Грчката сувереност

11.07.2011 11:07
Грчката сувереност

Откако го имаме масовниот туризам, Грција е омилена тема за летните разговори. Претходно за северњаците грчкото сонце беше пресилно. Така славниот германски историчар и митолог Карл Отфрид Милер, недалеку од Атина, меѓу вжештените урнатини кои ги истражувал меѓу првите луѓе, го оставил и својот прилично млад живот. Тоа било далечната 1840. Има малку иронија во тоа дека посебно го привлекувал грчкиот бог на сонцето.

Денес северњачките маси поднесуваат сè, а грчките маси настојуваат да постават граници на она што е сè уште прифатливо. Можеби најлошото е тоа што масите во северните делови на Европа – да речеме, од јужната словенечка граница нагоре – се подготвени мирно да ги поднесуваат своите политичари, како локалните така и унионистичките. Би можеле да кажеме и поинаку: најлошо е што ги поднесуваат своите политичари. Кога отровните ефекти од политиката на тие политичари ја погодуваат Грција, многу Грци излегуваат на улиците. Така во Грција и летово не е жешко само поради средоземното сонце и не зборуваме за неа само како за туристичка дестинација.

Навистина е интересно е колку малку во суштина се зборува за Грција. Освен креациите на агенциите за односи со јавност на ЕУ, кои вешто ги дозира политичко-медиумската машинерија, едвај да читаме или слушаме нешто друго. ЕУ е во основа непријателски настроена кон секоја продлабочена политичка расправа – за самата себе од почетокот, а за Грција откако ја имаме т.н. грчка криза. Нејзината политика се движи во таа насока.

Ако, пак, се зборува за Грција, не е ништо помалку интересно како се зборува за неа. Постојат два основни модела: доминантниот, кој зборува за должничката криза и финансиските пазари, и маргиналниот, кој во центарот го поставува прашањето за државата и сувереноста. На првиот се врзува неисцрпната хуманитарност и желбата да им се помогне на оние во неволја, која се граничи со спасителство, мисија за спасување не само на Грција туку и на ЕУ. И како кај сите вакви хуманитарни акции, и овде имаме силна поучувачка компонента. Грците треба да ги научиме да работат и да живеат во склад со нивните можности и да ги исполнуваат обврските кои се обидуваме да им ги наметнеме, да штедат и да ги отплаќаат долговите. На друга страна, пак, имаме многу поретки предупредувања дека т.н. решавање на грчката криза длабоко навлегува во грчката сувереност и ја ограничува. На тој начин слабеењето или дури укинувањето на државата како јавна власт, која засега нема алтернатива, создава свет во кој сме препушени на милост и немилост на секој кој е посилен од нас.

Дека т.н. кризни мерки и пакети ја ограничуваат грчката сувереност јасно им е и на политичките сервисери и гласноговорници од т.н. финансиски пазари. Минатата недела на тоа предупредија водечките меѓу примачите на бриселските ренти. Или им се испушти. Но тие господа не гледаат ништо алармантно во тоа. Напротив. За нив тоа е нужна мерка која ја оправдуваат или во педагошкиот или во медицинскиот јазик. Мерка која е потребна за политичко-економското поучување на Грците или за лечење на нивните болести. Од смесата технички изрази, усилени метафори и знаци на внатрешно препознавање, во нивната сè поинцестуозна заедница, на која го сведоа политичкиот јазик, убаво се разбира за што станува збор кај решавањето на т.н. грчка должничка криза. Малку притоа ни помага тоа дека кај т.н. решавање на оваа криза имаме пљачкање и поделба на пленот, што порано или подоцна води до спорови меѓу пљачкашите и нивните секунданти.

Во Германија евроскептичарите успеаја да го довлечкаат владиниот пакет на т.н. помош за Грција на Уставен суд. Наводно, заемот за Грција прекршува одредени членови на европскиот договор и германскиот устав. Ако судот пресуди во корист на тужителите и на владата ѝ ја ограничи „слободата на делување“, банкарите уште сега предупредуваат дека тоа ќе има „крајно сериозни“ последици за „ЕУ и финансиските пазари“. Германскиот народ се спротивставува на тоа нивните пари да ги спасуваат мрзливите и расипнички јужноевропејци. Таквата политичка атмосфера е вода во воденицата на евроскептичарите кои добро знаат дека даночните пари не се наменети за спасување на Грците туку на големите банки: „Фондот за спасување всушност служи за да заштити од ризик одредени големи банки“.

Сличен аргумент изби во изјавите на холандскиот министер за финанасии по разговорот со британскиот колега пред неколку дена. Холанѓанецот ги критикуваше Французите кои наводно во својот проект за спас на Грција се премногу меки кон банките. Имено, тие, според тој нацрт, би требало доброволно да го преземат својот дел од товарот кај т.н. спасување на Грција. Бидејќи не е возможно да се очекува дека тоа ќе се случи, Европа, според зборовите на холандскиот министер, и понатаму ќе го претвора приватниот долг во јавен. Грција ќе позајмува сè повеќе пари за своите даночни обврзници за да може да ги отплаќа сопствениците на тие обврзници.

Значи, парите на европските даночни обврзници не одат за Грците. Одат за европските банки и финансиски шпекуланти. Грција е само заобиколен пат по кој европските јавни средства се приватизираат. Во Грција приватизациската офензива е уште полоша. Грчката влада, која наспроти волјата на своите избирачи, соработува со ЕУ во спасувањето на „финансиските пазари“, на распродажба става државна сопственост во вредност од 50 милијарди евра. На продажба се сите поголеми национални претпријатија, рудници и фабрики. И многу повеќе: пристаништата во Пиреја и Солун, 39 аеродроми, вклучувајќи половина од атинскиот, стотици километри автопатишта, телекомуникации, националната пошта и снабдувањето со вода, гас и струја. Целосна војна без употреба на војска. И окупација: на продажба се илјадници хектари земјиште, меѓу кои и убави делови од брегот и островите. ЕУ се покажува како инструмент со кој посилните членки ја присвојуваат јавната сопственост на послабите (притоа, исцедувајќи го патемно и сопствениот народ).

За грчката приватизација да го заслужи своето име и да успее распродажбата на јавната сопственост, треба да се расчисти теренот. Холандскиот финансиски министер не ги критикуваше Саркозиевите грчки планови од љубов кон Грција. Предупреди дека Грција би можела да биде европска економија во денешно значење на зборот само ако ги намали државните монополистички структури и го омекне ригидниот пазар на труд. На удар се посебно т.н. бирократија и синдикатите. Можеби грчката полиција со таква бруталност се настрви на демонстрантите за да ги спречи оние кои одлучуваат во нивната држава да ја остават да преживее. Се докажа како европска финансиска полиција, како репресивен орган на т.н. финансиски пазари.

Извор: dnevnik.slo

Слични содржини

Општество / Европа
Општество / Европа / Теорија
Општество
Општество
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото