Како да победиш диктатор

13.07.2011 11:46
Како да победиш диктатор

Тор Халворсен: Колку е продрено диктаторството денес во Африка?

Џорџ Ајити: Африка има најмногу диктатори по глава на жител во однос на сите останати континенти. Во 1990 г., само 4 од сите 54 африкански држави беа демократски; денес, 21 година подоцна, само 15 се демократски. Помалку од десет од нив можат да се окарактеризираат како економски успешни приказни, додека слободни медиуми постојат само во десет африкански земји. Некои ова го нарекуваат напредок... Јас не.

ТХ: Тоа значи дека 39 земји во Африка сè уште се под власт на диктатори.

ЏА: И доста ни е! Смачено ни е! На бесните Африканци им е доста од нив. Диктаторите ги предизвикуваат најлошите проблеми во светот: сите тие пропаднати земји и пропаднати економии. Сите матни случаи на корупција, грабање и пљачкосување на државните пари се предизвикани од диктаторите, оставајќи зад себе траги од безобѕирно уништување, грозен масакр и човечки остатоци.

Но погодете кој секогаш го чисти нивниот неред?

Со децении Западот трошеше трилиони долари обидувајќи се да ги убеди, премисли, па дури и да ги поткупи за да ги реформираат нивните политички и економски системи. Дури Западот се обиде да биде попустлив кон нив за да се зближи. Доста беше!

ТХ: Но зарем Западот не треба да им изврши притисок со други мерки, од типот на укинување на заемите од ММФ и меѓународните пакети со помош, како и да им се закани со прекинување на дипломатските врски?

ЏА: Западот мора да сфати дека диктаторите никогаш не биле и нема ни да бидат заинтересирани за реформи. Тие се оглушуваат на разумните совети. Точка.

Диктаторите се алергични на реформите и се вешти преживувачи. Ќе сторат сè за да ги задржат моќта и богатството, без разлика на тоа колку крв ќе се пролее за тоа. Тие се мајстори на мамењето и лажењето, и талентирани манипулатори на кои не може да им се верува дека ќе се променат.

ТХ: Какви средства им се потребни за да се одржат? Сигурно губењето на финансиите од Западот ќе ги попречува?

ЏА: По само четири и пол години во кабинетот, последниот нигериски диктатор Сани Абача успеа да натрупа лично богатство од 5 милијарди долари. Омар Ал-Башир испразни 7 милијарди од Судан, додека Хосни Мубарак од Египет успеа да натрупа лично богатство од 40 милијарди долари! Сите овие пари се украдени од нивните народи.

Дозволете ми да ви го објаснам тоа на следниов начин: вкупната вредност на сите американски претседатели, 43 досега, од Вашингтон до Обама, изнесува околу 2,7 милијарди. Тоа значи дека африканските разбојници украле повеќе од вкупните трошоци за сите американски претседатели.

ТХ: Како еден активист за човекови права се бори против 40 милијарди долари пари за поткуп?

ЏА: Токму тоа се случи во Египет и Тунис. Откако им се смачи од корумпираните ѓаволи, гневните улични демонстранти ги сметнаа диктаторите: Бен Али побегна, Мубарак беше турнат настрана, и уште глави ќе паѓаат.

Но видете, повеќе не се доволни само бучните улични демонстрации. Три суштински начела мора да се следат за да успее една револуција: како прво, обединетата коалиција од опозициските сили е од суштинска важност. Второ, тактиката на диктаторот – силните и слабите страни – мора внимателно да се проучи. И трето, редоследот во реформите е битен; постојат неколку чекори кои мора прецизно да се следат.

ТХ: Редоследот кој штотуку го опишавте можеби треба да се нарече Законот на Ајити. Дали под „коалиција“ мислите на политички сојуз? Зарем тоа не би било тешко во поголемиот дел од овие земји кои страдаат под диктаторството или владеењето на еднопартискиот систем?

ЏА: Мала група продемократски активисти – наречете ги советот на постарите – претставува императив да служи како нервен центар кој стратешки ќе ги планира и координира активностите на различните опозициски групи, граѓанското општество и движењата на младите. На пример, нешто слично на ова е Собирот во Судан во 1985 г., Дунавскиот круг во Унгарија во 1988, Повелбата 77 во Чехословачка во 1989 и Сојузот за промени во Гана во 1995, во кој учествував и јас. Ако диктаторот закаже избори, советот мора да ги поврзе сите политички партии во избирачки сојуз. Во 2010 г., диктаторите ги „освоија“ изборите поради поделената опозиција. За финансирање советот треба да се потпре на иселеничката заедница, а не на Западните донатори.

ТХ: Зошто реформаторите треба да зависат од нивната заедница, а не од Западните донатори?

ЏА: Реформите мораат да започнат со слободата на интелектуалците и печатот. Реформите мораат да дојдат одвнатре – создадени од самите луѓе, а не од Западните влади или финансиски институции. Внатрешно иницираните реформи се далеку пооддржливи и подолготрајни. Самозапалувањето на Мохамед Буазизи ја започна Арапската пролет. Неговата жртва беше ултимативен и екстремен облик на слободата на изразување.

ТХ: Во ред, првин образуваме коалиција, потоа ги бараме слабостите на диктаторот...

ЏА: Тактиката на сите диктатори во суштина е истата: покрај собранието, ако постои такво во земјата, тие преземаат контрола врз шесте клучни државни институции (безбедносните сили, медиумите, администрацијата, судството, избирачките комисии и централната банка), во кои ги вработуваат своите поддржувачи и ги ставаат во служба на своите интереси. За да успее, општонародната револуција мора да се избори за контрола врз барем една или повеќе од овие институции, да ги оттргне од канџите на диктаторот. На Бен Али и Хосни Мубарак им дојде крајот кога војската одби да отвора оган врз цивилите. Истото важи и за Филипините во 1986 и Грузија во ноември 2003, кога безбедносните сили беа мавани со рози (оттаму и Розевата револуција), украинската Портокалова револуција од ноември 2004 го придоби Врховниот суд на своја страна, а пакистанската Црна револуција од март 2007 ја имаше целосната поддршка од судството. Дозволете ми да ви кажам уште три начини за соборување на диктаторското упориште:

Како прво, истргнете ги медиумите од нивните прегратки: создадете пиратски радиа, користете ги социјалните мрежи. Тоа ќе ги ослободи реформите за кои сите ние копнееме толку многу, а не Западњачките проповеди, санкции или притисоци.

Второ, нападнете ги со нивниот Устав. На пример, членот 35 од кинескиот Устав гарантира слобода на говорот, печатот, собирањето и здружувањето. Во Гана, ние го искористивме Уставот и судовите за да го ослободиме етерот, што доведе до зголемување на радио-станиците кои беа инструмент за уривање на режимот во 2000 г.

Трето, диктаторската слабост може да се искористи преку развлекување на нејзината воена сила. Згаснете ја администрацијата и воениот режим ќе крахира. Ќе нема доволно војници за да ги замени административците низ целата земја – вакво нешто видовме во Гана во 1978 и во Бенин во 1989 г. Истото го видовме и годинава, кога уличните протести во Тунис и Египет избија истовремено во неколку града, раситнувајќи ги безбедносните сили.

ТХ: Но тоа не е крајот, нели? Сметнувањето на дикаторот е само почетокот...

ЏА: Ослободувањето од диктаторите е само првиот чекор во воспоставувањето слободно општество. Диктатурите мораат да се расклопуваат. Ние не го сторивме тоа во Африка во 1960-те. Ние ги отстранивме белите колонијалисти и тие беа заменети од црни нео-колонијалисти, социјалисти на Швајцарската банка, крокодилски либералисти, шарлатански револуционери и разбојници со актовки.

Африканците ќе ви кажат: ние се боревме силно да ги отстраниме бубашвабите од власт и следниот стаорец дојде да го прави токму истото. Ова е така бидејќи ние не ја расклопивме диктаторската држава. За да расклопиш едно диктаторство мора некои работи да се прават по ред и во неколку чекори. Ова е како поправка на возилото, каде што поправката мора да се врши по одреден редослед: вие не го поправате моторот ниту инсталирате нови звучници ако акумулаторот ви е цркнат.

Расклопувањето на една диктатура првин бара интелектуални реформи (поттик за слободата на изразување и на медиумите); потоа бара политички реформи (демократски плурализам и слободни и праведни избори), потоа бара уставни реформи (ограничување на слободите на извршната власт), па институционални реформи (независно судство, изборна комисија, ефикасна администрација и неутрални и професионални вооружени сили), и на крајот, економски реформи или либерализација (слободен пазар и слободна трговија).

ТХ: Што ќе се случи ако револуцијата не ги следи овие нешта по тој редослед?

ЏА: Назадувања во револуциите се случија во некои земји поради тоа што реформаторскиот процес немаше никаков редослед или план. На пример, прераната економска либерализација – која наликуваше на „шок терапија“ за Полска, Чешка и Русија во раните 1990-ти – ги произведе вампирите-капиталисти. Институционалните реформи и законските рамки кои беа потребни за да ја направат успешна економската либерализација не беа земени предвид.

Реформите не беа задоволителни, а неколку олигарси ги искористија познанствата и политичките врски за да го приграбат државниот имот по смешно ниски цени и да станат инстант милијардери.

Најразорна за Африка беше економската либерализација пред да бидат остварени сите други реформи. За да биде сигурна, економската либерализација произведува напредок но диктатотрите никогаш не изедначуваат некое поле од таа област. Тие ги спроведуваат само оние реформи кои им носат корист ним, на нивните семејства и нивните блиски. Оние африкански земји кои ја следеа економската либерализација потоа паднаа на политичкиот тест и имплодираа: Буркина Фасо, Египет, Брегот на слоновата коска, Кенија, Либија, Мадагаскар, Тунис и Зимбабве. Во Египет, уличните демонстранти кои го сметнаа Мубарак сега ги уназадуваат неговите реформи за слободен пазар и бараат одговорност од паразитите кои ќарија од сето тоа. Брегот на слоновата коска, која порано се опишуваше како „економско чудо“, сега лежи во урнатини. Кина во моментов се соочува со оваа дилема – ако се отвори политички, Комунистичкјата партија ќе биде избришана, а ако не се отвори, може да се распадне како СССР.

ТХ: Значи, во вашиот говор на Форумот за слободата во Осло вие ќе претставите еден вид мапа за тоа како да се победат диктаторите преку три начела и пет чекори.

ЏА: Точно. Мојот говор ќе им го посветам на многу активисти од Африка и светот кои се споменуваат во мојата книга која наскоро треба да се појави. Диктатурите не се карактеристични само за Африка и затоа ќе демонстрирам солидарност со сите кои се борат за слободата. Со заедничка работа и учење едни од други можеме да ги победиме грозните диктатори.

Џорџ Ајити е претседател на Фондацијата Слободна Африка (Free Africa Foundation) со седиште во Њујорк. Неговата книга „Како да ги победиш диктаторите“ (Defeating Dictators) беше објавена ноември 2010 г.

Тор Халворсен е претседател на Фондацијата за човекови права (Human Rights Foundation) со седиште во Њујорк и извршен директор на Oslo Freedom Forum.

Извор: huffingtonpost.com

Колажи: Леша Курбатов

Like!

Like!

pofalbi za brzata reakcija vo

pofalbi za brzata reakcija vo preveduvanje na intervjuto

Слични содржини

Општество
Општество

ОкоБоли главаВицФото