Оџак

12.07.2011 11:50
Оџак

Изгледа дека сум еден од ретките што верува дека споменикот на плоштадот Македонија во Скопје не е Александар Македонски. Попрво би рекол дека тоа е споменик на непознатиот јунак на непознат коњ. Инаку, како да го протолкувам правецот во кој гледа Александар Велики и кон кој му е исукан мечот. Некако му доаѓа дека гледа источно, поточно северо-источно. Кон Врање и Трговиште, или барем кон Бугарија и Романија. Кој ѓавол Александар Велики би го кревал коњот кон Бугарија? Или кон Власотинце? И тоа во очигледен завојувачки галоп?

Добро, со оглед на фактот дека и Бугарија и Романија се членки на Европската Унија,а Србија, и покрај сè, има повеќе шанси од нас побргу да стане членка на ЕУ, ваквата поставеност на споменикот би можела да се толкува како желба за освојување на Европа. Особено што станува збор за вакви европски гиганти, како што се овие три држави. Зошто би бил Александар завртен кон Франција, на пример? Кoга општо познато е дека станува збор за европскиот декадентен дел, кој воопшто не му прилега на македонскиот хероизам. Да беше Франција добра, немаше Александар Македонски да се злопати по некакви беспаќа за да стаса до Хунзите.

Има, се разбира, и други толкувања. Некои дури одат и до ревизија на веќе официјализираната историја. Навистина, Александар Велики изгледа како да дојавал од некаде и сега го слави поробувањето на главниот град на државата. Во тој случај, тој би требало да дојава од Грција и да продолжи таму каде што ќе продолжи.

Не знам дали Александар Велики бил до Северна Кореја, ама сум сигурен дека креаторите на „Скопје 2014“ сигурно биле на специјализација во Пјонгјанг, па затоа сега ќе се поставува споменик на татко му на Александар со исто толку импозантни, ако не и поголеми димензии. Засега нема информации што е со љубовникот, братучедите и деверот на Александар. Каде ќе бидат сместени?

Во секој случај, поставувањето на севернокорејски споменици во 21-от век во Скопје несомнено е дел од европската визија на актуелната власт. Еве, полскиот амбасадор во земјата изјави дека ако не можеме да влеземе во Европа низ врата, тогаш треба да влеземе преку прозорец. Владата на Груевски е доволно визионерска да сфати дека Европа ќе ни ги затвори и прозорците, па гради онолкави споменици, по принципот на Тројанскиот коњ, кои во одреден момент ќе послужат да се искачиме по нив и во Европа да влеземе преку – оџаци.

Кога бев дете често се прашував зошто Дедо Мраз се малтретира по покривите, а не влегува во домовите како секој нормален човек? Ми објаснија дека времето е студено и луѓето ги чуваат вратите и прозорците цврсто затворени. Дури подоцна ја слушнав приказната за строгиот калиф, кои немајќи повеќе како да ги малтретира своите поданици, наредил да се заѕидаат сите порти во калифатот и луѓето да влегуваат во нив низ прозорци. Кога калифот умрел, го наследил неговиот син, кој морал да направи нешто уште подрастично, за да го задржи авторитетот над рајата. Така, тој наредил да се соѕидаат сите прозорци, а луѓето да влегуваат по дома низ – оџаци. И луѓето, послушни какви што се, влегувале низ оџаци. И одвреме-навреме се потсетувале: „Ах, колку беше убаво кога влегувавме низ прозорци“!

Приказната нема наравоучение. Во суштина, за нас е прилично оптимистичка. Судејќи според изјавата на амбасадорот од земјата што во овие шест месеци ќе претседава со Европската Унија, нам оџаците допрва ќе ни дојдат, па би било во ред да уживаме малку во златното доба на прозорците.

Деновиве во јавноста проструи податок дека САД се задолжени 12 000 милијарди долари. Имаат околу 300 милиони жители, што значи дека се задолжени за околу илјада пати повеќе од Македонија. А Америка ни е стратешки партнер. Се чудам како претседателот Иванов сè уште не го викнал својот американски колега да му продаде ноу-хау за економично живеење во криза. Особено што целиот свет знае дека станува збор за блиски и интимни пријатели, кои едно-две ќе си намигнат меѓу себе. И да му каже: „Види, Барак, ако ние не се помагаме, кој друг“. И онака не знам што би правела американската војска, ако нашите храбри наследници на Александар не им прискокнаа на помош во Ирак и во Авганистан. Конечно, на нашите војници генетски им е предодредено да победуваат на овие терени.

И уште нешто ме збунува: зошто меѓу овие 2014 споменици од проектот „Скопје 2014“ нема ниту една жена. Каде е Лиле Поповска? Ако веќе не ја ставиме, на пример, Сирма Војвода на некаква кобила, тогаш можеме да најдеме некоја современа ВМРО-овка, која прилично помогнала во остварувањето на реформите. На пример, министерката за култура. Или автопортрет на авторката на споменикот за Александар. Мислам дека такви монументи мораат да се направат за да останат во трајно сеќавање на идните генерации. Да потсеќаат на златниот период на македонскиот барок.

Медиумите информираа за уште еден голем успех на охриѓани, и на Македонија, воопшто. Извесен 70-годишен британски државјанин го препливал Охридското езеро по маратонската патека – од Свети Наум до пристаништето. Според луѓето што зборуваа во камера, излезе небаре дека препливувањето на овој пливачки ветеран е резултат на посветеноста на Македонија да придонесе во сочувувањето на светскиот поредок и стабилноста на регионот.

А можеби е и така. Еве, годишни одмори се, а владата, иако само со технички овластувања, не прекинува да работи. И по овие жештини речиси половина Влада заврши во Дубровник. На тешка и макотрпна работа. Какви сè жртви мора да се направат за доброто на државата.

И уште една ексклузивна вест. Речиси помина цела недела, а ниту еден медиум не е згаснат, ниту некој новинар е избркан од работа.

Извор: globusmagazin.com.mk

Слики: Марија Каминска

:)

:)

ОкоБоли главаВицФото