: Краткиот ХХ век (1914-1991) и многу други.

Заканата од екстремната десница не е најважната карактеристика на овие избори, иако подемот на десницата е очигледен и владите од десниот центар веројатно ќе направат многу отстапки кон екстремната десница. Централниот проблем е кризата на левицата.

Тоа веќе го видовме во триесеттите години на минтиот век, кога поради Големата економска криза десницата се засили, а левицата беше уништена - лабуристите во 1931 година паднаа на 50 пратеници. Левицата тогаш се поврати, но не сум сигурен дека и сега ќе се случи тоа. Социјалдемократските партии се во криза ширум Европа. Таа криза и не е толку драматична како онаа низ која поминаа комунистите пред неколку децении, но сепак е видлива. Европската левица се потпираше на работничката класа која веќе не постои во класичен облик, и за да се врати на сцената, ќе мора да најде нова целна група. Тоа можеби ќе биде тешко.

Левицата секаде е во криза: лабуристите во Британија, социјалистите во Франција, демократите во Италија. Шпанските социјалисти, кои претставуваат еден од ретките примери на левичарска партија чија популарност пораснала, сега исто така паѓаат. СДП во Германија не постигна толку лош резултат како што се очекуваше, но изгубија околу 20% од поддршката, а тие гласови не се надоместени со гласовите за Партијата на новата левица. Сведоци сме на деморализацијата на француската левица и извесниот степен на распаѓањето на левицата во Германија. На социјалдемократите им е потребна нова визија, како и нова целна група.

***

Кетлин Берк, професорка по историја на Јуниверсити колеџот во Лондон

Ако се присетиме на црните кошули на Мозли, не треба премногу да се грижиме поради успехот на БНП. Дури и на врвот на својата популарност, целокупното членство на Британската унија на фашисти едвај беше во состојба да организира марш. Жалосно е што БНП освои некои мандати, но мислам дека тоа нема да се прошири низ целата држава. БНП лошо помина во источен Лондон, на пример, каде сигурно се надевале на подобар резултат, посебно во време на економска рецесија.

Не можам ни да си замислам до каква катаклизма треба да дојде за една партија од екстремната десница не само да зајакне, туку и да дојде на власт во Британија. Ова е многу стара земја со стари вредности, и екстремно десничарска партија нема да привлече многу луѓе. Ова беше гласање поради протест, што често се случува на делумните избори, но тоа нема да се повтори на општите избори, на кои се бира вистинската власт.

***

Џоана Борк, професорка по историја на Birkberk колеџот во Лондон

Не треба да паничиме, ама ни да се помириме со оваа состојба. Нивото на расна омраза, антисемитизам и сите оние нешта кои се погонско гориво за екстремната десница драстично е помало од некогашното, како и од она кое владее во остатокот од Европа и САД. Екстремната десница е многу повлијателна во САД отколку во Британија, и тоа посебно важи за верската десница.

Во овој случај сум многу пооптимистична во поглед на британските институции и начинот на кој тие во минатото се избориле со овој вид на омраза. Во случајот со Мозли за време на триесеттите беше значајно тоа што нашите институции не пружија легимитет на барањата на екстремната десница. Не направија ни светци ни жртвени јагниња од нив; реагираа со силата на законот во прилично разумни рамки. Ако ги тепате и применивате драстични мерки, тие ќе зајакнуваат и ќе наоѓаат оправдување за насилството.

Во Италија фашистите кои државата ги прогонувале се доживувани како жртви и така обезбедија народна поддршка. Во Велика Британија тие се доживувани како неранимајковци и беа маргинализирани. Новата партија на Мозли, која се обиде да делува во демократски систем, привлече големо членство, но штом тој отворено се изјасни како фашист, а неговата партија стана изразено антисемитска и антиимиграциска, таа поддршка се стопи. Не ги репресирајте БНП. маргинализирајте ги и изложете ги на подбив. Потсмевот е потценето оружје.

***

Норман Дејвис, предавач на Volfson колеџот во Оксфорд, и член на Британската академија.

Секое споредување со Германија од дваесеттите е претерување. Фашизмот изникна од убедливиот воен пораз во кој загинаа милиони Германци, како и моралното понижување предизвикано со Версајскиот договор, според кој Германија ја сносеше цела одговорност за Првата Светска војна. Тоа е исто како и тврдењето дека германските семејства - кои постапика исто како Британците и Американците, значи, ги пратија своите синови во војна - ги убиле сопствените деца, па тоа послужи како катализатор за антиеврејските теории за завера и појавата на екстремните десничарски националистички движења. Самата економска криза не можела да доведе до развој на фашизмот.

Тоа не значи дека треба да бидеме рамнодушни кон подемот на БНП. Додека УКИП (United Kingdom Independence Party, конзервативна и евроскептична британска партија која се изјаснува како либертаријанска) тврди дека ЕУ е новиот Трет рајх, БНП е многу англоцентрична партија; тие се воспоставување на некаков фантомски Албион каде би доминирале белите државјани. Всушност, таа партија е погрешно наречена, бидејќи во основа таа е Англиска национална партија, и ако предвид го имаме поразот на лабуристите и убедливата победа на СНП во Шкотска, можно е да се замисли распадот на Обединетото Кралство.

БНП исто така има повеќе природни сојузници меѓу екстремнодесничарските партии во Европа. Меѓутоа, едно нешто треба да се има на ум, а тоа е дека екстремнодесничарските партии секогаш ќе се скараат, па така формирањето масовно европско движење не е многу веројатно.

***

Дејвид Стивенсон, професор по меѓународна историја на Лондонскиот економски факултет и автор на книгата Пингвинова историја на Првата Светска војна.

Изборот на два пратеника од БНП е тажен факт. Но, на некој начин, изненадува што популарноста на БНп не е уште поголема. Рецесијата, приливот на имигранти и фактот дека главните партии се подеднакво посрамотени во скандалот со наплатата на трошоците - сето тоа би требало да им оди во корист.

Јас не би правел споредби со подемот на фашистите во триесеттите, туку со успехот на Жан-Мари Ле Пен во Франција во осумдесеттите. По падот на комунистите победи неговиот Национален фронт. Така, сега во Британија еден дел од гласачите кои обично гласаа за лабуристите преминаа кај БНП. Кога Ник Грифин зборува за тоа како земјата е полна со странци и како иигрантите им ја одземаат работата на Британците, тоа има одзив.

БНП по стилот и структурата се разликува од фашистите од триесеттите. Униформираните фашисти се организирале во паравоени групи, марширале и се впуштале во улични тепачки. партиите од екстремната десница и понатаму имаат свои силеџии, но сега се помалку, иако постои опасност дека нивниот број може да се зголеми.

Многу повеќе загрижува она што ќе се случи во останатите делови на Европа. Екстремната десница лошо помина во Франција и Германија, но загрижува состојбата во Унгарија и балтичките земји. Тука е и Италија. Берлускони ја зацврсти својата поддршка и претставува закана за граѓанските слободи. Тој ги контролира медиумите, и левицата во споредба со него е немоќна и слаба. Тој не е десничар во хитлеровска смисла, но претставува опасност за демократијата. Италија се претвори во западноевропски еквивалент на „наведувана демократија“ што ја имаме во Русија.

Извор: The Guardian

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото