Мизерни медиуми

11.07.2011 14:46
Мизерни медиуми

Денот кога се затвора еден весник секогаш е лош ден за новинарството, па макар станувало збор и за недостоен весник каков што беше „Њуз оф д’ворлд“.

Но, во овој случај затворањето на еден весник не е некаква импозиција, не е политичко наметнување или владина хајка. Што друго му остануваше на Руперт Мардок во ситуација кога јавноста сè пожестоко реагираше на скандалот со прислушување? Што да се прави со неделник од кој се повлекоа рекламите на големите компании, кои секој викенд носеа во касата неверојатни 660 илјади фунти или 40 милиони евра на годишно ниво? Конечно, каква друга опција постои за еден медиумски могул кој мора да го спаси угледот на својата империја и кој сè уште се надева дека ќе стане мнозински сопственик на британската сателитска телевизија? Мардок имаше еден единствен избор, а тоа е да се фрли едно расипано јаболко за да се спаси остатокот од гајбата.

Во вакви ситуации се покажува дека историјата и традицијата малку значат. Најстариот весник од легендарната лондонска „Флит стрит“ уште од 1 октомври 1843 година е златната кокошка за секој свој издавач. Кон крајот на 19 век, весникот се пробива со изнесување детални распити купени од корумпирани полицајци, преку извештаи за полициските упади во борделите, испрашувања проститутки и информации за најкрволочните убиства.

Каков тип весник бил на почетоците „Њуз оф д’ворлд“ говори и една интересна анегдота. Лорд Ридел, кој на времето бил издавач на весникот, бил сериозно разочаран зашто неговиот пријател Фредерик Гринвуд, инаку уредник на весникот „Пал Мал газета“, не го чита неговиот весник, па затоа му испратил еден примерок. Кога бил запрашан што мисли за весникот, Гринвуд одговорил: „Почнав да го разгледувам и веднаш го фрлив во ѓубрето. Потоа помислив дека можеби мојот готвач ќе го пронајде и ќе го прочита, па решив да го запалам“.

Малку нешто е променето во весникот до денешен ден. Ако до вчера знаевме кој е Руперт Мардок, денес дознаваме што правеле неговите раководители за да дојдат до информации. Како црвенокосата уредничка Ребека Брукс Вејд, бескрупулозна и насилна во своите работни методи до степен да најми хакери кои влегле во мобилниот на исчезнато девојче и кои избришале неколку пораки, создавајќи лажни илузии во семејството дека малечката е сè уште жива. Или советникот на посрамениот Дејвид Камерон, Енди Коулсон, кој за истражителите се појави како еден од новинарите што поткупувал полицајци.

Затоа велам каква друга опција имал Руперт Мардок? Зад затворањето на овој весник сигурно не треба да бараме некаква засраменост на сопствениците или нова потрага по етика во новинарството. Едноставно, се прави обид да се спаси поголемиот дел од бизнисот, за кој немам ни најмали сомнежи дека ќе продолжи како и во минатото.

Овој скандал целосно го урна кредибилитетот на британскиот печат. Во помала мера, ова е и првиот поголем скандал за десничарската влада на Камерон, кој имал пријателски односи со истакнати личности од „Њуз оф д’ворлд“. Самостојното регулирање на работата на британските медиуми, што беше должност на посебна Комисија, целосно потфрли и денес е јасно дека на Британија ѝ се потребни нови норми што би инспирирале нови методологии во новинарството.

Е сега, никој не може да го оспори правото на Даунинг стрит да направи целосен скрининг за тоа како работат медиумите, весниците и телевизиите во Британија. Тоа што сакам да го оспорам е релативизацијата што почна да се појавува кај нас и која деновиве ќе се искористи за оправдување на владиното затворање критички настроените медиуми.

Кога чув за скандалот, моја прва мисла беше дека тој медиум веднаш ќе биде затворен. Втората мисла беше колку време ќе им биде потребно на владините спин-мајстори да го искористат овој случај за внатрешно политички цели? Не требаше да чекам долго. Веќе следниот ден владиниот мегафон „Курир“ излезе со текст каде што меѓу повеќето идиотски заклучоци еден особено доминираше.

Демек, ете и во западниот свет се затворале медиуми и тоа оние што плаќале регуларно данок, па ниту ОБСЕ, а ниту која било друга организација не се осудила да се побуни. Тука станувало збор за светска сила, па затоа никој не се осудувал да осуди некого. Во Англија никој не ја обвинувал државата, а и во овој случај новинари ќе останеле без работа, но за разлика од кај нас, овие си ја признавале вината и никого не обвинуваат. Така коментираше „Курир“.

Тоа што ќе следува во наредните денови треба да биде во духот на пораката која деновиве ја испрати и Зоран Димитровски. Медиумите треба да се затвораат од страна на политиката, затоа што тие и биле создадени од политиката. Но, проблемот кај нас не е само мешањето на политиката со медиумите, туку далеку е поопасен фактот што политиката на актуелната власт е таа што ги контролира и ги затвора медиумите. Критичките медиуми во Македонија згаснуваат и поради фаворизирањето на провладините медиуми, поради врските со послушната бизнис-заедница, поради испреплетените односи со послушните сопственици или директори на медиуми.

Еве, јас ќе си дозволам една паралела помеѓу новинарите од „Њуз оф д’ворлд“ и нашите новинари и медиуми што работат за власта. Кај нас проблемот не е во тоа дека медиумите си дозволуваат да навлезат во приватноста на граѓаните и дека се служат со нелегални средства за да дојдат до информации. Кај нас постои нелегитимност во новинарството, што не значи правна одговорност, но претпоставува морална.

Нашите медиуми и новинари страдаат од друга болест. Тие се потчинети и се врзани со власта и со владините бизнис-партнери врз мизерни принципи. Токму затоа во нашето новинарство треба да разликуваме помеѓу незаконското однесување и мизерните постапки што не се незаконски. Кај нашите новинари што потпишале договор со ѓаволот царува автоцензурата, тивкото поддржување, гласното манипулирање и извртување на информациите, ванитозноста дека се потхранувани со информации, дека се блиски или се заштитени од власта.

Затоа велам, нашите медиуми не влегуваат во нашата приватност за да дојдат до информации, што е законски казниво. Тие прават едно друго зло, влегуваат во нашата приватност и секојдневно ни сервираат искривена реалност, стереотипи, релативизации, нешто што е морално ниско и тажно. Тие станаа главен инструмент на власта за вршење терор врз главите на луѓето. Пак ќе повторам, настрана законитоста или не, нема поголем криминал што можат да го направат власта и медиумите од вршењето постојан терор врз здравиот разум, од изложувањето на сопствениот народ на постојана пропаганда.

И погледнете, пропагандата, нашето културно уназадување, нашата изолираност и бесперспективност каде нè доведоа. Како што повеќе немаме реална култура и напредок, така повеќе немаме ниту медиуми што би биле носители на здравата свест. Доживуваме една таблоизација на медиумите, сè повеќе гледаме треш-телевизија, а сè помалку слушаме за важните нешта. Озборувањето, стереотипите, медиумските расправии, полициските извештаи, пропагандата за создавање привиден консензус, тоа е она што доминира во нашите медиуми.

Колку стануваме посиромашни и помизерни, толку повеќе живееме една госипократија, потхранета од спин-докторите на власта. Во таа квазидемократска манипулација се обидуваме да најдеме некакво бегство од реалноста, но бегство нема. Нашиот живот е леб и игри. Но, како што лебот што ни следува сè повеќе се намалува, така растат игрите. Нашите медиуми наместо да зборуваат за лебот што го нема, станаа рекламни плакати за игрите на власта.

Слики: Scot Lefavor

Извор: „Утрински весник“, 11.07.11.

Или рекламни плакати за

Или рекламни плакати за болните амбиции на опозицијата.

ОкоБоли главаВицФото